Сутерен.мк

Милена Дравиќ: Дама под ембарго!

Кога ќе ја видите, првото чувство што го имате е она дека гледате во жив споменик. Споменик на едно време, луѓе, настани… уметност. Во неа ќе сретнете и сојузник во сеќавањата, но за жал и некој кој (веќе) не ви припаѓа. Како и да е, можеби поважно е што Милена Дравиќ, беше и остана љубезна, одмерена, шармантна…

  • Повторно сте во Македонија? Како се чувствувате?

-Цела ноќ патував, но сепак, и покрај заморот, се чувствувам одлично. Добро е кога човек понеделнички е убаво расположен (денот на разговоров, н. заб.). А тоа чувство е пред се, бидејќи сум повторно со вас. За мене е голем комплимент што сум тука. Покрај претставата што ја играв пред три години, (во градовите низ Македонија), покрај публиката која е прекрасна, јас тука имам и многу пријатели, познајници со кои секогаш ми е мило да се видам. Порано престојував често и долго во вашата земја, секогаш срдечно примена, така што радоста е неизбежна при секое доаѓање овде. Се надевам дека вечер ќе има публика и дека ќе успеам да го совлдам просторот на МНТ.

  • Освен овој текст („Милена Дравиќ во светот на мажите“ на Душан Радовиќ, режија – Милош Радовиќ), што уште работите? Што е со филмот, телевизијата..?

-Работам доста во театар… А овие неколку години кај нас многу малку се снима. Од она што се сними, немаше некои улоги кои би ми прилегале мене или на колегите од мојата генерација. Јас никогаш не сум била човек, кој се наметнува, секогаш сум одела на покана. Таму каде што ќе ме викнат. Не припаѓам на никакви групации, кланови, политички кругови… можеби е тоа причината што не ме викаат. Последно нешто што снимив беше комедијата „Трета среќа“, каде што играв една гатачка, комедија што помина многу добро кај публиката. Тоа што ретко снимам е можеби и поради тоа што голем број актери, меѓу кои и јас, последниве неколку години бевме под „ембарго“.

  • Како го „заработивте“ ембаргото?

-Па, некому ќе му падне на ум, како што тоа обично бива, дека некои луѓе не се подобни и – толку! Некому му пречеше нашето мислење за некои работи т.е. за оние што носат некакви одлуки.

  • Како е да се биде денес актер во Белград?

-Верувам дека зборувам во името на многу мои колеги. Не знам зошто, но сите некако се потрудија да ја понижат оваа професија. Да и го одземат достоинството што го имаше. Политиката влезе во се. Ги премина сите граници. Уметноста е потполно запоставена, не само актерството. Можеби само кај актерите тоа повеќе се чувствува, бидејќи другите уметности се поиндивидуални. Нашата професија си имаше свое место што веќе го нема. Потоа, се е страшно комерцијализирано. До таа мерка што воопшто не се размислува за квалитетот на улогите. За креација да не зборуваме! Невиден наплив на лоши текстови. Прифаќаат улоги колку да преживеат. Сите подлегнаа на „епидемијата!“

  • Се сметате ли за имуна?

-Се што сум работела, на ТВ, театар, играни проекти… во се што сум учествувала, било квалитетно. Од моите осумдесет играни филмови, од сите тие серии, драми… не велам дека сето тоа било генијално, но добар дел било. Во секој случај, не било лошо.Доказ е нивното постојано репризирање (од кое патем, не добиваме ни денар). Тука би бил и одговорот на вашето прашање дали снимам… Никогаш не би прифатила да играм некаде само поради пари! Ако треба да се преживее има и други работи што можат да се сработат, а не да се понижува својата професија. Тоа веќе го прават другите. Веројатно ќе тргне кон подобро. Веќе се најавени неколку проекти што (познавајќи ги луѓето кои ќе ги работат) верувам дека ќе бидат добри. Оние работи кои ни се случија последниве четири години веројатно придонесоа за ваквата ситуација. Сега, кога нештата се средуваат верувам дека се ќе се среди. Всушност, мора да се среди.

  • Како е да се биде слободен уметник во овие тешки времиња?

-Тоа беше тешко и порано. Тоа беше и е голем хазард. За сите оние што го имаат тој статус. Особено последниве години. Меѓутоа, штом сите овие години издржав, ќе издржам и понатаму. Се додека ме служи здравјето и духот.

  • Како е да се биде жена – актер во светот на мажите?        

-Тешко. Особено на овие простори. Бидејќи тоа е балканска приказна. Можете да направите било што, да успеете, да се изборите, докажете… но сепак, мажите се тие што оценуваат. Така е во сите професии. Жално е тоа што нема да се промени уште долго време.

  • Што би им порачале на своите млади колешки?

-Не само на колешките туку и на колегите. Ним им е ужасно тешко. Кога јас почнував, барем просторот беше поголем! Иако, за еден уметник секој простор е мал. Сега, тој е уште поограничен. Можеби ќе свучи иронично, но би им рекла да имаат трпение. Има доста потенцијал меѓу младите актери. Многу талентирани, вредни луѓе. Штета што како што веќе реков, немаат многу шанса тоа да го покажат. Бидејќи целата продукција е страшно намалена. Младите генерации имаат упорност, дрскост (во позитивна смисла) и јас само би им рекла:„ Секоја чест!“

  • Можете ли да направите една паралела: Милена пред 15 години и Милена – денес?

-Па, ако мислите на физичкото… уште како!? Пред 15 години… Па пред 15 години беше Канската награда. Пред 15 години беа некои други времиња. Добри времиња. Да, беа тоа добри, убави времиња. Ете, сега ме потсетивте… Но, јас не сум човек кој живее од спомени. Особено не како актер. Сметам дека сктерот постои во сегашноста. Тоа е професија во која единствено е важно што можеш да дадеш сега и – овде! Тоа е најважното.

  • Задоволна сте од досега постигнатото?

-Би било неправедно да кажам дека не сум. Сум работела многу и на сите медиуми… За жени – актерки има мал број улоги. Во тој поглед јас сум повеќе од задоволна. Многу е важно во животот да го работите она што навистина го сакате. Јас го работев неспречена од никого и ништо. Тоа не е малку. Мене ми е само жал, што кога човек е се уште во некоја добра кондиција, кога се уште има што да даде од себе, нема некоја голема шанса за тоа. Со годините е стекнато искуство, зрелост, нештата во вас се сложиле, сите оние немири што сте ги имале – стивнале… Јас и денес имам трема, но сепак, тоа е некако посмирено… Со сето ова во себе, можат да се направат чуда! Но, не снајде сето ова што не снајде, па просто човек нема каде да ја пласира својата енергија на вистински начин. Поради тоа ми е жал. Не сум незадоволна, но ми е жал.

Актерот Драган Николиќ и беше трет сопруг
  • Милена Дравиќ, приватно…?

-Живеам здодевно. Белград беше еден од најбезбедните градови во Европа. Денес тоа не е. Атмосферата е таква што најсигурен си дома. Сите тие истрели, криминал, умирања… ве прават да се чувствувате загрозено како граѓанин. Слободата на движење ја нема! А кога тоа го немате, приказната е звршена. Единственото место каде што се уште одам е театарското бифе. Сепак, најчесто сум дома каде ми доаѓаат пријателите или јас одам кај нив. Се друго би било „комар“ со сопствениот живот.

  • Долго време сте во брак со Драган Николиќ што не е многу често во уметничките кругови. Ваша заслуга или…?

-Дека сме долго, долго сме. Уште малку, па сребрена свадба. А за тоа сме заслужни и двајцата. Јас сум поприлагодлива, посмирена додека Драган е подоминантен, па така сме се усогласиле некако. Како и секаде, имаме кризи и убави моменти. Низ сето тоа сме поминувале и поминуваме. Колку ќе издржиме, кој прв ќе потклекне, останува да видиме, нели!?

 

Бранка Н. Доневска

„Екран“, 1996 година.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *