Сутерен.мк

На ОнлиФанс се преселија и гатачите?!

Секогаш низ историјата кога луѓето чувствувале дека имаат малку или ни малку контрола над сопствениот живот и она што се случува во светот, се вртеле кон мистицизам, пророштва, кон било каков поглед во иднината кој би можел да изгледа подобро од сегашноста.

Знаејќи го претходново, многумина ја искористија пандемијава со коронавирусот за заработка. Всушност, се отиде до таму што и разно – разните предвидувачи на иднината се преселија на се попопуларната платформа ОнлиФанс (OnlyFans). Следејќи ги парите, нормално.

 

ОнлиФанс (инаку, создадена во 2016 година, во Лондон) е профилиран како простор каде што многу лесно може да се заработи, ако споделувате ексклузивна содржина, под услов секако, некој да е заинтересиран за она што го нудите.

Бела Торн

И покрај тоа што многу од славните личности (како Бела Торн или Карди Б), отворија свои ОФ профили сепак, ОнлиФанс се уште е најпрепознатлива по содржината која што е исклучиво наменета за возрасни, на која најприсутни се помали или поголеми ѕвезди од порно индустријата (и оние што имаат желба тоа да станат), кои можат непречено да работат и колку – толку и да заработуваат.

Со приливот на што светски познати, што оние од секс „производството“ ОнлиФанс покрај ТикТок стана ИТ апликација и социјална мрежа на пандемијата и месечно бележи раст на популарноста од 70 отсто. Па така, денес има над 85 милиони регистрирани профили.

Накусо речено, многу сериозен пазар. Затоа и не чуди масовната миграција на тарот читачи, астролози, видовити од другите мрежи токму на оваа. (И не само тие: тука ќе сретнете и стендап комичари, сликари, поети, музичари, продавачи на се и сешто…) Особено затоа што системот по кој што функционира ОнлиФанс овозможува додатна наплата/заработка за секој бонус елемент, отворање, консултација, што им одговара на оние кои се тука заради профит.

 

Освен ова, публиката е прилично широка и може да се најдат клиенти кои не ги ни користат повеќе другите мрежи, бидејќи немаат ни потреба од нив. И најважната причина е веројатно, што ОнлиФанс како виртуелен простор фокусиран на возрасните, нема ограничувања ниту пак, строга цензура.

Се е заклучено, го гледаш она што ќе го платиш, а тоа значи дека немаат сите пристап на се, дека од понудената содржина се заработува, дека се што е јавно всушност, истовремено е и многу приватно што остава многу простор за слобода и маневрирање.

Како што стојат работите, ОнлиФанс сериозно претендира да ја преземе титулата на „најдемократична, најслободна платформа“ од ТикТок и суверено да завладее со мрежите. Нуди заработувачка, рамноправност и приватност, а еве веќе, нуди и содржини што не се наменети само за осамените и изолираните на сред светска пандемија.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *