Сутерен.мк

Да се биде неверен или да!?

Омажена сум веќе шест години и имам две деца. Си го сакам семејството и сопругот, но во последно време многу внимание ми одзема еден човек од страна. Знам дека е погрешно, ама се потешко и оддолевам на желбата да паднам во неговите прегратки. Не ме убедува, не ми ветува ништо, само чувствувам огромна сексуална желба по него. Како да се справам со оваа ситуација!? Всушност, не знам што да слушам: разумот или срцето!?

Дулчинеа, Скопје

Дулчинеа драга, вас не ве мачи ниту срцето, ниту разумот туку, страстите. Човекот по својата природа, не е моногамно суштество и за да се заузда во неговите не баш, добредојдени нагони, измислени се сите оние завети при церемониите на венчавањата.
Прељубништвото, ама баш никогаш не се исплати! Меѓутоа, се случува. Се провлекува низ пукнатините на ѕидовите од брачната заедница што си ги создаваме, а не ги крпиме навреме. Еден ден, едноставно, се „фаќате“ како зборувате со некого за интимни работи кои не би требало да ги делите со никој друг освен со вашиот партнер. Следната сцена е како „спонтано“ се прегрнувате, разлигавени од наводно, емпатиите што ги имате еден кон друг, а случајно и кревет има во близина!? Нема да помине многу време, кога ќе бидете најпишман аџија на светов.
Затнете ги дупките на вашата тврдина и не дозволувајте да ве заведе помислата дека со тој другиот, ќе доживеете нешто незаборавно!
Гарантирам, дека ништо невидено нема да пропуштите.
Секако, има и онакви напливи на страст што наеднаш доаѓаат, испровоцирани навидум, од никаде и со ништо, но ниту таквите сексуални магнетизми не го заслужуваат немирот потоа. Најдобриот начин за справување со ваквите ситуации е одалечување од предметот на желба.
Човек копнее само по она што го гледа.
Не е на одмет, да го земете во предвид и тоа дека неверството е и многу напорно: ај, што бара „темелно стратешко планирање и организација“, туку и козметики и фризерај, „наменска“ интимна гардероба (па и онаа врвка во задникот, не е исклучена), без ниедно влакно на нозете, а богами и на некои други места, гимнастики, пози…
Споредбата со тоа каква вашиот сопруг ве прифаќа и кое олеснување ви е тоа, непотребна е нели!?
Да повторам, не вреди за неколку минути задоволство (веќе видено), што додека не се реализираат изгледаат дека ќе траат вечно, да се рескираат години заедништво, спокојство, иднина…
Доколку пак, веќе сте му подлегнале на искушението – молчете. Закопајте ја таа информација во најтемната фиока и обидете се да си простите. Доколку пак, го повторите повеќепати, треба не мене, туку на некој друг да му напишете писмо….

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *