Сутерен.мк

Михаил Ренџов: Верник во надежта

“Ако постои Господ, нека ги подотвори очите и за Македонија.. Во еден псалм јас велам: ‘Ако и нас си нѐ избрал меѓу небесните, меѓу избраните, те молиме, о Боже, друг народ избери, друг народ земи, зашто од дележите и колежите уште нѐ болат раните, а од лелеци и молитви останавме неми. Навистина, доста беше!’“

 

Со авторот на „Апокалипса“, „Јас оксиморон“ и „Псалми“ разговаравме за хипокризијата и за конвертитите, за катастрофата што ја донесува данокот за книгите и весниците, за „вечната и бесконечна“ Македонија и верата и вербата во неа, за „скротениот збор“ и „распнатиот поет“ и за „модрите во градите од родољубие“ и „глобалистите“… за Нерези не разговаравме. Тоа е во срцето и во стиховите на Михаил Ренџов, поетот „од глава до петици“

  • Како „најгрешниот меѓу грешните“ се снаоѓа и преживува во „времето на големото лицемерие“?

– Лицемерието си постоело и ќе си постои, бидејќи човекот ги има и ги носи сите свои слабости. И прељубата, и комарот, и пиењето, сето тоа се човечки моменти и атрибути, зашто уште од античкото време е речено – ништо човечко не ми е туѓо. Меѓутоа, лицемерието го сметам за најголем грев, зашто лицемерот дури може да биде и совршен верник, а да го има јазикот на Сатаната. Тоа малкумина го разбираат. Ласката, лажливите насмевки, додворувањето…, се јазик на Сатаната. За мене тоа е најлошата страна на човековиот карактер и затоа јас над сѐ ја ценам отвореноста и чесноста. Ако е неопходно, подобро е со некого и искрено да се искараш и да се испцуеш, отколку да лицемериш, да го скриваш своето вистинско чувство, својот вител со кој го доживуваш светот. Така не се создава свет на правдата и честољубието во христијанска смисла, туку само сатански свет.

  • Често сте носталгичен по времињата кои денес многумина ги кудат…

-Јас имав можност да живеам во две многу чудни времиња: времето на комунизмот, кое многумина погрешно го толкуваат, а за мене тоа е период на романтизмот и на егалитаризмот, и денешново време на плурализам и демократија кое, за жал, е и време на големо лицемерие. Некогаш, во штипската гимназија, сите бевме исти – имаше деца и на поимотни чорбаџии, но речиси сите имавме исто за јадење и исто за носење, гладот и немаштијата ни беа заеднички.

  •  Да не беше еднаквоста и резултат на стравот на родителите – да не испадне дека се малку поимотни, па да бидат обвинети дека се кулаци или ненародни елементи?

-Во штипско и немаше некои семејства кои особено отскокнуваа, освен можеби дел од занаетчиските и чорбаџиските семејства (зашто поранешните трговци во тоа време веќе и пропаднаа), кои и имаа некоја старовина што ги крепеше, и евентуалното нејзино покажување можеби и можеше да предизвика поопасни последици за нив. Сите ние тогаш имавме многу заеднички работи, а најзаедничка ни беше – сиромаштијата. Дури и денес, ние, тогашните другари кои ги имавме тие заеднички преживеалици, се почитуваме… За жал, денес во Македонија само парата е елемент за вреднување и затоа сум некогаш носталгичен по тие времиња. А некои од моите генерациски блиски луѓе со иронија се навраќаат на минатото време и го кудат, тврдејќи дека се работи за време на комуњарите. Тоа е голема грешка и неправда. Во нашите повеќепартиски превирања, токму таквите луѓе од правоверни комунисти станаа најголеми антикомунисти. Знам дека се тие производ на дневната политика, но мене, едноставно, ме вадат од такт превртливците и често тоа и в очи им го велам, иако така влегувам и во непријатни ситуации.

  • Дали конвертитите се резултат само на јагмата за материјален ќар?

-Според дефиницијата, политиката е кондензат на економијата и конвертитите се резултат на житејските проблеми, на опстојувањето, но и на тоа како да се биде некој. Притоа се заборава и на достоинството, само за да се биде на врутокот на благодетите. Затоа луѓето го губат образот! Поради многубројните примери на превртливост и хипокризија, неретко и не ми се излегува меѓу луѓето. Оти ми е срам… А апостол Павле вели: Јас сум задоволен со тоа малку што го имам и можам така да живеам. И јас, можеби затоа што сум растен во тешко време, денес можам да живеам со мојата пензија, колкава и да е. И јас сум задоволен. Навистина, не можам да си дозволам летување во Грција, на пример, како порано. Меѓутоа, си наоѓам компензација на Водно и на штипските ридишта, на Скопска Црна Гора и во Малешевијата… И нашите убави планини, или манастирите, ми го надоместуваат она што можеби ми недостига од поарните времиња.

  • Во Македонија малку се чита и тиражите на книгите и на весниците се ниски. А власта, која ветуваше намалување на даноците, сега ги зголемува даноците, меѓу другото и за весниците и за книгите…

-Ме допре каде што боли. Наместо да обрнеме, од 1990 година па наваму, повеќе внимание на творештвото, на книгите, на весниците и списанијата, ние инклинираме кон една страотност. И тоа не го прават несвесни луѓе, туку токму оние кои добро знаат што произведуваат со своите постапки. Знае ли Владата дека со гаснење на овие врутоци нѐ гасне и нас како нација и како култура? Почнаа да се остваруваат зборовите на еден мој пријател кој велеше: Не се плашам од ропството, се плашам од слободата. Ние сме преживеале петвековно ропство и поради тоа што народот успевал да има творештво, да ѕида манастири, да ја чува и да ја гради својата духовност на која и денес ни се восхитува развиениот Запад. А ние денес се доведуваме во ситуација да го деградираме тоа што нѐ одржало низ вековите и со што сме опстанале. Како тргнало, утре ќе ги нема ниту културно-уметничките друштва и играорците, ќе згасне и Охридскиот фестивал, а загрижен сум и за судбината на Струшките вечери на поезијата. Луѓето за кои гласавме пред неколку месеци мора да се загрижат за тоа. Ваквото однесување е национален суицид.

  • Добро, книги и весници можеби ќе немаме, ама барем имаме инфлација од писатели, нивни промотери и критичари…

-Немој… Во НУБ, каде што работев, често можев да видам како слаби автори прават гламурозни промоции на дела чие печатење чинеше можеби една десеттина од цената на самата промоција. Тоа навистина ме боли. Губењето на образот е сѐ поприсутно. И тоа, што е зачудувачки, особено е присутно кај личностите кои беа парадигма и кои требаше да го водат општеството напред. Добар дел од нив се продадоа и својот неморал сега го креваат на пиедестал како нов општествен „морал“. За жал, тоа се рефлектира и кај младите автори, кои сакаат да го прескокнат трњето и да скокнат директно во ѕвездите. Па автори стануваат оние кои имаат пари за издавачи и промотери, а на вистински даровитите автори, ако се сиромашни, сите врати им се затворени. Особено на оние од внатрешноста.

Нашите издавачи се сиромашни, периодиката замре, а младите автори се во очајна ситуација… Зашто, денес сѐ се плаќа – издавачот, критичарот, па дури и новинарот кој треба да го одбележи изданието. И така, создаваме лажни вредности. Еден дел од интелектуалците, возбуден од мирисот на парите, благословува и нешта без вредност, со што се врши предавство на мисловноста, на честа, на знаењето и на креацијата. Таквиот тренд почна уште пред дваесетина години, преку партиски или роднокрајни врски, а сега веќе со својата вулгарност, со плаќањето на сѐ и сешто, добива загрижувачки димензии. Ни се случува со ласкави зборови да се промовираат не само минорни, туку и срамни изданија, па дури и се протежираат награди за такви изданија… И сега, покрај книгите, ќе ни поскапат и весниците и народот, кој и инаку не чита многу, ќе го осакатиме и за основните информации.

  • Кому тогаш ќе му пее „распнатиот поет“?

