Сутерен.мк

Отец Пимен: Пролет дојде

Пеењето на птиците во гората ја најави пролетта. Тревата полека, но сигурно раззеленуваше. Сливовите дрвја беа бели. Гледани од далеку, изгледаа како уште да не успеале да се истресат од снегот. Нивните расцветани пупки ширеа мирис на полен. Пчелите се беа фатиле вредно со работа. По неколку пати дневно одеа од цвет на цвет, ги опрашуваа цветовите, а потоа поленот го носеа во кошниците.
Се ова беше јасен знак дека се разбуди уште една година и дека е време да се излезе низ полето и да се почне со работа. Да се разора полето, да се закројат овошките и да се засади од лук и кромид до пипер и патлиџан.

Не чекаа втор знак вредните луѓе. Како да се натпреваруваа со пчелите. Ќе земеа по парче леб, малку сирење, нешто што останало од зимницата, стомна со вода за да не се враќаат до дома за ручек и работеа од утро до мрак. Да извадат нешто за нив, нешто за данокот кој мораше да се плати. Не ретко не остануваше ништо за нив, но не се предаваа.
Сточарите ја пуштаа стоката од пондилата да пасе на раат. Некои веќе ги носеа стадата нагоре по планинските пасишта на мандрите.
Сосема нормално изгледаше секојдневниот живот на прв поглед. Но кога човек повнимателно ќе се загледаше по нивите, бавчите и ливадите, ќе забележеше дека работат само повозрасните мажи и старите луѓе. Се забележуваа и мали деца кои вредно им помагаа и жени кои ќе дојдеа да си ги видат домаќините и нова стомна со вода да им донесат. Но ги немаше младите момчиња. Ги немаше низ полето, но вечно ги имаше во родителските молитви и молитвите на младите невести кои си ги чекаа мажите да се вратат од војната. Ги имаше и во секојдневните разговори на паузите кога соседите со бавчите ќе одмараа потпрени од двете страни на истиот плот.

-Комшии, ќе одмориме тро снагата по една вода и по една цигара да пијаме?

Ќе се зачуеше околу пладнина ова прашање.

-Ами не ти е лоша идејава, чекај да докопам редов уште некоја мотика. Ти виткај цигарата гредам јас – ќе се огласеше соседот, ќе докопаше па ќе потседнеа или ќе се испружеа на тревата.

Потоа ќе се провикнеа колку ги држи глас ако има уште некој низ градините што е за пауза, за цигара и вода да им се придружи. Неретко во пладневната тишина ќе се чуеше страшен звук на топовски удар. Тогаш погледите ќе им се завртеа кон Пелистер и Галичица. Првиот што ќе го забележеше црниот чад после експлозијата ќе покажеше со прст натаму.

-Море, море, уште црнет од барут и чад пусти Пелистер. До кога бре Господи?

И скоро секогаш така почнуваше муабетот.

-Ако црнет братот, црнеет и сестрата верна. Ено ја и Галичица цела изгорена е. Кај Томорус цела била ископана со ровој.

-Само Господ и Богоројца да ни ги чуват децата.

-Ти пак од кај разбра за Томорус? Кој можит да припарит сега таму да видит?

-Некни го вратиле едно детиште од долнине села рането дома, пак то кажвело. Саботата на пазар само за то са зборвеше.

-Ета, то де. Секој ден по некое дете носат рането или опрано, а уште не разбравме за шо и за кој са бијат нашиве македончина. Помини едните земи го големиот син, сетне другите помалиот, другата година третите третиот.

-Не дај Боже еден на друг да удрат. И тие не знат за кој са бијат.

-Бога ми не знат, ами знат?! Знат само дека са бијат да ја ослободат Македонија. Имат во сите нив останато од крвта на комитите од Крушево, од Илинденот. Ако за други са бијат, ама Македонија в срце му е на сите.

И ќе погледнеа кон сонцето, ќе измереа со остените колку се сторил саатот, ќе констатираа дека е време пак да се фатат за мотика и лопата и да расфрлаат малку ум, па ќе сработеа.

И ќе скршеше денот и скршените снаги уморни од работа ќе ги довлечкаа до дома. И кога невестите ќе им потураа вода во дворот за да се замијат од потта и прашината почнуваше се одново.

-Да не чу нешто за децава низ поле од муабет со комшииве? Ах само Господ да ни ги чува и здрави живи да ни ги вратит, па на внуци да са радвиме.

И пак топовите ќе згрмеа и пак погледите кон Пелистер и Галичица ќе се кренеа.
Следниот ден исто мирис на барут и чад, стари новости и нови молитви. Минуваа денови, седмици и месеци. Дојде и тој ноември. Се прибраа војниците да згреат коски по дома, да си видат татко, мајка, жени, деца. Да залечат рани и да ги одменат во полето постарите. Некои не успеаја да се вратат.
Звуците на испуканите куршуми и топовски гранати не ги слушаа веќе. Мирисот на барут го заменија со пријатниот мирис на домашните огниште, вкусните манџи и зелници.
Следната пролет запеаја птиците, обелеа сливите, разелени тревата, разеленија и Пелистер и Галичица.
Сепак, срцата на борците останаа тажни. Се бореа, победуваа и губеа, зависно кој од која страна биле ангажирани, а на крај сите повторно живееја под окупација.
Сонот за слободна татковина, за слободна Македонија живееше со сите преживеани момчиња.

(Авторот е митрополит на Европската епархија на МПЦ-ОА. Попознат, како отец Пимен. Роден, одамна во Ресен. Од ‘97 година во Водочки манастир. Живее во кола.)

п.с.

Народната песна:

Пролет дојде

Сестро ми најверна
Еј, ееј сестро ми најверна.
Пролет дојде и пиленце
во градина пеет,
зеленит се и тревата
слива са белеет
еј, ееј слива са белеет.

А Пелистер уште црн е,
црн е како гавран,
Галичице посестримо

Таму се бијат наште браќа
Браќа Македонци
Да ослободат Македонија
Од тирански маки
Еј, ураа од тирански маки.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *