Сутерен.мк

Магдалена Андоновска: Временската машина ФАП!

„Доживеаме вистински културен шок кога ја видовме опремата на австриските пожарникари. Организирани се во бригади, со себе имаат амбулантно возило, возило-кујна, возило-тоалет, џипови, мотори на две и четири тркала, церадни базени за акумулација на вода на терен. Во цела Македонија нема толку противпожарни црева колку што тие имаат во неколку камиони. Кога ја гледаме таа опрема, имаме впечаток како да сме во некоја временска машина што нѐ однела 200 години понапред”, ќе рече еден жител на Пехчево, кој беше сведок на огнената стихија во неговиот роден крај.

Ако ја читаме оваа изјава, попатно ќе речеме дека овој жител на Малешевијата бил под импресии од сето она што го видел кај австриските пожарникари, бидејќи такво нешто кај нас немаме и кој знае кога ќе имаме. Но, не. Не се работи за импресии. Се работи за точно скенирање на состојбата. За културен шок, кој експлицитно покажува каде и како живееме. Во временска машина која не отишла напред, туку се вратила назад. Во седумдесетите. Кога најнов крик во автомобилската индустрија бил ФАП-от.

Она старо камионче мислиш излезено од некој филм од стара Југославија, што забрзано ( колку што му може душата) тргна да гаси пожари. Оној ФАП што го вози, што ќе рече премиерот, Јоцо Манго од Струмица. А некој ќе рече дека сме 2021 година и 21-век. Да токму таа година и тој век сме ако го гледаме возниот парк на Владата и на еден дел од граѓаните во земјава. Но, сликите што ги гледавме од опожарените краеви на Малешевијата, кажуваат дека сме застанале во годината кога сме го купиле ФАП-от. Од тогаш во земјава веројатно само се менувал возниот парк на Владата, но никако на противпожарните возила, канадерите, амбулантните возила…

Ако малешевци беа шокирани од опремата со која дојдоа Австријците да ни ги гаснат пожарите, останатите граѓани на земјава кои седеа пред телевизорите и се ужаснуваа од сликите на огнената стихија, беа изненадени од фактот дека не се работи за професионални пожарникари, туку за волонтери. Еден дел од нив, како што самите изјавија работат во ИТ компании, кои поради ангажманот во Македонија, морале да користат денови од годишниот одмор, поради тоа што отсуствуваат од своите редовни работни места во татковината. Нормално дека сме зачудени! Шокирани сме.

Не знаеме дека Австријците без оглед каква професија и да имаат, задолжително волонтираат во некаква организација. Кај нас постарите заборавиле, а младите генерации (чест на исклучоците) никој не ги подучил дека треба да волонтираат за доброто на своите граѓани и на својата татковина. Затоа сме шокирани. Веројатно како што и тие се шокирани од нас, кога дознале дека во земјава сите се експерти!

(Авторката е долгогодишна новинарка.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат нужно ставот на сајтот сутерен.мк.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *