Сутерен.мк

Неправилен ритам – Приказни од современата македонска музичка сцена

Во кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје вечерва во 18:30 часот ќе се одржи промоцијата на новата книга на Љупчо Јолевски насловена „Неправилен ритам – Приказни од современата македонска музичка сцена“.

„Реткост е кога во македонската културна практика ќе се појави книга која си прави муабет (темелен, искрен, непосреден, внимателен и посебен) со музиката, како што е тоа оваа книга на нашиот познат проследувач, сведок, директен коментатор на комплетната музичка сегашност и минатост (се разбира, ќе биде и во иднина), новинарот, јас би рекла, познавачот на музиката Љупчо Јолевски“, пишува во рецензијата за книгата Ана Стојаноска, писателка, театролог, професорка.

За Тина Иванова, музиколог и новинар, делото на Јолевски е резултат на неговата посветеност на работата, на неговата огромна љубов кон она за што се одлучил да го работи.

„Оваа книга е уште еден показател дека не минува кај него туку така, она, за коешто Бог го предодредил. Познавачите на неговите дела, неговите пријатели и познаници, знаат дека Љупчо Јолевски е страстен љубител на музиката сиот свој живот, човек кој не пропушта музички настан и не само на овие простори, туку и пошироко. Пасиониран колекционер на носачи на звук, на музичка литература, на севкупна музичка уметност воопшто… Неговите интервјуа, музичките рецензии, сеедно всушност за која форма на писание станува збор, не се обични. Тие се лупа низ која се согледува животот на уметникот така детално, микроскопски, што во тој кус светоглед раскажан низ неколку реда, откривате цело пространство од креации, идеи, љубов, живот. Тоа, е најсилната алатка на Љупчо Јолевски, неговата моќна карта со која вешто умее да „игра“. Да дознаете, да спознаете, да верувате, да се едуцирате, и да се забавувате во истовреме. Бидејќи, на крајот, приказните се раскажуваат преку луѓето.

Јолевски е врвен мајстор на пишаниот збор. Дијамант во грстот злато во македонското културно богатство. Дијамант на македонското професионално новинарство. Не се ова флоскули, впрочем, самите ќе се уверите во тоа. Неговите филигрански, прецизно создадени дела ќе ве натераат да мечтаете…“, напиша Тина Иванова.
Промоцијата се одржува во рамките на одбележувањето на петте децении од постоењето на Домот на млади односно на Младински културен центар – Скопје.

Јолевски, за четиридецениска интензивна и професионална работа во новинарството неодамна ја доби наградата „13 Ноември“ за 2022 година. Јолевски до пензионирањето, пред околу два месеци, долги години работеше како новинар во Радио Слободна Европа.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *