Сутерен.мк

Магдалена Андоновска: Ненаучени лекции

И тоа се случи. Русија ја нападна Украина. Вестите за најновата војна се менуваат од час во час. Сликите за напредокот или одбраната на едната или другата армија, ги полнат телевизиските екрани на сите релевантни телевизиски станици во светот. За ужасите што ги носи војната допрва ќе слушаме. Впрочем, има ли нешто за што ние Балканците не сме слушнале. Од војна и конфликти никако да куртулиме!

Сепак, сцените на река бегалци кои си ги напуштаат своите разурнати домови во надеж дека ќе го спасат сопствениот живот и во некоја европска земја ќе почнат одново, ни ги будат сеќавањата кои сите ние длабоко сме ги заклучиле во некој дел од мемориската картичка во мозокот. Заклучени, без можност да се отворат, па дури и како лошо сеќавање, бидејќи спомнувањето на тие слики ни ја враќа горчината во срцето, револтот во душата и не остава да живееме заробени во минатото. И се додека тоа ни успеваше се обидувавме да мислиме на иднината, да фатиме чекор со сегашноста и да направиме сигурни патеки за нашите поколенија. Патеки, кои ќе значат живот без бомби, разурнати домови и броење на жртви во семејството и надвор од него.

Всушност, се чинеше дека цел свет, особено Европа, по завршувањето на втората светска војна работи на овие патеки. Да создаде хармонија меѓу луѓето. Напредок во медицината, образованието, индустријата, науката, економијата… односно, во сите сфери кои ќе го разубават животот на луѓето, ќе го зголемат напредокот на државите, и што е најважно ќе овозможат проток на информации и разбирање меѓу народите. Токму затоа и е формирана таа значајна институција наречена Обединети нации. Институција, чија основна цел е да работи за добробит на сите граѓани на оваа планета. Да го заштити највредното нешто, односно човечкиот живот, и да ги осуди сите оние земји, народи или лица кои посегнуваат по оружје и убиваат недолжни граѓани, ги уриваат нивните земји и домови и ги принудуваат на бегство. Да не потсетуваме зошто постои НАТО, Советот за безбедност, Хашкиот суд…

Кога ги гледаме разурнатите градови во Украина разбираме дека попусто постојат сите овие институции. Сфаќаме дека поддршката од тие што се поголеми и посилни од нас, во сиве овие години наназад била само декларативна. Манифестациска по повод одбележување на некој настан. Си го враќаме филмот и се сеќаваме дека не така оддамна ги гледавме разурнатите градови во Босна и Хецеговина, Хрватска, Србија, Ирак, Афганистан, Либија, Египет… како вчера да ја гледавме таа река луѓе која се обидува да им избега на бомбите и минува безброј граници за да стигне некаде каде што ќе биде добредојдена.Со леснотија ја прифаќавме дефиницијата за тоа кој е агресор, а кој е тој што носи мир и демократија. И се уште го правиме тоа. Бараме виновник и жртва, додека се уриваат градовите како кула од карти. Додека беснее оружјето. И денес ги гледаме истите слики само овој пат од Украина. Додека градовите низ Украина од ден на ден се претвораат во пепел, ние протестираме во мир на нашите плоштади. А што можеме друго? Тие што можат го прават истото, повикуваат на мир од своите работни кабинети.

Сега ми стануваат јасни сликите од Втората светска војна, кога во некои земји хитлеровска армија влегува без испукан куршум и ги освојува. Секогаш се прашував зошто народот на таа земја не пружал отпор? Сега ми е јасно. Сфатил тој народ дека нема кој да го брани, а не е моќен сам да се одбрани. Сфатил дека тие поголемите од него, нема да гинат за него, па затоа одлучувал меѓу две зла. Од оваа перспектива тоа не е предавство. Тоа е спасување на човечки животи.

(Авторката е долгогодишна новинарка.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *