Сутерен.мк

Нове Цветановски: Макотрпен е патот на македонската литература во светот

Првиот човек на издавачката куќа “Македонска реч” од Скопје, пред да влезе во бизнисот со книгите, професионалната биографија ја креираше како новинар во “Млад борец”, Македонското радио, “Нова Македонија”, каде подоцна, ќе стане главен и одговорен уредник, а во еден период и генерален директор. Беше и советник и потсекретар во Министерството за култура на Република Македонија, како и раководител на секторот за издавачка, маркетиншка и документарна дејност во Македонскиот народен театар. Потоа, главен уредник на списанието „Сцена“ па на издавачката куќа „Македонска книга“, а од 2004 – та управител на „Македонска реч“

  • Бевте еден од комесарите на Московскиот саем на книгата. „Обично“, тоа значи саморекламирање на издавачите, кои одат на саемите и нивните автори. Како вие се претставивте?

– Поинаку отколку досега. Настапивме со осмислена програма, со проекти што беа специјално подготвени за тој саем. Не отидовме како „туристи“, не ги претставувавме само туристичките потенцијали на Македонија, или само музиката, или само себеси како издавачи. Ја претставивме пред се, македонската литература, односно и издаваштвото, културната историја, културното наследство и историјата на Македонија со посебен акцент на писмената традиција…

Не се претставивме себеси или автори на нашите издавачки куќи, туку ги претставивме најуспешните македонски прозни автори последниве години – оние кои ги добиле највисоките награди за проза. Се одлучивме за проза зашто таа најмногу се преведува, а преку преводот најдобро се афирмира една национална литература. Претставивме четворица автори: Луан Старова, Трајче Кацаров, Братислав Ташковски и Томислав Османли, за кои подготвивме специјални каталози, по два за секого – на англиски и на руски јазик и друг рекламен материјал за нив. Ги понудивме на руските и на странските издавачи, истовремено и на руските читатели кои го посетуваа штандот. Првични ефекти има, а вистинските треба допрва да дојдат.

Макотрпен е патот на македонската литература во светот, така е тоа со сите мали држави и мали јазични средини, но ова е само еден од начините за пробивот на македонски дела и автори. Мислам дека одбравме добар начин, но не треба да се остане на тоа – потребни се и други кампањи и саемски и други видови понуди на нашите книжевни вредности. А за тоа мора да имаме осмислена национална стратегија. Инаку, само ќе се шетаме како туристи по меѓународните саеми. Освен македонската проза ја претставивме и македонската поезија со антологија на руски јазик специјално подготвена и издадена за саемот.

  • Освен тоа, настапивте и со кампања за кирилицата…?

– Во Москва посебно внимание посветивме на презентацијата на македонската културна историја и пред се, на писмената традиција преку осмислена програма за реафирмација на кирилицата. Москва е најголемиот словенски и славистички центар и најголем културен центар во Источна Европа, а саемот меѓу најголемите во светот. Во Русија посебно внимание се посветува на зачувувањето на кирилската традиција. И најголемите западни брендови (Мекдоналдс, Кока-кола…), таму мора да се испишуваат на кирилско писмо. И мислам дека на вистинско место на вистински начин настапивме со таква кампања.

Меѓу другото, специјално за Саемот снимивме документарен филм („Кирилицата по врвицата на словенската писмена традиција“), титлуван и на руски јазик, постојано се прикажуваше на штандот, го репродуциравме во неколку илјади ДВД копии кои бесплатно ги поделивме. Имавме и друг рекламен материјал за таа цел и сето тоа наиде на големи симпатии кај посетителите, кај луѓето кои се интересираат за словенската писменост и традиција.

  • Значи, задоволни ли сте од стореното таму?

– Апсолутно. Ние не отидовме со новинарски екипи и ТВ камери за да се рекламираме, туку за да настапиме сериозно како што и доликува на една земја со писмена традиција. Ние индиректно преку таа кампања потсетивме на македонскиот придонес во сесловенската писмена традиција, односно на патот на глаголицата и кирилицата – од Македонија до Монголија. И истовремено да укажеме на културното богатство на Македонија. Мислам дека токму Московскиот саем е тој на којшто Македонија треба да се претставува – Франкфуртскиот е најголем, но тој првенствено е бизнис-саем, а во Македонија нема никаков бизнис со големи тиражи и со авторски права. Нашиот бизнис не е ни капка во море, наспроти светското издаваштво.

Треба да сме присутни и таму, но саемот број еден за Македонија треба да е оној во Москва. А имавме и уште еден дополнителен ефект од настапот во Москва. Разговаравме со првиот човек на Генералната дирекција на саемот од кого побаравме Македонија да биде почесен гостин на еден од наредните саеми. Нашиот предлог е прифатен и веројатно за две или три години Македонија ќе добие право на привилегиран настап на саемот – на тристотини квадратни метри бесплатен простор, со можност за покомплексна и богата книжевна, издавачка, културна и национална презентација.

  • Можеме ли воопшто, да зборуваме за пласман на нашите книги надвор?

– Треба да се мисли на превод и пласман на книги од наши автори во странство, но од странски издавачи. Само тој е вистинскиот начин на продор на македонската литература во странство. Никако преку наши издавачи и дистрибутери! Зашто тоа е само трошење и пари и време. Ако овде се објават на странски јазик, ќе ни останат за овдешна употреба, а уверен сум дека никој кај нас нема да го побара „Пиреј“ да го чита на англиски или на шпански јазик, кога го има на македонски. Артур Лундквист ќе биде читан во Македонија ако негови дела се преведени и се објавени на македонски јазик во Македонија, а не во Шведска.

Македонија е меѓу три-четирите земји во Европа која нема стратегија и организирана (институционална) поддршка на превод на своја литература на други јазици. Тоа е посебно важно за помалите држави и за помалите јазични средини. Додека не го направиме тоа, не може да очекуваме продор на наши дела во странство, туку инцидентно ќе слушнеме како се превело некое дело на Старова или на Маџиров. И ништо повеќе.

  • Сепак, овде се преведуваат македонски автори на англиски. Кој (ќе) ги чита (купи) тие книги?

– Јас не се прашувам кој ќе ги чита. Зашто сигурно знам дека никој нема да ги чита.

  • Зошто “Македонска реч” пред се, свртена е кон преводната литература?

– Не сме свртени само кон преводната литература, но и посветуваме посебно внимание, зашто основен критериум при изборот на делата за превод ни е тие да бидат со потврден и евидентен квалитет. Не објавуваме евтини приказни. Не објавуваме “ѓубре” спакувано во корици, какво што се повеќе го има кај нас, го нарекуваат литература и е рекламирано како бестселер.

Тешко и се потешко се живее од книгата во Македонија, но никако не се раководиме според комерцијалниот ефект. А сепак имаме комерцијални книги – тоа се, на пример, „Морфологија на сказната“ од Проп, „Естетика“ од Јуриј Борев, „Книга за Македонија“ од Лудвик Куба или „Историја на Македонија“ од Чесите Јан Рихлик и Мирослав Коуба, која беше најбараната книга од посетителите на македонскиот штанд во Москва. Значи, и стручна или теориска книга, ако се одбере добро, може да биде комерцијална и да се преживее на т.н. македонски пазар на книгата. Ние избираме и објавуваме само дела со високи естетски вредности, кои во светот веќе се преведувани и освоиле книжевни награди, или пак книги кои се од странски автори а се однесуваат на Македонија.

  • Почна ли конечно, да се почитува Законот за авторските права?

– За жал, се уште не доволно иако, последниве две-три години ситуацијата е значително подобрена. Зашто до пред некоја година имаше несфатливи и апсурдни примери во македонското издаваштво – издавачи кои претендираат дека се сериозни и “големи” издавачи не само што не ги почитуваа авторските права, туку тоа го прикриваа и со изоставување на основните податоци на печатеното издание, како што се ЦИП записот, ИСБН бројот, името на издавачот… – едноставно правеа диви изданија. А да биде апсурдот поголем, некои такви изданија дури беа финансиски поддржани од Министертвото за култура. Апсурдно, но вистинито.

  • Зборуваме за пиратерија…!?

– Тоа за што зборувам е класичен пример за пиратерија. На македонски начин. Не помалку апсурден е и примерот со „Пипи Долгиот Чорап“. Пред некоја година, амбасадата на Кралството Шведска во Република Македонија ја одбележуваше 100-годишнината од раѓањето на Астрид Линдгрен и по тој повод организираше свеченост со изложба за најчитаната авторка за деца во светот.

И замислете, од сите изданија на Линдгрен во Македонија беа изложени само примероци (и корици и плакати) од книгата „Мио, мој Мио“, издание на „Македонска реч“ (која ги има правата за книгите на А. Линдгрен), зашто другите изданија беа без регулирани авторски права, или поинаку кажано – пиратски! Дури и „Пипи Долгиот Чорап“, култна книга, издадена од тројца македонски издавачи, издавана и преиздавана, од страна на државата сместена во списокот на лектири, не беше изложена затоа што е пиратска.

  • Единствена дејност во културата што е целосно приватизирана е издаваштвото, а е сосема непрофитабилен сектор. Како воопшто, може да се (пре)живее од овој бизнис?

– Тешко. Поточно: многу тешко! Малкумина, а навистина се малкумина, оние кои живеат комотно од книгата, зашто комотно уживаат во благодетите што по основ на привилегија може да им ги понуди оваа сиромашна држава. А во сиромашна држава не е лесно и во другите културни дејности и во уметностите. Меѓутоа, додека актерот, на пример, е оптоварен како да си го подобри месечниот буџет, издавачот е оптоварен од грижата како прво да оствари приход за придонесите и за основните материјални трошоци.

Значи, имаат различна стартна позиција во борбата за живот и за создавање културни вредности. А да не зборуваме за писателот, кој е составна алка во оваа дејност. Со неговиот статус веќе седум-осум години не може да се поврзува никакво достоинство.

  • Вие, издавачите, речиси целосно зависите од државната поддршка, а во исто време, таа ви е најголем конкурент, со оглед на тоа што со неколку проекти Владата стана најголем издавач. Го урива ли токму државата пазарот?

– Никогаш повеќе пари немало за издаваштвото, но истовремено никогаш помалку пари немало во издаваштвото. Најголем дел од нив се наменети за големите проекти. Со тие проекти се пополнува една празнина во издавачкиот простор, но истовремено се создава друга празнина. Тоа што не се реализирало со децении а се реализира за неколку години, се одразува врз тековното издаваштво. Во него, на сметка на големите проекти, помалку пари има за тековните издавачки проекти кои се, исто така, од национален културен интерес.

Па наместо кон квалитетни проекти, издавачите се ориентираат кон комерцијални – за да го преживеат овој период, кој и така е кризен за книгата во целиот свет. Во една ваква ситуација најтешко им е на оние неколку издавачи кои се ориентирани кон издавање литература со високи вредности, меќу кои е и „Македонска реч“. Значи, државата не го урива, туку го менува пазарот. На пазарот се повеќе има лесна и комерцијална литература, како што на пофин начин си ги именуваме шундот и кичот. Морам да споменам и тоа дека, „Македонска реч“ е етаблирана како издавач на квалитетна литература, но досега успеала со продажба да влезе само во пет од триесетината библиотеки во македонските градови. Ама таква е ситуацијата со повеќето издавачи.

Некои библиотеки купуваат само од еден или од двајца издавачи. Библиотеките користат буџетски пари. И таму има контрола врз нив… Нешто што лесно се претпоставува нема потреба многу да се објаснува.

  • Постојано се крева прашина околу државните конкурси за поддршката на книги од страна на Министерството за култура… !?

– Колку и да се направи правична распределба, секогаш ќе има незадоволни автори или издавачи. Не може да има распределба на која ќе нема забелешки. Но понекогаш, иритира распределбата или доделувањето на поддршката на одредени проекти за кои очигледно е дека се применети некнижевни и неиздржливи критериуми. Мала средина сме и не сме имуни на ургенции и влијанија и во изборот на комисијата и во нејзините одлуки.

Понекогаш комисијата заборава на објективната поделба, како што имаше случаи со комисијата за годинашната програма, предводена од академик, а која најпрвин водеше грижа за сопстевните инстереси, за интересите на своите издавачи, на своите пријатели, на своите роднини…, на физички лица, на здруженија, друштва, установи… (од кои голем дел немаат поим како се произведува книга)… што на крајот не останало речиси ништо за проектите од национален интерес. Или пак, погледнете ги резултатите од конкурсот за откуп на самостојно реализирани први изданија. Тој би требало да е важна поткрепа за оние кои му се посветени на издаваштвото и кои објавуваат квалитетни наслови, а освен тоа за помалку пари со него за библиотеките се обезбедуваат квалитетни изданија, зашто не се финансираат на невидено, туку комисијата ги има на увид. А ќе видите дека комисијата кај некои издавачи избрала само преобјавени изданија, па дури и лектирни, наместо први, како што стои и во насловот на конкурсот…

Аналогијата е очигледна со состојбата со откупот во библиотеките.Како никогаш досега е потребна стартегија, а не стихија за издаваштвото. Неопходна е заради пристапноста до вредната книга во македонскиот духовен и културен простор, но и заради пласирање на сопствените книжевни и културни вредности надвор од земјата, надвор од провинцијалниот панаѓур на книгата и на суетата. А зошто ја нема? Затоа што некому му одговара да ја нема и затоа што профитира од тоа што ја нема!

Круговите и клановите

  • Вашата куќа доби награда за преводна литература…?

– Секоја година без исклучок изданија на „Македонска реч“ добиваат книжевна награда или награда за превод, што е потврда за квалитетната продукција. Минатата година објавивме 16 квалитетни преводи на вредни дела и веројатно како резултат на тоа Сојузот на литературните преведувачи неодамна ни додели специјално признание за превод на дела со трајни вредности. Ова признание ни е значајно зашто ја потврдува нашата уредувачка концепција и затоа што некој сепак, го вреднува или го посочува вредното во македонското издаваштво.

  • Колку признанијата во литературата се веродостоен показател или и тука е присутно она „ти мене, а јас тебе“?

– Кај нас е се пораширено таквото мислење за доделувањето на наградите, веројатно, затоа што има такви случаи, зашто во литературата, а не во издаваштвото функционираат таканаречени кругови или кланови. За жал, таквите случаи им штетат на вредните дела и на заслужените награди.

Превреднување на домашната литература

  • Ни треба ли сериозно, превреднување на македонските творци и дела и, кој, на каков начин да го изведе тоа?

– Најдобриот критериум за превреднување е времето. Секое друго превреднување, па колку и да е стручно, може да биде субјективно, а во наши услови и со наш менталитет тоа е малку повеќе субјективно. Една од последните можности беше проектот сета македонска книжевност во сто и триесет тома. Наместо таков збир можеше да се направи селективен избор врз издржани естетски и други критериуми како што е заокружениот авторски опус. Таа можност се пропушти со овој проект.

Пред близу девет години отидов да работам во најстарата издавачка куќа за уметничка литература – „Македонска книга“. Во таа веќе урнисана куќа затекнав една фрапантна состојба: во огромниот магацин со огромни залихи на книги имаше неколку десетици наслови со големи тиражи, некои и до 15 илјади примероци. Претежно беа од македонски автори. Некои и со извонредно тврдо вкоричување какво што веќе одамна нема во македонското издаваштво. Тие книги почнавме да ги распродаваме и постојано им ја намалувавме цената.

Едно време ги продававме и по десет денари и веќе никој не ги купуваше, зашто ги имаше премногу насекаде – и во домашните и во училишните и во градските библиотеки и во книжарниците и во магацините кај некои други издавачи како други изданија. Се уште ги има во големи количини, но одамна никој не ги купува. Но поголемиот дел од тие наслови повторно се отпечатени во нов тираж зашто беа вклучени во проектот сета македонска книжевност во сто и триесет тома. Инаку, превреднувањето треба да се сфати како природен и неопходен процес. Тоа треба да се прави во одредени периоди, зашто фондот на литературни дела на една национална литература постојано се зголемува, а во Македонија тоа е посебно изразено во последниве педесетина години.

На пример, колку поетски, колку прозни дела (романи, драми, книги со раскази) беа севкупно објавени во Македонија до 1950 година? А колку вкупно беа триесет години подоцна или во 2000-та или колку ќе бидат во 2010 година? Секоја година кај нас се објавуваат по околу 1400 наслови, од кои една третина се од областа на уметничката литература. Дел од нив се квалитетни и истовремено се зголемува фондот на квалитетни дела. Ако во 1950-та, на пример, имало пет посебно квалитетни, сега секоја година има уште најмалку толку.

Токму поради зголемената книжевна продукција и поради временската дистанца како фактор на надживеани естетски вкусови, од период во период треба да се применуваат се построги критериуми во вреднувањето на највредното од севкупниот фонд на македонската литература. Значи, се повеќе треба да се селектира, а не се да се собира на еден куп, кој како збир не може да претставува вредносен пресек. Така, со текот на времето се менува и уметничкиот статус на делото и на неговиот автор. Пред педесет години речиси секој писател и секое негово дело имаа свој уметнички и општествен статус. Денес не може сите тие да го имаат истиот статус.

Колку писатели имаше тогаш, колку денес? Тогаш беа повеќе читани и покрај големата неписменост. Зашто беа само неколкумина. Тогаш се се објавуваше што ќе напишеа тие, денес има афитмирани автори кои имаат пет или десет необјавени дела.

Која е веста во веста?

  • Се занимававте и со литературна критика, која денес, речиси и да ја нема?

– Прво, каде може да ја има? Има се повеќе списанија, многу повеќе од порано, но тие првенствено се во функција на изданијата на издавачот на списанието или на изданијата на пријателите на издавачот. Второ, денес се помалку внимание се обрнува на вредносниот критериум. Се промени структурата на читателите и денес помалку се чита вредната книга, а повеќе сласната приказна. Но заради книжевните текови, таа е насушна. Кога – тогаш, а веројатно штом помине овој долг транзициски период со изместени вредности, ќе се поврати на книжевната сцена.

  • Зошто по дведецениско занимавање со новинарство, се повлековте од него?

– Навреме почнав со новинарството и навреме го напуштив. Можеби и подоцна отколку што мислев и сакав. Веројатно осумнаесет години беа доволни за да се заситам од него, зашто, и покрај некои убавини што ги носи, тоа е макотрпна и стресна професија.

  • Како ви изгледа македонското новинарство денес? Што/кој ја креира веста?

– Последнава деценија новинарството кај нас многу се промени. Добивме широк медиумски простор ама го загубивме квалитетот. Денес не е невообичаено да забележите како некој главен уредник не може на солидно стилско ниво да стокми ни една реченица. Денес се повеќе внимание се посветува на изборот на веста а не на квалитетот на новинарот. Затоа денес е многу пониско нивото и на професионалните и на моралните критериуми во оваа професија. Веста? Па и нејзината функција е прилично променета, некогаш е монета за поткусурување, некогаш замена за реклама. Некогаш не може да препознаеш која е веста во веста. Тогаш треба да ја побараш во друг медиум и во таа несреќна околност е најголемата предност на македонското новинарство денес.

Бранка Д. Најдовска
“Теа модерна”, 2010 година
Фото: Игор Тодоровски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *