Сутерен.мк

Втората „ветена земја“ на планетава

Канада е огромна и многу далеку од Македонија и малку е еден месец за да се види, се што треба да се види и почувствува. Настрана што скап е патот до таму за просечен македонски граѓанин. Но, како што велат – „вредеше за сите пари“. Особено, ако имате домаќини, какви што ние имавме: огромно фала на семејствата Михајловиќ, Голубовиќ и Мозес, што не прошетаа, нагостија, толерираа и безрезервно тинтраа кога ни паѓаше моралот, кога ќе си спомневме од какво социјално и политичко опкружување доаѓаме и на кое треба да му се вратиме. Фала им бескрајно на Ивана, Николина, Александра, Горан и Ален пред се, па на Деса, Сузан, Дејвид, Славица, Раско, Игор, Дијана, Гоце…, што покажаа крајно несебично однесување и разбирање.

А сега, накусо за тоа каде бевме… 

Канада е поделена на десет провинции/покраини, а 75 отсто од населението е сместено во Онтарио, Квебек и Британска Колумбија. Сите покраини имаат еднодомно законодавно собрание, раководени се од премиер, слично како и на федерално ниво. Земјата е втора по големина држава на планетава. Ние престојувавме во Онтарио, огромно пространство, беспрекорно инфраструктурно практично, функционално, питомо и пријатно. И никаде, никаква мегаломанштина, самоволие, излишен кич и загрозување на просторот на другиот до тебе, во било која смисла. (Освен, канадското национално знаме, кое се вее пред секоја втора куќа.)

Канаѓаните имаат втор највисок квалитет на животот во светот, веднаш после Финска. Со вишо или високо образование е 51 процент од населението.

Секој кој сака да работи може да заработува и напредува. По улиците ќе сретнете и по некој пијан или надуван, но луѓе кои просат едноставно, нема.

САД не само што делат граница со Канада, туку е и најголемиот трговски партнер на земјата – 75 отсто од целиот извоз на Канада оди во САД.

Таа е третата најбогата нација на Земјата со природни ресурси – трета е по големина и кога станува збор за резерви на нафта, како и индустрија на минерали. Канаѓаните плаќаат половина од износот за здравствена заштита што го плаќаат Американците.

Повеќе од половина од езерата во светот се наоѓаат во Канада. Езерата Супериор (прво по големина), Хурон, Мичиген, Онтарио и Ири се најголемите. Езерото Онтарио се наоѓа на границата помеѓу САД и Канада. Езерото ги дели американска сојузна држава Њујорк и канадската покраина Онтарио. Површината му е 18 960 км2, долго е 311 километри, широко 85 километри и длабоко 244 метри. Дваесет отсто од слатката вода на планетава се наоѓа во Канада.

Воздухот е чист, водата многу мека, чешми, јавни тоалети и Тим Хортонс – местата за кафе, крофни, сендвичи и пијалаци има и каде што нема населен ниту еден жив човек. И се е беспрекорно чисто и функционално, со тоалетна хартија, сапун, брисачи, сушари… За, ако случајно, некој налета…

Онтарио е рамница (нема планини, ни високи ридови, но зеленилото е насекаде), економски најразвиена и најнаселена од покраините во земјата. Најмногу има Англичани, Шкоти, Ирци, Французи и Германци. Неретко во Торонто и Мисисага се слуша француски на улица.

Околу педесет проценти од Канада се состои од шума, што претставува десет отсто од светските шуми. Торонто е најголемиот град во земјата и еден од најкултурните градови во светот.

Канаѓаните ни го дале керозинот, инсулинот, електронските микроскопи, моторните санки, кошарката…, но ги почитуваат и туѓите доприноси.

Кечап чипсот и јаворовиот сируп се едни од најомилените прехранбени производи во земјата. Меѓу најпопуларните јадења е и Пут-ин, помфрит, мелено месо и сирење од Квебек (ништо особено, ако се прашува потписникот на овие редови). Онтарио е дом и на пржениот десерт познат како Опашката на дабар (долгнавеста мекица со чоколаден крем и други слатки додатоци врз неа).

Канада има најмногу продавници за крофни по глава на жител од која било друга држава. Националното пиво на Канада е Молсон, а најпопуларното сирење е чедарот.

Името Канада доаѓа од зборот „каната“ на индијанците Ирокези околу реката Сент Лоренс кој означувал село или населба. (Во Онтарио Индијанците не живееле во вигвами, туку во дрвени градби наречени Долги куќи.)

Денес Индијанците т.е. домородците тешко се препознаваат во морето народи во земјата, па дури и во „резерватите“ тие се измешани со другите раси и етноси. Кај нив купувавме цигари за едно евро од кутија, бидејќи во „официјалните“ продавници, најефтината кутија цигари беше околу 12 евра. (Ослободени се од некои давачки кон државата, па затоа нивните производи се многу поефтини.) На секој чекор постојат легални продавници за марихуана, но на „тутунарите“ се гледа со доза на презир – затоа и ретко ќе видите некого со цигара на улица.

Се сретнавме и со Амиши и Менонити кои се најчесто фармери. Не сакаат фотографирање.

Првите европски доселеници во оваа земја биле Викинзите, кои околу 1 000-та година се населуваат на брегот на Атлантикот, во областа денес позната како Ланс о Медоу. Велат дека еден од петмина Канаѓани е роден во странство, односно имигрант. Меѓутоа, без разлика на бојата на кожата, сите се неверојатно љубезни, па  стануваат на моменти и напорни за нас, балканците, навикнати на грубост и непочитување. Дури и непознати луѓе на улица знаат да ви кажат „здраво“, „добар ден“, „како сте“…

Муштеријата е во право и кога не е во право.

 

Семафорите им се на спротивната страна, да не морате да го скршите вратот гледајќи низ шофершајбна кога ќе се смени светлото во зелено. Никој никому не му свири. Сите стрпливо ги почитуваат сообраќајните знаци и прописи. На автопатите дозволена максимална брзина е деведесет километри на час, со толеранција од десет плус. Ни километар над тоа. Затоа е и многу гревно кога ќе видите некој како го малтретира своето ферари или мустанг на автопат. (Исто како оние со џиповите по скопските улици.) Има многу„тесли“ по патиштата, но главно, американски и јапонски возила, а од европските – мерцедес и бе-ем-ве.

Полицијата во Торонто е една од најефикасните, најпријателски и најпочитувани полициски сили во светот.

Сепак, број еден им се пожарникарите. Опремени со најсовремени апарати, тие се првите кои доаѓаат кога има било каде и било каков несреќен случај. Општо, државата се грижи за своите граѓани.

Па така, културен шок ни се случи, кога во соседството каде што престојувавме, му се слоши на еден пензионер. Први дојдоа пожарникарите, па брзата помош, па полицијата. Вкупно, осум возила со околу триесеттина луѓе. Кај нас, на погреб нема толку да ти дојдат.

Речиси шеесет отсто од новите имигранти доаѓаат од Азија. Канада има највисока имиграција по глава на жител, што е резултат на економската политика на државата. Секоја година се доселуваат околу 250 000 лица. Густината на населението е меѓу најниските во светот – 3,5 жители на квадратен километар.

Канада има околу 150 000 жители со потекло од Македонија.

И уште нешто: ценкањето по продавници (особено, ако станува збор за последни парчиња облека, обувки, апарати…) не е реткост и не, нема многу предебели луѓе. Секако, ги има повеќе од Македонија, но мнозинството е со просечна телесна тежина.

И да, различни се од Американците. Сеедно што повеќето слушаат кантри музика.

Б.Д.Н.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *