Сутерен.мк

Пијана љубов

Имам дечко кој го запознав на журка на која и двајцата бевме многу пијани. Врската продолжи и наредниот ден и месец и еве една година, но тој не е стално пијан, туку само кога треба да водиме љубов. Малку ми смета тоа. Не многу, ама се прашувам зошто мора да се напие? Добар е со мене, внимателен, мислам дека ме сака, ама штом сме сами, почнува да пие и не престанува дури ни по сексот? Згора на се, ми призна дека бил со друга, ама дека тоа не се сметало зашто бил многу пијан! Сакам да му се одмаздам, ама не знам како?

Сека (35)


Сека дарлинг, одмаздата е убаво чувство до кај 25-тата година, потоа создава само гасови во стомакот. А и нема да го отрезните дотичниот и да спиете со цел фудбалски тим – за тој што навива, секако.
Во години сте кога (нај)сериозно мора да ја испланирате својата иднина барем за наредната декада.

А со пијанчењево што го раскажувате, тешко тоа дека ќе се случи. Освен, ако немате амбиции да станувате исцелител! Зашто ситуацијава бара лечење. Што значи, многу нерви, време, трпение, кондиција… Не знам дали (ќе) вреди за сето тоа. Како ни дали ќе (ви) успее.

Едно е да се напиете чашка – две како „предигра“, тоа опушта и загрева, но, ако некој мора да се налие пред секоја блискост, тоа веќе е симптом на посериозен проблем (а и она со вашата желба за „одмазда“ е симптомтично).

Доколку му е дојдено до вас, ќе сака да ве види, почувствува, допре и кога сосема му е бистра главата. Обратно, тоа не е љубов, тоа е спорт.
Имајте на ум и дека ниедна изјава под дејство на алкохол судот не ја смета за важечка. Не би требало ни животот…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *