Сутерен.мк

Машки мираз

Наскоро ќе се мажам и со сопругот ќе почнеме заеднички живот во изнајмен стан. Веќе се подготвувам и ги пакувам работите што мајка ми со години ги подготвувала за мене, за денот кога ќе се омажам. И јас и сопругот работиме, немаме големи плати, но задоволни сме. Мислам дека ќе ни биде супер. Ама деновиве мајка ми ме загрижи кога ме праша што мојот дечко ќе донесе во станот? Кога ја прашав, а што треба, таа ми рече дека секако мора нешто да вложи. Или предмети или да донесе пари. Не може, ми вика да си дојде само со торбица, а ти да го наполниш станот. Не знам што значи ова. Зарем треба и тој да донесе перничиња, јоргани, кебиња?
Зора

Зора дарлинг, не мора да донесе миленца и корнизи за завеси. но белким нема да морате и чорапи да му купувате!? Мајка ви е загрижена за вас и не сака претпоставувам, целиот товар околу уредувањето на вашиот иден заеднички простор да падне само врз вас. Со право.

Исполнети врски се оние каде и двајцата партнери се рамноправни. Впрочем, зошто мора само девојката да внесува работи во домот. Можеби тоа се подразбира(ло) кога мажот обезбедувал место за живеење, а жената требала да дополни со „детали“.

Кога ни еден од нив не се вселува кај другиот, би требало да бидат рамномерно поделени обврските. Кога тогаш, едниот ќе му префрли на другиот дека вложил повеќе.

Впрочем, настрана вашава ситуација, мислам дека секој родител треба да мисли на тоа дека неговото дете еден ден ќе посака да се осамостои, сеедно дали е тоа машко или женско, сеедно дали ќе живее сам или со партнер.

Колку што е во неговите можности, мора да му го олесни тој почеток. Дали со пари (што е најдобрата варијанта), дали со предмети, дали со физичко ангажирање…

Мажот како и жената пожелно е да има мираз.

Бидејќи ги заборавивме овие основни правила при потпишувањето на брачниот договор, станавме нација на луѓе кои немаат друг избор освен, само да чекаат да им умрат родителите…
(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *