Сутерен.мк

Пандемијата, стравот и алкохолот

Од почетокот на светската криза поради вирусот Ковид – 19, па се до пред крајот на изминатава година, според бројни истражувања, конзумацијата на алкохолот е зголемена за повеќе од триесет проценти…

Повеќето од испитаниците (над 53 отсто) во последните шест месеци пиеле повеќе и почесто заради проблеми со менталното здравје – чувство на напнатост, стрес или загриженост, тага, проблеми со спиењето, страв.

  • Ковид – 19 негативно влијае врз менталното здравје на луѓето и доведе до тоа милиони да пијат многу повеќе од порано. Сега е многу поважно од порано да се тргне постоечката стигма и срам што многумина ја чувствуваат кога ќе сфатат дека конзумирањето на алкохол им избегало од контрола – вели раководителот на една од студиите, д-р Ендрју Мисел за британско “Metro”.

Тој додава и дека најголемата причина зошто луѓето пијат повеќе е анксиозноста од самиот вирус, но и поради ограничувањата што се применуваат во борбата против него, заради кои луѓето се осамени како никогаш порано.

Алкохолот во западниот свет додава тој е добро воспоставен и социјално прифатен механизам за соочување со проблемите и многумина го користат за привидно да им помогне да се ослободат од грижите и помалку да размислуваат за нештата што ги мачат.

Со појавувањето на вирусот, се зголеми драстично и економската несигурност, помали приходи, губење на работните места, расправиите во семејствата, одалечување од пријателите, па така и поголемото и почестото посегнување по чашката и во домашни услови.

  • Кога алкохолот од јавниот свет на кафулињата, пабовите и рестораните ќе се премести во приватниот свет на куќата или станот, неговото конзумирање може да се контролира само ако не сте целосно сами и ако не дозволите целосен прекин на социјалниот контакт со роднините и пријателите – вели Мисел и порачува дека покрај приоритетното справување со вирусот, општествата ќе мораат да осигураат доволно средства за да им помогнат и на овие лица.

И тоа што побрзо, додека проблемите не станале поголеми и поскапи! Особено што повеќето од оние кои посегаат по алкохолот за да се справат со општата и лична неизвесност се работоспособни, креативни луѓе, меѓу кои има и доста од младата популација.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *