Имам 28 години и дечко кој е 20 години постар од мене. Слободен е и многу ме сака, ама не знам што му се случува зашто, не сака да води љубов со мене толку често колку што сакам јас? Не сум глупава, гледам дека не му се интересни ни муабетите што му ги правам.
А. Б.
А. Б., дарлинг, страшно сум љубопитна како воопшто пронајдовте љубовник во време на пандемија, па уште и две децении постар!?
Нејсе.
Вашиот „дечко“ има криза на средни години, што ќе рече, додека вие се секирате дали штиклата ќе ви ги издржи дваесетте метри што треба пешки да ги изодите, него го мачат стравови! Од стареење, од губење на угледот на работа, од болести, од смртта и секако, квантитетот/квалитетот на половата моќ.
Тој е, попрецизно кажано, во климактериум (да, да, добро прочитавте), а вие во најубавите години! Доколку сакате да му се „доближите“ почнете да гледате пасионирано парламент, следите вести, утрински контактни емисии, временска прогноза (она де, метео, хомео, шо и да е, патии), осцилации на цените на зелените пазари, попустите во старските домови и гробните места и, за неколку месеци мислам дека ќе дојдете до некакво ниво што и на двајцата секој сексуален акт ќе ви изгледа како излет на Пчиња.
Втората опција е да си најдете некој поблиску до вашите години. Не дека морате. Онака, само кажувам…
(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)