-Јас знам само едно – дека има вистински и лажни творци. За првите секогаш ќе има читатели. Зашто, од памтивек вистинскиот творец го слуша внатрешниот порив и диктатот на душата, она што му го кажале наречниците. И вистинската вредност секогаш ќе си го најде патот до оние што ќе ѝ се воодушевуваат. Но, не е џабе речено дека до вистината на создавањето се стигнува – преку страдање. Сите оние што го скокаат трњето, што мислат дека може да се твори и да се живее благопријатно во некаков луксуз, се залажуваат. Само оние кои знаеле да го поднесат страдањето, кои знаеле да згазнат во огнот или врз вжештениот камен, само тие останувале вистински творци… На едно место си запишав: Јас не сакам да знам кој сум, туку кој ќе бидам, тогаш кога не ќе бидам. Си го одбрав тешкиот пат за да можам да го скротам зборот, за да можам да се изборам за себеси и за своето постоење.

  • Колку Македонија, освен за поетите, може да биде „вечна и бесконечна“? И се заканува ли на Македонија ограничен рок на траење?

-Ова е прашање кое и самиот често си го поставувам, знам дека со страв си го поставуваат и моите пријатели, а верувам дека го мачи и најголемиот дел од луѓето што живеат во државава… Но, сакал или не, во името на библиското во оваа земја, во името на страдањата, негирањата, ништењето и игнорирањето, сакам да верувам во силата на инерцијата и во тоа дека нашиот народ, научен да опстојува во секакви услови, ќе се одржи и ќе си ја сочува државата. На крајот на краиштата, тоа е и некоја правичност и, ако постои Господ, нека ги подотвори очите и за Македонија. Зашто, како што вели една еврејска поетеса, солзи немам за нови жртви. Во еден псалм и јас велам: Ако и нас си нѐ избрал меѓу небесните, меѓу избраните, те молиме, о Боже, друг народ избери, друг народ земи, зашто од дележите и колежите уште нѐ болат раните, а од лелеци и молитви останавме неми. Навистина, доста беше! Мачилиштата низ историјата ќе нѐ натераат, во името на жртвите – да опстоиме. Можеби и нема да постоиме по неколку векови, но одеднаш сигурно нема да згаснеме.

  • Што ќе се случи кога на трпевци-спасевци-трајчевци-мирчевци од сѐ ќе им дојде преку глава?

-Ќе ти признаам нешто… Кога првпат работниците од Железара излегоа пред Собранието, јас работев во депото на Библиотеката и не ги видов. Но, кога ми кажаа за нив, јас просолзев и си помислив: Зар е возможно ова да се случи – и македонскиот човек да отвори очи и да пукне, да бликне од него сето она што го потиснувал.

  • Да, во киното во соседството на парламентот тогаш играше филмот „Чудо невидено“…

-Добро, ти тогаш беше многу млад, но јас тогаш имав 40-и-нешто години, и тоа за мене беше вистинско чудо. Невидено. Трајче, Трпе и Спасе станаа Гласе. Можеби не пренагласено, но во мојата жизнерадосност тогаш кај мене се создаде едно вјерују дека, и покрај сите неправди, скрамите ќе прснат и ќе настапи убавото време за Македонецот.

  • Оптимистичко Ви е тоа вјерују… Каква ни е вербата, а каква верата во Македонија?

-Тешко е да се одговори на ова прашање, зашто во Македонија денес како да ги нема ни вербата ни верата! Вистинскиот верник никогаш не се фали со својата верба. Неговиот храм е во него и тој го носи бога во себе. Оние што се удираат в гради, докажувајќи колкави верници се, се само фарисеи. Правилата на верата велат дека за она што дава десната рака – левата не треба да знае. А кај нас, и ако се даде нешто, со десет усти потоа се зборува за тоа. Штом некој ќе каже јас сум голем верник – тоа е сомнителна работа.

  • И сега, кога имаме голем крст на Водно?      

-Да, имаме крст на Водно, а сѐ помалку имаме чест, достоинство и доблест. Сѐ помалку ја има вербата во човекот. Крстот на Водно можеби е највисокиот и најраскошниот симбол на ова време, зашто во едно вакво сиромашно и тегобно време, во кое се брка по контејнери додека царуваат гладот и сиромаштијата, некому му текна да троши огромни средства за изработка на таков крст. Тоа беше лажење на Христа! Тие што го градеа Крстот сакаа на тој начин да покажат колку големи верници се. А верата не се „мери“ со висината на крстовите туку со длабочината на душата. И за тој крст важи Исусовото: Господи, не забележувај им, не знаат што прават. Гледајќи го тоа фарисејство, јас запишав една песна и ја насловив Крстоносци: Ќе го градите крстот / на највисоката точка / и… точка. / Мајсторите крстот што го соѕидаа, / најсетне паднаа, папсаа / и така папсани и гладни / во името на Христа / на крстот ги распнаа. Не сум против крстот, туку против нашиве „крстоносци“… Некои од владиците ми се пријатели, но сметам дека за ова треба да се замислат.

  • Македонија е денес распната меѓу оние кои Вие во Вашите стихови ги нарекувате „модри во градите од родољубие“ и оние кои себеси се нарекуваат „граѓански интелектуалци“, меѓу кои има и такви кои се исплакнати и од патриотизмот, ама и од срамот? Иако никогаш не сте важеле за јуришнички патриот, своите ставови за родољубието ги изнесувавте и низ стиховите и низ писателските муабети. Што е денес патриотизам?

-Не сакам да го употребувам терминот ерозија на моралот, но откако парите станаа единствено вјерују и репер за вредноста на човекот, едноставно, дојдовме до ситуација креативната интелигенција да се повлекува, зашто не може да се справи со оние безочните кои редовно се штитат меѓу себе! Вистинските интелектуалци навистина се, пред сѐ, индивидуалци и, иако постојат некои напори во таа насока, јас сѐ уште не гледам начин како би можело да се сплоти македонската интелигенција. До сплотување на интелектуалците не дојде дури ни на линија на патриотизмот. Зашто, постои поларизација меѓу таканаречените модерни глобалисти, кои се залагаат за бришење на националните атрибути, и оние кои имаат чувство за корените и за традицијата и кои исто така се залагаат за бришење – но на границите, а не на нациите. Бришењето на националните особености значи само и само осиромашување на светот! Светот е единство на различности и не смее да се дозволи да имаме еден јазик, една религија или да бидеме без религија, односно единствената религија да биде онаа – на парите. Значи, денес вистински патриот е оној што ја сака и ја почитува татковината. Не може некој што ја сака татковината да краде од неа! Патриотот не смее да ја изневерува земјата во која живее и тој треба да ѝ дава, а не да ѝ зема, тој мора да сака да им помогне на својот народ и на својата држава. Но, без патетика и фрази. Кога кафеанските родољупци секојдневно се прашувале како ќе ја минеме оваа река Вардар, крчмарот им одговорил – Аман, минете ја преку мостот. Никому ништо нема да му докажам ако се удирам в гради и викам дека сум голем Македонец. Секој треба да докаже каков и колкав Македонец е со своето творештво.

  • Во Вашите стихови се споменуваат и Надежта и Апокалипсата. Каде сме ние денес меѓу нив?

-Македонија ќе опстои зашто тоа е ѝ божји долг – по сите дележи, конечно да дојде и благодет. Постои надежта дека и нашиот човек ќе ја почувствува убавината на сопствената татковина, ќе ја крене главата, ќе издише слободно и ќе го оствари сето она што низ вековите му било забрането. Јас сум верник во надежта! А што се однесува до Апокалипсата – тоа е глобален проблем. Кој во оваа чедна и прекрасна земја, во која со векови се произведуваа тони и тони афион, одеднаш ја донесе наркоманијата? Порано секоја куќа имаше стотици литри ракија и вино, па немаше толку алкохолизам. Кој нѐ доведе до ситуација Македонија да биде високо пласирана по бројот на самоубијците? Кој ни ја наметна ситуацијата во која Апокалипсата ни се заканува и многу порано отколку што можеби требаше да дојде? Јавачите на гладта, војната, смртта и чумата се тука, меѓу нас и со нас. Оние изворници за новиот глобален поредок што јас ги читам ме туркаат во безнадежност, но делумно не сакам ни да им верувам, зашто така би надвладеал очајот.

  • Има ли во Македонија место за романтичарски занес?      

-Романтичарскиот занес е нужност.

  • За поетите?

-За сите граѓани на Македонија кои ѝ мислат добро и си ја сакаат татковината. Мора да се верува дека оловното кубе, како што рекол поетот, еден ден ќе се тргне од над нашите глави.

  • Годинава ќе славиме сто години од Илинден. Кога Македонија ја доживуваше својата „пролет“, на крајот на ’80-тите години, се зборуваше дека ѝ е неопходен „трет Илинден“.

-Кога зборувате за трите Илиндени, да не заборавиме дека од 1945 година па наваму, нашата историја се учела од народните преданија и легендите. Во списоците на соодветните служби влегуваа и оние кои одеа само да се поклонат на гробот на Гоце Делчев. Навистина, со иронија на судбината, оние што составуваа такви списоци сега одат во паради на истиот тој гроб да коленичат и да палат свеќи. И ова не е приказна… Еден свештеник, бивш затвореник, во една таква пригода ми рече: Гледај го оној што се крсти; е тој, поради крстење – ме затвораше во карцер и ме тепаше.

Првиот Илинден во Македонија сѐ уште не е прославен во вистинската смисла на зборот. Мора да дојде време со чиста душа да им оддадеме почит на сите што загинале за Македонија од првиот Илинден па наваму. Вториот Илинден сега некои го негираат. А за да дојде до вториот Илинден морало да постојат борци, кои не биле сите комунисти, но од кои најголем дел верувале во идеите на првите Илинденци. Во Македонија класно свесните правеа револуција, а другите учествува во народноослободителна борба. Двата македонски Илиндена бараат расветлување и уточнување на многу работи сврзани за нив и бараат еден нов идеализам – што не би значело ништо друго туку тој трет Илинден.

  • Во Македонија некогаш беше – Лазо, па Крсте, па пак Лазо, а сега е – Бранко, па Љубчо, па пак Бранко…

-Како одговор ќе ги цитирам стиховите на Лазо Каровски, еден даровит човек кого веќе го подзаборавија: Зар било ко што било во светот / орлите први да паднат во летот, / а тие што в борбата засолниле глава / да присвојат венци и почест и слава. / Татковино прости за изливот жолчен, / но не можам да траам и не можам да молчам. Проблемот секогаш бил во жедта за останување на власт. За гол нож ќе се држеа заради фотелјите! Така и еден Кузман Јосифовски не го доби заслуженото место во историјата. Работејќи во Библиотеката со децении, прочитав и осознав за десетици извонредни личности од НОБ кои од разни причини „исчезнаа“ и денес се заборавени. Иако се работело за извонредни интелектуалци, чесни луѓе и, што би рекол Блаже Конески, девствени личности.

Македонија по војната беше обезглавена, и со секоја чест и признанија за еден дел од луѓето што ја воделе од 1945 до 1990 година, факт е дека ние денес мора да го плаќаме данокот за тоа што не се изнедрени нови лидери. Со децении нѐ водеа немоќни луѓе по чии заслуги се уништени селата, по чии заслуги имаме десетици пропаднати текстилни фабрики, и имаме железарница среде Скопје и топилница среде Велес…За создавање вистински лидер треба време и треба услови. Можеби подоцна…

Роден: Во 1936 година во Штип.

Семејство: Сопруга Лилјана, социјален работник која цел живот работи со деца без родители и бездомни деца; синови Петар (1965), дипломиран инженер по сточарство и афирмиран гитарист и Павел (1970), дипломец на џез-академијата во Келн; внуки Ангела и Михаела.

Образование: Гимназија во Штип, Правен факултет во Скопје.

Кариера: „По Домот на културата во Штип и Драмскиот театар, во 1969 година се вработив во Народната и универзитетска библиотека ‘Св. Климент Охридски’ и таму останав сѐ до 2000 година, кога преминав во слободни уметници“.

Дела: Автор е на петнаесетина книги поезија, кои се преведувани и наградувани, за по долги години премислување, „за да не го навреди богот на позијата“, сега да работи на своето прво прозно остварување.

Награди: Октомвриска награда за литература (1982), „Браќа Миладиновци“ на СВП (1982), награда за препев „Григор Прличев“, Гран при интернационал за целокупно творештво во Романија (1997), „Златно перо“ (1998), „Ацо Шопов“ (1998), номинација за „Балканика“…

Кредо: „Секогаш отворено, чисто и искрено, иако многу често тоа е болникаво“.

Најомилен туѓ стих: „Поету, не трепери од љубовта народна“ (Пушкин).

Синиша Станковиќ

„Актуел“, 2003 година

 

 

 

 

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *