Сутерен.мк

Ноне Абрашева Ноциќ: Не сум Баба Ванѓа, ама можам да гледам!

Тој што има способност да гледа во иднината е јасновидец. Ваквите луѓе наводно имаат вишок сетила за разлика од обичниот човек, па тоа во превод би можело да значи дека гледачите се луѓе кои заработуваат од слепци!

По мое, видовитост е способноста на некоја персона секогаш и без исклучок да одбере зрела и како мед – слатка лубеница, а конкретен пример би бил и следниов: јасновидец е конобар што ти носи уште едно грч – ладно пиво, неколку секунди пред самиот да го нарачаш! Успешноста на прорекувањето на иднината зависи од методите и алаткте кои се користат за оваа намена.

Одговорите на прашањата од типот – дал ќе се омажиш, вработиш, имаш деца, пари, здравје, баењето против уроци, врагови, ѓаволи, уплав, помочување во гаќи, магиските ритуали, црни или бели – се дознаваат преку методите на гледање во кафе, грав, коски, карти, дланка, кристална топка, камчиња, икони и ѕвезди.

Традиционално, во овие денови кога најпопуларни се прорекувачите на лични и колективни судбини, јас најмногу сакам да гледам во чварки, пача, купус и ракија. Гледам, гледам, има што да видам! Пред да ви ја откријам нашата заедничка иднина, да споменам дека уката ја усовршив кај еден од најценетите пророци на сите времиња, Џорџ Орвел.

За разлика од некои други светски животински фарми, каде гравитираат диви, поларни, егзотични, морски или ендемски видови животни и птици, кај нас природата дарила само мали шумски, домашни животни и живина. Во најпознатата бела ергела во Македонија проценета на неколку десетици милиони евра, живеат исклучиво копитари: коњи, кобили, мазги, мулиња и магариња.

Коњот кој е водач на оваа поткована дружина е имател на многу титули и хидроцентрали е со демодирана, панк фризура. Милува да мисли дека секогаш победува, затоа што никогаш не се трка и мрази да учествува во какви било настани од натпреварувачки карактер. Не се согласува со ништо и со никого, а го крие како – баба слаткото за гости – своето мислење. Коњот нема трофеи, ниту пехари, за златни медаљи муабет не праиме, ама затоа секогаш има константен број фанови на трибините. Според моите скромни проценки, самоуверениот водач на ергелата ќе опстане на тронот уште долго време, затоа што во негова близина не смеат ни да припарат членови од неговата благородничка раса. Само магарињата. Да може да се дешифрираат претскажувањата на Нострадамус, со сигурност ќе се дознае дека овој коњ е всушност муле во коњско руво.

Спротиставен табор на скапата ергела се членовите на живинарската фарма, кои сложно живеат со едно големо семејство питоми зајаци. Се разбира дека поглаварот на ова пердувесто и напуфано царство е кроткиот и секогаш поднасмевнат алфа зајак, кој насекаде и секогаш шири пријателство, братство и неизмерна љубов. Баш заради тоа, тој не може стално да го игнорира кокодакањето на своите советници – кокошки, петли, мисири, фазани и гуски, па не ни чудно што понекогаш и самиот почнува да кукурика во фреквенција од која се добиваат тешки нервни растројства.

Како резултат на државничките активности на оваа перјаница, неодамна, со голема возбуда се чекаше снесувањето на едно скапоцено фабержеово јајце. Тагата беше голема кога се исквачи мучук! Иако, многумина вината за овој тонч и најавеното подугачко интермецо, ја гледаа во водачите на живинарската братија, јасно како бела виделина е дека во оваа ујдурма учествуваше прилично агресивниот сој кучиња, истрениран на територијата на која некогаш ординирала Баба Ванѓа, познати под името – политбултериери! Моите визии по третата чашка ракија, ми укажуваат на тоа дека и покрај ваквиот крволочен заплет, сичко че биде хубаво, љубовта и страста меѓу закрвените единки ќе надвладее во толкава мера, што неминивно ќе биде да падне и по некој секс!

Помеѓу копитарите и живината секогаш стојат јатата белоглави орли. Тие се заштитени со закон веќе 30 години, оти се сметаат за загрозени видови. Овие господари на височините, а богами и на подземјето, секогаш одлучуваат кој ќе коси, кој вода ќе носи, кој ќе пие, а кој ќе го јаде. Стапот!

Во нашето скромно и сиромашно општество, постои и една поинаква, не толку отворена за јавноста каста, која ја сочинуваат исклучиво јарци, кои стариот и новиот завет ги знаат како – оче наш. Тие се без исклучок црни, а заштитен знак покрај белиот крст на челото, им е и фирмата „мерцедес“. Покрај тоа што се занимаваат со градежништво, кратко пред Божик обелоденија дека влегуваат во бизнисот со струја, оти во годината на светска пандемија им останале троа вишок пари во џебовите. Моите предвидувања за јарците се дека оваа година ќе го освојат бизнисот со канабис во државата. Предводници на оваа иницијатива ќе бидат младото јарче Тамантие и неговиот духовен отец Подмантие, кои ќе ја излобираат пред своето стадо идејата за „хај револуција”, се со цел да бидат поблиску до Севишниот. Божја волја. Амин!

На самиот крај, за да не биде дека не сум претскажала, ќе ви речам и дека, како ќе поминува времето, дебелите ќе стануваат уште подебели со минимална веројатност за намалување на килажата. Што се однесува до глупаците со стопроцентна сигурност прогнозирам дека никогаш нема да станат попаметни.
Значи да повториме: боље дебел, него дебил. Бидете ми со добро здравје и чучемосе преку Тасета!

(Авторката е новинарка.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *