Изминативе денови на социјалните мрежи следев дискусија на едно мое другарче, кое поради изборната еуфорија или, воопшто политичката состојба, не штедеше пофални зборови за одредена политичка личност и опција. И тоа ќе беше сосема во ред, ако истото ова другарче не беше член на затворена вибер група, каде се сесрдно даваше поддршка на другата политичка опција, онаа истата што јавно ја критикуваше.Во еден момент оваа ….ми изгледаше забавно, но во исто време и збунувачки. Како исти или слични зборови можат да се пренесат од една на друга личност. Како еден сомнеж за предавство или корупција на една група се залепува на групата од спротивниот табор. Како европскиот воздух се разредува или згуснува од Центар до Водно, или како бугарските пасоши или братските пријателства се губат, фотошопираат или се добиваат од мрежа на мрежа.
По неколку дена жестока и исцрпувачка дискусија на моето другарче на “двата фронта“, која патем се уште трае, почнав сериозно да размислувам за оваа ситуација. Сосема ги разбирам неговите над човечки напори во одбрана на едната и напаѓање на другата страна, и обратно. Велам разбирам, бидејќи сега ми е јасно како успеа неговата сопруга да ја вработи во една сериозно добра државна компанија, додека себе си се продава како незаменлив и најдобар експерт и за едните и за другите. Веројатно тоа го прави пред секои избори и пред секоја или за време на секоја криза. Во политичките кулоари би рекле дека знае да ги игра византиските игри. Истите оние политички игри, кои некогаш умееле да ги играат и да ги доведат до совршенство, само оние кои ја познавале пред се добро политиката, своите пријатели, своите непријатели и што е најважно го знаеле сопствениот капацитет, врз основа на што ја поставувале границата на дејствување, а со тоа и сопствената амбиција. Веројатно поради тоа што ги почитувале овие правила биле неприкосновени играчи на византиските игри.
Дали нашиве политичари и измеќари на политиката се византиски играчи? Мислам не. Особено овие вторите.Пред се поради фактот што тие воопшто не ја познаваат политиката. Не разликуваат пријатели од непријатели, а најмалку ги познаваат сопствените капацитети. Тие немаат граници. Тие едноставно се експерти во секое и за секое време. Колку повеќе ги читам почнувам да мислам дека се некоја ( науката треба да докаже) чудна генетска модификација на човек и сончоглед. Преживува секогаш, бидејќи е завртен на вистинската страна во вистинско време. Сонцето е власта, а таа е моќ, која и да е. Вистинскиот поглед кон сонцето носи добра благосостојба.Само треба да го знаеш вистинскиот момент на вртење на главата и се разбира да ги кажеш вистинските зборови. Пред петнаесет години и повеќе поминуваше приказната „шефе јас од секогаш бев ваш, ама не смеев да кажам“. Денес со преминот во дигиталната ера оваа парола е променета во знакот “LIKE“. Лајк за шефот со коментар, најдобро кажано, лајк за фотографија на шефот со другарчињата, со коментар преубави, лајк за градоначалниците со коментар, јунаци, лајк за …..сите сончогледи. Вечни во Македонија.
(Авторката е долгогодишна новинарка.)
*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат нужно ставот на сајтот suteren.mk