Сутерен.мк

Петар Мирчевски: Среќа е кога не си несреќен

Актерот при Битолскиот народниот театар во неговата десетка открива многу за своите најубави години, неспиењето, храброста… на единствен, „а ла Пепи начин“

1. Мото

– Кој повеќе спие, помалку живее. Епа, навистина е грев многу време да се помине во спиење, а да не се доживеат работи што ќе ни остават по некоја бразда на мозочната кора. „Во сонот и во гробот – нема среќа!“

2. Порака

На нацијата мора да и се остави порака, а некогаш богами и понога. Инаку, најмногу се нервирам со онаа песна „народе македонски свести се, не спи ти…“ Е, тоа е понога, а мојата порака е: Ја сакам оваа нација, но не сакам кон мене да се однесува со девалвација.

Со Моника Белучи

3. Години

Лично сметам дека мои најубави години (иако, тоа трае со месеци) е периодот кога бев во стадиум на фетус. Рака на срце, физички не сум напредувал баш многу оттогаш досега, но ете така, тоа ми се моменти на кои најчесто сакам да се потсетам. Си немаш никакво гајле, за надвор не те интересира, се е ок. Сега се чувствувам како дете на неуспешен абортус.

4. Среќа

Среќа е кога не си несреќен. Тоа значи дека среќата што сакала да си среќен, била појака од несреќата која сакала да си несреќен Со еден збор, среќата ја победила несреќата и затоа ти си среќен што си среќен и среќен си што не си несреќен. Цела среќа што среќата не ја остава несреќата да биде среќа.

5. Прашања

Уште како мал (мислам, по возраст) најчесто се запрашував зошто сакав да станам актер. Право да ви кажам тоа прашање си го поставувам и ден – денес и никако не ми е јасно. Ми рекоа, кога ќе пораснеш, само ќе ти се каже. Е, јас не пораснав и затоа се уште не ми е кажано.

6. Карактер

Всушност, јас и немам некој цврсто издиференциран карактер. Карактерни црти имам, ама некако терсене ми се распоредени. Поприлично сум комуникативен, а некои велат и духовит (толку им делиле). Страв до смрт! Уууууу! Верувам во реинкарнација.

7. Тага         

Најтажен бев кога почина татко ми Благој, пред осум години. Беше многу храбар човек, отворен, дружељубив, духовит, полн со желба за живот, со огромна љубов кон семејството. Верувам во реинкарнација.

8. Толеранција

 Жените се познати по тоа што секоја од нив располага со голем арсенал маани. Меѓутоа, тие маани жената ја прават попривлечна, потаинствена, понедопирлива. Најсреќен сум кога морам да толерирам жена која има маана што е привлечна, убава. Денес да бидеш привлечен и убав, навистина е маана, зашто се околу нас е толку „забегано“ што оваа маана и воопшто не е маана.

9. Марсовци

Никогаш нема да се согласам дека само на нашата планета има живот. Секогаш имам чувство дека некој не набљудува „одозгора“. Не сум сигурен дали се тоа Марсовци или некои други, ама… Ако се Марсовци, мора да се мали, ниски (моја висина), лижат сладолед „Марс“ и имаат говорна маана. Што значи „с“ го изговараат како „ш“, така што кога ќе ги запрашаш – каде е Марс?, тие одговараат: „Марш у п…. материну!“

10. Храброст         

Храброст е да се искачиш на вулкански врв што има страшна ерупција, да запалиш цигара од столбот вжештена лава што ја исфрла, да плукнеш во кратерот и да заминеш демек, сето тоа „нема врска“.

Бранка Н. Доневска

„Екран“, 1997 година   

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *