Во трите часа на интензивната филмска приказна за „таткото на атомската бомба“ се спомнуваат куп имиња за кои е добро да се знаат барем најосновните податоци пред да се влезе во кино салата. Ако веќе не можеме сите да ја сфатиме физиката, барем да го сфатиме општествениот контекст
Точно е дека „Опенхајмер“ е биографски филм за творецот на атомската бомба. Но работата е далеку од едноставна, особено кога се има предвид режисер како Кристофер Нолан. Оваа приказна е испреплетена, па дури и доминирана, од двојноста на третманот кој д-р Опенхајмер го добивал од една страна како најславниот научник на своето време, а од друга како осомничен за соработка со СССР поради своите левичарски убедувања.
Освен тоа, низ филмот дефилираат куп ликови кои на оние кои бегале од часови физика нема ништо да им значат, но чија директна или индиректна вклученост во приказната зборува за едно време набиено со интелектуална енергија и стремеж кон нови пробиви, не само во науката туку и во уметноста. Како и секогаш, покрај толку „Моцарти“ морало да има и по некој „Салиери“.
Луис Штраус (Роберт Дауни Џуниор)
Главниот антагонист во филмот, Штраус (или Строс) бил директор на Комисијата за атомска енергија и иницијатор за одземање на безбедносните акредитации на Опенхајмер по изумувањето на атомската бомба, со што тој е практично прогласен за предавник. Ова е всушност и главен фокус во филмот, кој се занимава со тензиите помеѓу науката и политиката, но и со личната судбина на Опенхајмер кој од најголем патриот многу бргу паѓа во немилост на властите поради наводното овозможување на шпионски активности за Русите.
Штраус започнал како продавач на чевли, потоа станал банкар и службеник кој му помагал на идниот претседател Хувер додека овој го раководел Бирото за храна во текот на Првата светска војна. По Втората светска војна, претседателот Труман го назначува за раководител на Комисијата за атомска енергија и тој станува одговорен за развојот на хидрогенската бомба. Подоцна сакал да се номинира како министер за трговија под претседателот Ајзенхауер, но неговата номинација била отфрлена од Сенатот (точно она сослушување што го следиме во црно-бело во филмот), делумно поради гневот на научната заедница од неговиот третман на Опенхајмер кон кого се однесувал со завист и љубомора.
Џин Тетлок (Флоренс Пу)
Активен член на Комунистичката партија, Тетлок била студентка на Медицинскиот факултет во Стенфорд кога почнала врска со Опенхајмер во 1936. Таа го запознала со комунистичките активисти и ги поттикнала неговите левичарски симпатии. Ја прекинала врската во 1939, иако тој продолжил да ја посетува. Нивната последна средба, во јуни 1943, била следена од агенти на Еф-би-ај. Во 1944, 29-годишната Тетлок била пронајдена мртва во нејзината бања. Повеќето историчари велат дека се самоубила.
Вилијам Борден (Дејвид Дастмалкијан)
Роден во 1920 во Вашингтон, Борден имал диплома по право од Јеил. Во 1949 станал директор на конгресниот Комитет за атомска енергија. Четири години подоцна, веројатно охрабрен, или под притисок на Штраус, испратил писмо до директорот на Еф-би-ај, Џ. Едгар Хувер, во кое сугерирал дека „Опенхајмер е агент на СССР“. Ова било иницијална каписла за сослушувањето зад затворени врати (кое го следиме во филмот, во боја), во врска со наводните комунистички врски на научникот и неговиот пад во немилост.
Едвард Телер (Бени Сафди)
Докторирал физика во Германија и подоцна работел како професор на Универзитетот Џорџ Вашингтон, станувајќи американски граѓанин во 1941. Познат по своите истражувања на нуклеарната енергија, тој се придружил на тимот на Опенхајмер во Лос Аламос (наменски изградената населба за научниците и нивните семејства), каде работел во одделот за теориска физика.
Телер бил опседнат со развојот на хидрогенската бомба, поради што влегувал во конфликт со другите членови на проектот Менхетен. Откако СССР тестирале атомско оружје во 1949, Телер станал главен промотор на развојот на хидрогенски бомби со што САД би имала предност.
Подоцна сведочел против Опенхајмер на затвореното судење (иако не одрекувал дека човекот е патриот), со зборовите: „Повеќе би сакал виталните интереси на оваа земја да бидат во раце на човек кого го разбирам подобро, и оттаму и повеќе му верувам“.
Дали Опенхајмер навистина го сретнал Ајнштајн?
Да, тие биле колеги на Институтот за напредни студии на Принстон. Се познавале долго време, но дури во последната деценија од животот на Ајнштајн станале „нешто како пријатели“. Сепак, Нолан признал дека ја измислил клучната сцена помеѓу двајцата која се повторува низ филмот. Ајнштајн го игра шкотскиот актер Том Конти, кој беше номиниран за Оскар за својот портрет на поет-алкохоличар во филмот „Рубен, Рубен“ од 1983.
Нилс Бор (Кенет Брана)
Брана играше во претходни филмови на Нолан, како „Данкирк“ и „Тенет“. Тука се појавува во улогата на нобеловецот, данскиот физичар Нилс Бор (и без потреба крши јазик на данско-англиски), кој на некој начин бил ментор на Опенхајмер и на други научници од неговата генерација.
Вернер Хајзенберг (Матијас Швајгхофер)
Опенхајмер околу себе имал куп соработници и пријатели во редот на тогашната физичарска елита, главно составена од еврејски научници. Присуството на Хајзенберг на овој список е од голема важност, бидејќи само за нивниот однос би можел да се направи посебен филм. Тој бил главен научник во германската програма за нуклеарни оружја во текот на Втората светска војна, а единствената причина зошто не бил прв што ја измислил атомската бомба била Хитлеровата глупост – тој не му дал доволно ресурси, во споредба со оние кои Рузвелт му ги дал на Опи.
Една од причините била што овој бил Евреин, но и затоа што Хитлер бил позаинтересиран за оружја кои можел да ги разбере, кои биле конвенционални и развиени од Вернер фон Браун, ракетен научник кој ги измислил В-2 ракетите кои ги убивале Лондончаните во последната година од војната. Интересно е дека истиот тој фон Браун на крај станал американски херој: една од неговите ракети ги испратила луѓето на месечината.
Дејвид Л. Хил (Рами Малек)
Оскаровецот за „Боемска рапсодија“ го игра експерименталниот физичар од Чикаго, со кратко но клучно појавување на крајот од филмот кое ќе го смени текот на настаните.
Едно од поинтересните појавувања на научник во филмот е она на Ричард Фајнман, кого можете да го познаете само ако знаете дека дечкото кој во две сцени свири бонго би морало да биде тој.