Сутерен.мк

Одбележана 120-годишнината од загинувањето на Гоце Делчев

Со панихида на Македонската Православна Црква – ОА и со положување цвеќе пред гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ од страна на бројни делегации и граѓани, денеска се одбележаа 120 години од смртта на македонскиот револуционер и борец за слобода Гоце Делчев.

Владина делегација положи цвеќе во црквата „Св. Спас“ во Скопје, а пред гробот на великанот оддадоа почит и претседателот Стево Пендаровски, делегациите на Собранието, на Министерството за одбрана, АРМ, Сојузот на борците, политичките партии и дипломатскиот кор.

На настаните во Скопје годинава не присуствуваше официјална делегација од Софија. Според тамошните медиуми, бугарските пратеници седницата ја започнаа со декларации за 120 – годишнината од смртта на Гоце Делчев, а претседателот Румен Радев во попладневните часови во соборниот храм „Свети Кирил и Методиј“ ќе присуствува на погребна молитва по повод годишнината од смртта на народниот херој.

Визионерот Делчев, кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите, беше убиен од турската војска на 4 мај 1903 година во селото Баница, на пат кон Сер. Тој ја застапуваше каузата за искрена борба за прогресивно-културна држава, основана врз радикални и социјални принципи, во која доброволно ќе се здружат сите угнетени народи и ќе ја продолжат сестраната борба, порачаа од Владата.

Премиерот Димитар Ковачевски не присуствуваше на денешното одбележување на 120-годишнината од смртта на револуционерот поради неговата работна посета на САД, но преку социјалните мрежи прати порака дека 4 мај, останува врежан во историјата како поука дека силата и иднината се во единството.

„Ова е тежок ден, ден на смртта и ден за кој била платена висока цена. Цената на животот и слободата. Слободата е скапо нешто, веројатно најскапото нешто на светот. Тоа е смрт за еден млад човек која ја платил со животот за слободата на сите, изјави денеска внукот на најмалиот брат на Гоце Делчев, диригентот Христо Христов, по положувањето на цвеќе пред гробот на Делчев, во црквата „Свети Спас“ во Скопје. Во контекст на македонско-бугарските тензии, тој вели дека има желба да направи мирен и културен проект кој вклучува музичари од двете држави.

„Моја лична желба беше на денешен ден да направиме мирен и високо културен проект кој вклучува музичари од двете држави и да ги изведат химните на двете држави, но и да отсвират нешто од последниот дел на деветтата симфонија на Бетовен, ’Ода на радоста’, која всушност е химна на Европа,“ додаде Христов.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *