Сутерен.мк

Петре Прличко: Жал за младост

Срцето секогаш копнее по нешто. Копнежот најчесто, знаеме по што е. Само во еден период во животот не можеме да го наречеме со неговото вистинско име. Во младоста. Тогаш тоа е само недефинирано чувство, потреба да се нурне во нешто, но некои нејасни пространства, да живее поинаку, да биде поинаков. И, се нема страв, се нема сомневања. Едноставно, се оди далеку во соништата…

Една вечер, во 1923 година. Едно шеснаесетгодишно момче, следејќи ја единствената вистина во животот – гласот на срцето, ќе им се придружи на група „шарени луѓе“. Свесен за неизвесноста во која се впушта, ама полн со сила, верба! Таа вечер Петре Прличко, засекогаш напуштајќи го безгрижното детство, му се придружува на патуваќкиот театар на Михајло Лазиќ, еден од великаните на театарската уметност во тогашна Југославија.

Возот со кој заминува го носи далеку од неговиот роден град Велес, од меговиот роден Којник, од палавштините, од сигурноста на домот, од најблиските, од она на кое само до неколку минути му припаѓал. Со тага го напушта сето тоа, бидејќи не е лесно да се заборави еден цел живот.

Меѓутоа, возбудата од непознатото е преголема за тагата да го поколеба, та да се врати. Петре Прличко повеќе никогаш нема да биде обично момче од Велес. Тој станува уметник, актер. Следува првата авантура со театарот, во Битола. И љубопитност за нови светови.

Патувачкиот театар патува понатаму. Годините на театарскиот живот започнуваат. Години на немаштија, беда, горчина, сон под ведро небо. Но и години на надеж, љубов и истрајност. Години на верба во луѓето, во нивната чесност и достоинство, во нивната добрина.

Не веруваат многумина дека ќе биде човек од него. И самиот, почесто гладен одошто сит, понекогаш се сомнева. Но гласот длабоко во него не го остава да се предаде. Работи буквално, се и сешто, не плашејќи се од оние што го нарекуваат циркузант, комедијант, угурсуз… Момчето од Којник набргу станува познат со тогаш многу популарните комични рапорти.

И кога аплаузот се разлева низ воздухот, кој има време да мисли на сета мака што ја носи тој чуден, а толку убав занает. Честопати му доаѓало се да напушти, се да отфрли. Да се врати дома или некаде, на некое посигурно место, поспокојно. Ама…

Во 1931 година Прличко станува управник на сопствена театарска трупа, „Боем“. Освен почетници, во неговиот театар членуваат и мошне ценети и познати актери, како што се Добрица Милутиновиќ, Нада Урбанова, Митуш Ваниќ, Жарко Котрашан… „Безнадежното“ момче, сега веќе раководител на театар, не се плаши од ништо.

Можеби поради младоста, можеби поради вербата во идеали или можеби само зашто нешто силно сакал. А сакал, и се уште сака, театар.

Во Тетово, во хотелот „Палас“, неговиот театар ја изведува „Македонска крвава свадба“. Поради ширење на македонска пропаганда истата вечер Петре Прличко е уапсен и му е одземена дозволата за прикажување претстави. Набргу му е сепак, вратена, со помош на пријатели, но „Боем“ не е веќе „повластен државен вардарски театар“, туку само „патувачки драмски ансамбл на актери останати без работа“.

Како и да е, трупата го продолжува својот веќе еднаш избран пат. Служејќи се со најразлични итрини, тие привлекуваат бројна публика. Сепак, желбата да заигра на голема сцена во Скопје, не го напушта. Конеќно, во 1939 година, Прличко е во скопскиот театар: дебитира во комедијата „Карловата тетка“ од Брандон и Томас, во која толкува една од главните ролји – лордот Баберли. И доживува целосен тиумф.

Добива постојано вработување во театарот. А врзаноста за одредена театарска куќа носи и одредена сигурност, но може ли сигурноста да се замени со оној немир кога човек е можеби ненајаден и незатоплен, ама слободен!?

Почетокот на Втората светска војна го носи повторно во неизвесност. Ја напушта работата во Народниот театар, но по некое време неговите врати повторно му се отворени, но ништо не е како порано. На сцената, се повеќе бугарски артисти, кои зборуваат туѓ јазик, низ кој се велича бугарштината, а за Прличко во такви сцени нема место.

Тој почесто статира, отколку што глуми. Се чувствува непотребен, изгубен, гневен е… Меѓутоа, младоста не се предава, знае дека тоа нема да трае вечно. Во Битола, на седми ноември 1944 година е одиграна првата претстава на македонски јазик во слободна Македонија. Партизанската уметничка група „Кочо Рацин“ ја прикажува едночинката „како умира партизан“ што ја напишал Петре Прличко. А во 1945 година, на трети април, во Македонскиот народен театар е изведена и првата целовечерна претстава „Платон Кречет“ од Корнејчук, во која главната улога ја игра Прличко. За првпат во улога на негативец.

Петре Прличко е одамна во историјата на македонската театарска уметност. И после се, што останува?

  • Малку замор, малку разочараност, малку носталгија… И копнеж по нешто, што било, што веќе никогаш нема да се врати – одговара легендарниот актер.

На крајот на нашата средба, уште долго лебди ехото од монологот на Митке од „Коштана“ на Бора Станковиќ, иговорен од толку блискиот глас на Петре Прличко:

„ … А тоа време веќе не се врати. Ете, за тоа време јас жален ќе умрам, со отворени очи во гробот ќе легнам. Пеј ја ’Жал за младост’… За мојата слатка младост што така во ништо ми отиде и брзо ме остави. Пеј и викај ја. Моли ја, само уште еднаш нека ми се врати, само уште еднаш да ја почувствувам, помирисам…“

Бранка Н. Доневска

„Екран“, 1995 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *