Имам 30 години, не сум мажена и живеам со својот стар татко кој е многу болен. Животот ми се одвива по едни исти патеки. Трчам по болници, зашто татко ми е на секои два три месеци таму. Одам на работа и повторно по аптеки и со домашни обврски. Запуштена сум, немам волја за ништо. На работа постојано сум под притисок и закани со казни, отпуштање.
Татко ми е речиси постојано во болки и не можам со него да разговарам, а дечкото со кој бев во врска три, години ме напушти и се ожени со друга, која е бремена од него. Не гледам ни мал зрак на светлина во мојот живот. Постојано сум без волја и најмило би ми било кога би можела да спијам со денови.
Невена
Невена дарлинг, токму поради тапкањето по едни исти патеки кои не водат никаде и постојаните закани почнувајќи од продавачката во аптека и нејзиното надмено однесување, па се до претпоставениот кому како да му влегувате во домот и му го отворате неговиот фрижидер, илјадници луѓе ја напуштија оваа територија во потрага не по подобар туку подостоинствен живот.
Меѓутоа, не можеме сите да заминеме, нели?! После кому ќе му мафтаат со прстот пред нос заканувачите?! Ќе ги оставиме ли така, безобразно на цедило?!
Важно е да чекорите, а не само да одите. Со чекорењето еден ден ќе се промени насоката и да се надеваме, ќе ве однесе до некое поубаво чувство, до мир. Не би рекла дека имате проблеми туку повеќе обврски, кои ве замориле и истоштиле. Не знам за што сте квалификувана, но можеби е време да размислите да го промените работодавачот. Мачната атмосфера на работа човека го оштетува трајно.
За момчето што ве напуштило само ви направило услуга: жалете ја таа која ќе се мажи за него.
Во меѓувреме, купете си некој нов кармин со весела боја, ставете малку руменило на образите и прошетајте бесцелно низ град.
Ќе ви кажам една приказна. Некој татко имал два сина. Едниот бил песимист, а другиот оптимист. Еден ден им наполнил една соба полна со лепешки за да види што ќе прават со неа односно, кој подобро ќе се снајде со „проблемот“.
Песимистот веднаш се откажал од било каква намера да се „справува“ со собата. Сметал дека самиот живот е преполн измет и дека е с сосема неважно дали уште една просторија е таква или не. Оптимистот пак, жовијално зел не со лопата, ами со раце да го расчистува нередот. Дури и за неговиот татко ваква амбициозност била премногу.
– Што правиш бре синко?
0 Го барам коњот тате.
– А бре, каков коњ?!
0 Па, под толку многу лајна мора да има коњ!
Можеби не липицанер, но секако, под сите овие срања некаде мора да се крие барем едно пони…
(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)