Во брак сум шест години и имам едно дете во него. Бев многу вљубена во сопругот, но работите се изменија. Ретко разговараме, не разменуваме нежности, не чувствувам ни потреба за тоа, а мислам дека и тој се чувствува така. Станавме студени и незаинтересирани за заедничкиот живот. Тој веќе не е тој во кој бев вљубена, многу работи ми пречат кај него, но не помислувам да се разведам, а ни тој не споменува такво нешто. Што ми се случува?
Л. К., Битола
Л. К. дарлинг, стотици парови го живеат ова што вие го пишувате и ништо не менуваат туку продолжуваат во тој вкалапен немир, како да им е заслужена казна. Вљубеноста поминува и тоа редовно се случува, но луѓето остануваат заедно по секоја цена, како љубовта да ја замениле со некоја друга компензација.
Многу често велат експертите, ние во суштина и не се вљубуваме во одредена личност туку во сликата што самите сме ја создале за неа. Притоа, автоматски и за себе си создаваме одредено претставување кое се разликува од вистинското ние. Меѓутоа, со годините станува се потешко да се негуваат тие претстави и доаѓа до „наплата“ за тој напор што го вложуваме за рамката да „функционира“ и понатаму. Меѓусебните релации стануваат напнати, заморни, но продолжуваат.
Родени сме слободни и сами ги бираме своето однесување и чувства. За партнерот треба да не врзуваат не само емоции, туку и доверба, лојалност, сигурност, а не околности, деца, финансии и малограѓански шеми. За жал, честопати е токму обратното! Доколку не го сакаме животниот сопатник, слободни сме да си заминеме од него кога сакаме. Ако имаме каде и ако имаме смелост. Доколку немаме каде, ни преостанува да игнорираме, осамуваме, избегнуваме. Барем, додека не се подобрат околностите. Доколку пак, немаме смелост, пеколот е доживотен. Без никаква надеж за излез од него…
(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)