Сутерен.мк

Светлана Антиќ – Јовчевска: Волсан

За добар волсан не треба само да си искусен и вешт занаетчија. Чинам неопходно е да си длабок мислител. Да умееш да ги избалансираш тасовите на животната вага. Да процениш кому колку и кому што, може да му помогне, да му начини штета, да го натажи со бодеж среде срце или да го орасположи. Да го насмее. При тоа и да си впечатлив. А и да си човечен во светот каде што нехуманоста се повеќе зема замав и како ретко кога задира во секоја пора на битието, на Галаксијата. Систематски и полека уништува се што може да создава убавина. Да ја надградува, ами не да ја нагрдува хармонијата.

Можеш ли да имаш правилен волсан ако немаш насмеано добро утро на почетокот на најнепредвидливиот претстоен ден! А денот е епизода од кошмарен сон во кој продолжило јавето со какофонија, кавги, расправии, стравови, забелешки, малициозности и разновидни приговори од секакви и никакви во твоето опкружување! Имало и по некој пријатен миг кој во сматницата останал незабележан! И ти правиш волсан набилдан со премногу фрустрации, неврози, длабоко почувствувани неправди од животот, од луѓето, од најблиските, од знајните и од незнајните, од општетството, од политиката, од што се не. Ете така „оштетен“, несвесно чиниш штета на некој добронамерен, реално критичен или пак, слободен, необременет сликар на реалноста. Колку ли се разбираш во тој правец на уметноста на човечкото живеење исполнето со добрина, наспроти лошотија, со пријателство, наспроти омраза и нетрпеливост, со порака да се смени нешто кон подобро, а набргу да се надмине тоа што не е добро.

Каков ли волсан можеш да извлечеш од разумот во неразумието кога ќе застанеш пред заклучените порти на домот на искуството, на животните мудрости, на многу непроспиени ноќи од грижи и желби потомците со сите нишани да ги видиш на прав пат. Тие порти како до вчера, пред да започне светското лудило во кое зад секое агле демне страв од смртта запустувајќи го животот, беа ширум отворени. Мудроста и искуството се сменуваа на клупите, разменуваа по некој збор процеден низ вештачките заби, или низ усните шуплини кои забите ги напуштиле. Наеднаш принудно се затворени во простор два на два и бомбардирани со страшни информации од намуртени телевизиски „ѕвезди“. Таа животна мудрост со исцрпени сили за било каква борба, загрижена само за најмилите за кои од миг во миг има само емоции, посакува крај. Зборува сама со себе или со отворени очи им се обраќа на мртвите, оти само со нив се сеќава единствено на убавите мигови во минатото. Да, мудроста го оживува минатото, зашто сегашноста и е премногу обременета, нејасна, тажна и незидржлива. А ти ставаш волсан како некој си портите ги замандалил како пред осудените за злодела, само и само за продолжување на веќе запрениот живот на оние внатре. Искусно мудрите потпрени на бастумите од едната или од двете страни грабаат до решетките кон најмилите со насолзени очи и со шепотлив глас, кој бавно излегува од ослабените гласни жици со едно прашање: –Зошто не можам за последен пат да те гушнам?

А волсанот не го дава одговорот, оти тој реди зборови добиени од некаде, без да ги почувствува трпките на искуството и на мудроста.

Кога од таму ќе заминеш со сведната глава во која непознати и расштимани тапанари удираат од сите страни, и со емпатија кон неосудените, а пресудените невини суштества, барајќи малку радост, игра, џагор, таму каде што на едно место има најповеќе, како на шилец паѓаш на уште еден шок. И портите на радоста, веселоста, на иднината, потклекнале под тешки катанчишта. Замандалената иднина немо, со исплашен поглед, вреска од под „закрпената“ усничка, цврсто и збунето стегајќи ја раката на безлични лица прекриени безмалку до очите. Чекорот на иднината и радоста е несигурен, неприроден, исплашен, тажен, оти се движи по непозната патека кон неговото добро, некогаш и некаде. Знае ли волсанот каде додека ги редел буквите кои му се вртат како изгребана плоча! Знае ли творецот на волсанот дека некому му создал немири, или тој е само машина без човештина?!

Во ова премногу загонетно 21 столетие боговите на љубовта потклекнаа пред Мамон, богот на парите…

Тмурното октомвриско утро мириса на есен. Природата си турка како што си знае, сликајќи прекрасни слики во разни бои. Најталентираниот уметник твори неверојатни и уникатни пејзажи. Птиците се разигруваат над мојот прозорец колку да ме потсетат дека нивната слобода е неограничена. Лесни им се телата, а сепак и силниот ветер не ги попречува. Можеби затоа што Мамон не е нивен бог! Хм!

И да, вие што труете со вашите волсани пред да ги нафрлате зборовите, фрлете поглед кон природата. Онака, колку во вашите глави да внесете чист воздух и леснотија на обременетата душа. Ха!

П.с. ако некому не му е јасно што и кој е волсан, одговорот е во сето она што го живееме. Обратната страна од нормалното.

(Авторката е родена во 1960 година, во Куманово. Во новинарството е од 1985 година – за што има добиено две значајни признанија, а до сега има објавено и три книги: публицистика – „Патот на вистината“, раскази – „13“ и романот „Ликот во огледалото“.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *