Сутерен.мк

Маслото „Брилијант“ поевтини за 40 денари

Маслото е поевтинето, а цената на репроматеријалите мирува, констатираше денеска извршниот директор на „Витаминка“, Сашо Наумоски при денешната посета на премиерот Димитар Ковачевски на фабриката „Брилијант“ во Штип, која е дел од групацијата на „Витаминка“.

„Цената е падната за скоро 40 денари и ние се трудиме и понатака цената да ја намалиме и да ја донесеме, ако е можно да дојде до цените од пред три години што беа. Цената најмногу зависи на нашиот производ од суровината“, истакна Наумоски кој додаде дека нема да ги користат владините поволности за поевтина струја за прехрамбената индустрија од први декември, бидејќи имаат инсталирано фотонапонски централи.

Ковачевски пак порача дека во период на тешка економска криза домашните капацитети за производство на основни прехранбени производи, меѓу кои и маслото за јадење, се ставени во полн капацитет, а мерките кои што беа донесени од Владата имаат за цел да се избегнат ценовните шокови и да се заштитат граѓаните.

Тој нагласи дека согласно податоците, кои ги објавија деновиве, вкупно 518 субјекти, од кои 235 производствени капацитети на основни прехранбени производи се пријавија за снабдување со електрична енергија со пониски цени преку „ЕСМ Продажба“ и тие ќе бидат снабдувани со струја по цена од 85 евра за мегават час, која треба да влијае на намалување на цените на основните прехранбени производи.

Премиерот истакна дека на први декември ќе се видат и првичните резултати на пазарот од мерката за поевтина струја и според сите параметри се оекува намалување на цената на производите за најмалку десет отсто.

-Исто така, би напоменал дека за компаниите од прехранбениот сектор најважно е да имаат домашна суровина, затоа ставаме силен фокус на зголемување на примарното земјоделско производство. Конкретно во случајот на домашното производство на сончоглед“, додаде Ковачевски.

Во маркетите може да се забележи пад на цената на зејтиниот изминатиот период кај повеќето брендови. Зејтинот значително поскапе непосредно по почетокот на руската воена инвазија во Украина, поради стравот за репроматеријали бидејќи Украина е меѓу најголемите производители на сончоглед во светот. Македонија пак со години го намалуваше домашното производството на оваа култура.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *