Светската здравствена организација одобри за итна употреба вакцина против Ковид-19, произведена во Индија!
СЗО објави дека ја одобрила вакцината „Коваксин“, произведена од индиската компанија „Барат Бионтек“. Тоа е осма вакцина против ковид која доби одобрение од Светската здравствена организација.
„Коваксин“ е произведена од „Барат Бионтек“ заедно со Индискиот совет за медицински истражувања, водечкото истражувачко тело во земјата. Се прави со неактивен коронавирус за да се стимулира имунолошкиот одговор и се дава во две дози.
СЗО изјави дека вакцината има околу 78 проценти ефикасност во спречувањето на Ковид-19 и дека е „исклучително погодна“ за сиромашните земји, бидејќи многу полесно е нејзиното чување.
Група експерти ангажирани од СЗО изјавија дека нема доволно податоци за безбедноста и ефикасноста на вакцината кај трудниците и дека се планираат студии кои ќе се занимаваат со тоа прашање.
Компанијата „Барат Бионтек“ ги објави резултатите во јули, кои покажаа дека вакцината е околу 93 проценти ефикасна во спречувањето на тешката форма на Ковид-19 и околу 65 проценти ефикасна против инфекција од позаразниот делта-сој.
Индискиот премиер Нарендра Моди ја прими првата од двете дози во март. Според податоците до средината на октомври, овој антиковид препарат е втор по бројот на дози дадени во Индија по „Астра Зенека“.
Компанијата соопшти дека неколку други земји, вклучувајќи ги Бразил, Филипините, Иран и Мексико, ја одобриле нивната вакцина против ковид.