Рајхсбиргер долго време беше предмет на национален потсмев, чии припадници се сметаа за обични будали. Дваесет и петмина членови на ова движење денеска се уапсени по рации низ цела Германија, осомничени дека сакале да извршат државен удар и да воспостават ново германско царство на чело со принцот Хајнрих Тринаесетти, потомок на благородничката куќа Ројс.
Безбедносните служби велат дека Рајхсбиргер или Граѓаните на Рајхот станало порадикално и поопасно движење. Оваа група не ја признава поствоената германска држава и ја отфрла власта на нејзината влада. Ова не е организирано национално движење, туку збир на мали групи и поединци расфрлани низ целата Германија кои делат исто верување.
Некои печатат и свои пари и лични карти и сонуваат за креирање сопствена автономна држава. Други одбиваат да плаќаат даноци, а многумина поседуваат оружје.
Властите проценуваат дека припадниците на Рајхсбиргер извршиле над 1.000 екстремистички кривични дела во 2021, двојно повеќе од 2020. Од 21 000 членови, се верува дека само пет отсто се крајнодесничарски екстремисти, а десет отсто се потенцијално насилни.
„Тие имаат врски во германската војска, а пандемијата дополнително ја радикализираше групата“, вели Миро Дитрих, експерт за групи кои шират теории на заговор.
Федералните обвинители изјавија дека членовите на Рајхсбиргер веруваат во бројни теории на заговор и демонстрираа заедно со антиваксерите, негаторите на ковид-19 и приврзаниците на движењето Кјуенон на масовните протести во изминатите години.