Сутерен.мк

Мери Кицовска: Сите бараме вентил низ кој ќе си го олесниме животот

Мери Кицовска (1977 година, Скопје), во 2001-ва заминува  за Рејкјавик, Исланд каде што живее и работи сѐ до 2009 година. Се вработува во еден од најреномираните хотели во светот, „Радисон Блу 1919 Хотел“ и таму се здобива со потребните вештини за планирање на проекти, буџетирање, професионално работење на проекти со високи профили кои ги изучува во Бизнис школата на Резидор Хотел Груп и училиштето за Маркетинг на туристички агенции – УФТАА, ИАТА. Посетува и часови по исландски јазик во училиштето Намсфлокар Рејкјавикур каде што го изучува и усовршува исландскиот јазик.

По враќањето во Македонија работи на различни позиции, го завршува факултетот по англиски јазик, а потоа отвора и уметничка галерија „Артерама“ низ која, поради големата љубов кон уметноста ги реализира своите цели и го имплементира свото севкупно образование и искуство. Во моментов работи како фриленс преведувач од повеќе јазици, (англиски, исландски, српски и хрватски), а истовремено се занимава и со енергетско – телесни и вербални третмани за подобрување на духовната, менталната и физичката здравствена состојба на човекот.

  • Како се случи да заминете во Исланд?

– Веројатно љубопитство. На причините веќе не се ни сеќавам. За мене 2001-та е веќе далеку. Знам само дека на тие години, како и на денешнава младина, љубопитството ми беше на максимум. Откривање нови светови, култури, стилови и филозофии на живот. И баш поради тоа љубопитство, го пропатував светот. Европа особено, „уз-дуж и попреко“. Благодарна сум си за сопствениот избор кој ми донесе изобилство на искуства, пријателства и сеќавања кои и ден денес ги негувам.

  • Што научивте во хотелиерството?

– Од моето работење во „Радисон Блу“ и сите обуки и пракси си го потврдив она што веќе и предходно го знаев. Дека, кога нешто се сака, сѐ се може, и е лесно. Човечноста првенствено. Поддршката, непосредноста, ранливоста, заедништвото кои ги имавме со тамошниот тим не држат сплотени, како во тие, така и во овие денови. Тоа е за мене тим, во вистинска смисла на зборот. Секој е тука за секого, во секое време и место. Градењето меѓучовеки односи, особено на работното место се она со што една фирма успева, расте и се развива. Да се има таков тим е реткост, тим кој е сплотен, весел, насмеан, задоволен лесно се справува со сите предизвици кои ги носи самата работа.

  • А од Исланд и Исланѓаните?

– За Скандинавците, вклучувајќи ги и Исланѓаните се верува дека се „ладен“ народ. Јас тоа искуство го немав. Баш напротив, секогаш срдечни, кога се во можност тука се за поддршка и помош. Нормално си имаат свои ставови и стандарди кои неприкосновено се подразбира да се исполнуваат од сите, без разлика дали станува збор за локално или дојдено население. А Исланд како дестинација е нешто што барем еднаш секој мора да го посети. Тоа е моја лична препорака. Таква природа нема на ниту едно друго место на планетава. Исланд е своја, засебна планета на Земјата.

  • По што се разликуваме, а по што сме слични?

– По сѐ се разликуваме. Од клима, од временска зона, од стил и начин на живеење, па до мода, музика, култура и животни приоритети. Искрена да бидам, сличности не можам да најдам освен што за мене Исланд секогаш бил, е и ќе остане мојот дом како што е и Македонија.

  • Исландскиот јазик важи за еден од потешките за учење. Вашето мислење?

– Па, да. Исландскиот е еден од северногерманските јазици. Ова ќе го разберат лингвистите. Оваа група потоа се дели на индоевропски, западногермански и источногермански јазици. Оваа група народски е позната како нордиски јазици. Навистина тежок. Секој збор се членува, па има деклинации, па времиња, па падежи. Прилично комлексен. Англискиот ми е втор мајчин (по македонскиот), а благодарение на тоа што учев латински, италијански, секако и српскохрватскиот на времето, исландскиов навистина ми беше предизвик, кој по определено време ми отвори нови врати и можности, како од напредување во кариерата, па сѐ до преведувањето на литература од исландски на македонски јазик на што сум особено горда.

  • Преведувате и од англиски. На кој јазик ви е полесно, на кој поинтересно?

– Да. Преведувам и од англиски, српски, хрватски… Како што споменав, сѐ што се сака е лесно. Па така и овој случај. Преведувањето за мене е посебна уметност. Како во сликањето, пишувањето, било која рачна изработка. Играта на зборови, преносот на нечија мисла, емоција ми е забава, без разлика од кој на кој јазик. Тоа е волшебен и магичен свет кој јас ја имам таа привилегија да го „пренасочувам и моделирам“.

  • Едиствен преведувач сте од исландски во Македонија. Имате ли доволно ангажмани за тоа, има ли интерес и за што најмногу?

– Последните информации ми се дека сѐ уште сум единствениот преведувач од исландски на македонски. Ангажмани никогаш доволно барем за она темпо за кое јас би сакала да го има. А интерес има, да. На почетокот ми беше чудно, како тоа илјада примероци од превод се продаваат за шест месеци, можеби и помалку. Сега веќе ми е јасно. Очигледно, читачката публика во Македонија е „захтевна“. До сега имам преведено преку дваесет наслови (само од исландски на македонски) сите од различни области. Од трилери, до детска научна фантастика, фантазија, историски тематики, сликовници, како и теми за дечиња во предшколска возраст. Токму оваа разноликост ме прави особено среќна.

  • Што значи: телесни и вербални третмани за подобрување на духовната, менталната и физичката здравствена состојба на човекот?

– Знаеш како велат – тоа што го бараш, тоа и ќе го најдеш. Па така и јас си ги најдов алатките на Access Consciousness. Започнав со Аксес Барс, како практичар уште пред две години. Се сеќаваш, на она лудо време кое го викаа корона и живот како муви без глави. Сите си баравме некаков издувен вентил, низ кој ќе си го олесниме тогашното живеење. Уште веднаш ми стана јасно колку овие третмани ослобдуваат од тага, нервоза, напнатост, несоници, кошмари, стравови. Колку повеќе примав повратни информации од клиентите дека се повесели, понаспани, спомирени толку јас повеќе добивав кураж да се едуцирам и за обучувач. Сега веќе, освен Аксес Барс третмани, одржувам и обуки за оваа техника. Па да ја искористам оваа можност, да ги поканам сите…

  • Имате интерес во повеќе полиња. Каде најмногу се наоѓате?

– Интересот ми е шанеролик, како виножито. Не би издвоила посебна област. Сѐ се тоа фази во животот кои ми помогнале да се осознавам, развивам и надоградувам како личност, на што сум си посебно благодарна. Сѐ што креирам и создавам ми е особено мило и ми причинува посебно задоволство. Тоа се мои лични избори и мои лични креации. Секако, секогаш околу себе имам луѓе со кои сме си поддршка, допринос, непосредност со цел реализација и актуелизација на заедничките задоволства, без разлика дали станува збор за превод на некое дело кое си има процес од апликација па, сѐ до полица, или станува збор за Барс обука. Се радувам што луѓето ме препознаваат и среќна сум што бираат убавини за себе.

 

Редакција „Сутерен“

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *