Сутерен.мк

Плетварскиот камен – нов „охридски бисер“

Ентузијастот Деан Шкартов има намера да создаде важен елемент
во нашата идентификација

Плетварскиот рубин е на добар пат да прерасне во важен елемент на нашата идентификација, рамо до рамо со охридскиот бисер, благодарение на упорноста на Деан Шкартов во намерата да направи финален ексклузивен македонски производ. Последиците на неговиот огромен ентузијазам, карактеристичен за секој мераклија по својот занает, се лабораторијата за доработка на камења, формирање на тим соработници, а по првите обработени примероци пред две години и наградата за најдобар производ на скопскиот саем за ракотворби. Сепак, според него, македонскиот рубин, се уште е во експериментална варијанта.

• Од оваа година преоѓаме на комерцијално претставување и очекуваме да има голем интерес и да почнеме да си ја враќаме инвестицијата. Пресреќен сум заради тоа! Нашиот рубин е ’нов’ скапоцен камен, што го нема никој од соседните земји, барем не до сега, а ниту во Европа нема значајни лежишта со интересен квалитет. Затоа, одиме напред со менаџирањето на обработката и натамошната промоција – вели, Шкартов, кој смета дека стигнал до тука само затоа што не се согласувал со обесхрабрувачките коментари дека кај нас нема клиентела со префинет вкус, која би покажала интерес за кристалите. – Таман и да е така, кога ќе понудите квалитет, можеби ќе треба да помине некое време, но на крајот ќе биде препознаен. Освен тоа, процесот на едукација на клиентот е неизбежен, а некој мора да го понесе тоа на плеќите – говори широко насмевнат.

ИТАЛИЈАНСКАТА АВАНТУРА

Занаетот го учел во Италија, работејќи во секторот за презентација и продажба на примероци од колекцијата на минерали на тамошниот магнат за кафе, Примо Ровис. Ја имал среќата да биде вклучен уште од самиот почеток на создавањето на таа ретка збирка од несекојдневни природни необработени кристали. Воодушевен од мајсторската рака на природата, „како во земјата да има вградено невидлив, таен компјутер, што ги делка камењата“, десеттина години ќе остане меѓу Италијанците за на почетокот на новиот век, повторно не обзирајќи се на предупредувањата од околината дека во Македонија не е безбедно место за живеење, а камоли за почнување бизнис, да се врати дома, сакајќи да донесе и претстави мал дел од вчудоневидувачките форми што се кријат во земјината кора.

• Веќе имав доволно искуство, заштеда и многу пријатели. Иако, во компанијата на Ровис се сомневаа дека во земја што е на работ на граѓанска војна можат да се продаваат кристали, кога ја видоа мојата решеност ме подржаа максимално, а не мораа! – раскажува Шкартов, додавајќи дека и денеска со старите познаници комуницира со обострана почит и поддршка, а за таквата поврзаност заслужни се неговото искрено приоѓање и лојалноста кон работодавците. – Отпремнината и заштедата ги вложив во кристали и со претовареното комбе, на почетокот на 2001-ва, на општо чудење на цариниците, „кој токмак се враќа во такви времиња назад и тоа од Италија“ се најдов по една деценија во својот град. Веќе наредната година го отворивме дуќанчето кај грчката амбасада и тоа денес е барем, етаблирано место за разговори околу кристалите.

Вели дека не се покајал за оваа своја одлука: – Не сум зажалил за ниеден досегашен потег. Се било дел од учењето на живеењето. Секој има башка патека и секоја е различна.

Неговата пак, патека се чини, започнува да се формира уште во родната скопска населба Мичурин односно, кога во четврто одделение го запишуваат во дневен престој и кога за среќа, ја има за учителка Милка Јурукова, жена која од секое дете, според него, се обидувала да ја извади и најмалата трошка креативност. Во нејзина режија се организираат игранки, маскенбали, претстави на кои на хармоника свират Златко Зец и Драган Станишиќ. Иако, во домот на Шкартови имало клавир и, иако, Деко (вистина признава со маки и молења), одел дури три години во музичко училиште, тој наеднаш е фасциниран токму од хармониката. Набрзо, на зимскиот распуст во Сараево, татко му, му го подарува посакуваниот интрумент.

• Се уште го чувствувам мирисот по отворањето на куферот на новата „ Weltmaester“ хармоника со 32 баса – се присетува нашиот соговорник. Во седмо одделение, со Станишиќ и комшијата Добрица се „здружуваат“ во купувањето на дуплиот албум на „Дип парпл“ и нешто од „Бијело дугме“ со што започнува „рокерската етапа“. – Се „утепувавме“ од дрндање по цели денови… Се снимавме на касетофон, а почнаа да излегуваат и првите песни. Групата ја крстивме „Коцка лед“ и започна организираното убедување на родителите дека има една мнооогу ефтина органа во Трговски, па после дека не оди без појачало, „папуча“, кабли… Наредните години се изнасвиревме по штафети, месни заедници, дискотеки, првите Рок фестови.. Се до матурата.
По летото, со едвај 17 години младиот Шкартов заминува на служење на воениот рок. Надлежниот офицер, сфаќајки дека тој се уште е дете, но кое знае да свири, го ангажира во воениот оркестар. -Цел бенд беше „опасни фаци“: Гиги, тапанарот од „Дугме“, Крле, гитаристот на „Генерација 5“, Цики од „Патика“, Ано – „Токму така“, а дојде и Љупчо Трајковски Фис од кого научив многу, не само за музиката туку и за луѓето, животот, однесувањето. Со таа формација, каде свирев гитара, доживеав многу свирки, цели турнеи. Чист рокенрол! – потенцира, Деко.

НЕИЗБЕЖНАТА МУЗИКА

Пред крајот на воениот рок, мајка му, му испраќа учебник по ботаника обелоденувајќи ги родителските намери за образување на синот. Инструментите се оставени во гаражата и предноста му е дадена на Земјоделскиот факултет. Се додека, од него постарите Владимир Петровски Картер и Борис Георгиев Бут, не го повикале да им се придружи во подрумските свирки погодувајќи ги тајните желби на „агрономот во формирање“. Само по неколку месеци се „раѓаат“ – „Бадмингтонс“! Без амбиција да „излезат од подрумот“ со години прават музика само за себе. Некој добронамерник ги пријавува на тогаш престижниот Рок фест, каде неволно настапуваат мислејќи дека ќе ги дисквалификуваат уште по првиот круг. Неочекувано за нив, таа 83 – та, фестивалското жири, овој бенд го прогласува за најдобар. Оливер Белопета по тој повод во „Екран“ ќе напише:„Најизненадени беа токму победниците!“

• Во деведесет и некоја, снимката на „Обични луѓе“ се нашла некако на топ листа во Данска, каде се задржала подолго време. Организаторите се обиделе да стапат во контакт со нас и кога им рекле дека таа група не постои веќе десет години останале зачудени – вели гордо соговорникот на „Глобус“. Од „Бадмингтонс“ ќе произлезе „Александар Македонски“, па соработката со Јанко Узунов и средбата со Сашо Гигов Гиш, што ќе резултира со формирање на „Клержо“. – Лудница беа тие времиња! – се присеќава Деко. – Цели концерти се правеа по локалите во Старата чаршија, што често добиваа „неочекуван“ тек: на пример, насред „Where’s the sunshine“ од „Коса“ ќе влета легендарниот Тефо со Крле од „Мањифико“ и ќе ја запееја „Од кога те млада заљубив…“

Паралелно со музиката, љубопитниот музичар преку Гиш ќе се запознае со индиската култура и филозофија, познатиот инструктор на боречки вештини, Славе Пашоски ќе го воведе во езотеричниот свет на каратето, а неговата тогашна љубов, Орхидеја и отецот Стефан Санџакоски во христијанството … По дипломирањето и неуспешното конкурирање за работа во Институтот за овоштарство, а во екот на распаѓањето и разгорувањето на војната во поранешна Југославија, Деан Шкартов по совет на своите родители, со велосипед заминува на скопскиот аеродром. Од тука, го фаќа првиот авион за Италија, каде живее неговата тетка. Кога се сместил кај роднината во Трст бил уште поисплашен.

• Тетката беше табиетлија жена. Ништо не и се допаѓаше што ќе направев. Само маани и грешки ми наоѓаше. Сепак, морам да признаам, се трудеше да ми го олесни снаоѓањето во новата средина – вели и додава дека со нејзина помош започнал да подработува на опслужување на постари лица. Набрзо запознава една девојка во истата „бранша“, која ќе го разнесува наоколу со своето „чинквеченто“, а дознавајќи дека е агроном ќе му предложи да си ја проба среќата во Јужна Америка, каде наводно, барале таков кадар.

СУДБОНОСНА СРЕДБА

• Со денови се обидував да закажам прием во конзулатот на Хондурас и кога конечно, ме примија, се сретнав со нивниот почесен конзул во Италија, господинот Примо Ровис. Кога му ги кажав моите намери, ми рече дека не ми е добра идејата за таков пат, туку е подобро да останам тука, а дека тој ќе се обиде да ми помогне да најдам некаква работа. Си заминав од неговата канцеларија не знаејќи дека сум разговарал со еден од најбогатите Италијанци и еден од највлијателните граѓани на Трст – говори Деко и додава дека набрзо се уверил и самиот во прочуената љубезност и добрина на Ровис кога му се јавил со предлог да им помага на работниците кои го средувале неговиот двор. Непосредноста и простодушноста на нашиот емигрант брзо го освоила семејството на богаташот. Па така, додека запишувал во своето тефтерче како се викаат на италијански гребло, копач и лопата и наоѓа време да им замеси тазе леб на изнемоштените лица за роденден, неговиот добротвор смислува нов план за Македонецот.

• Еден ден ме одведе во огромен магацин преполн со метални буриња од кои наѕираа разни светкави камења. Имаше намера да организира изложба од кристалите што биле пронајдени на неговите плантажи со кафе во Бразил. „Имам повеќе пари отколку што можам да потрошам. Затоа ќе ја направиме најголемата приватна колекција што може да се направи и ќе му ја подариме на Трст!“ ми рече г-дин Ровис и ме остави да го чувам тој волшебен свет од подземни богатства. Со годините, станав дел од неговиот тим што се занимаваше со оваа негова голема страст, научив многу, добив многу, но цело време копнеев да се вратам дома.

Неговиот немирен дух ќе го одведе на патувања низ цела Европа, Индија, Северна Америка и Канада со случки, како инсерти од некој авантуристички филм. Меѓу Индијците ќе сфати дека идентитетот е нешто длабоко втемелено во свеста на секој поединец, ќе учи јога кај познатиот учител Paramhansa Swami Maheshwarananda, а во Америка ќе се изненади од слободата на идеите и леснотијата на нивната реализација. Всушност, шетајќи низ светот, Дејан Шкартов го „дознал рецептот на незаборавот“.

• Сретнав многу богати и моќни луѓе, кои ќе останат запаметени со генерации. На сите им беше нешто заедничко: со многу труд заработиле пари, но во еден момент запираат со трупањето на богатства и почнуваат да прават работи за општо добро. Да помагаат на другите -со убедлива искреност Деко тврди дека не го интересира голема заработувачка. Вели дека му е доволно што не живее на туѓ грб и дека е среќен што си обезбедува егзистенција уживајќи во работата но, дека силно посакува потрагата по „камчето од Македонија“да ја заврши со широко комерцијализирање на плетварскиот рубин и тој да стане светски познат македонски бренд.

• Нашите наоѓалишта не можат да се натпреваруваат со оние во Зимбабве, Конго, Сибир или Бразил. Ниту пак, македонскиот рубин е со врвен квалитет, но сепак, е – рубин! Малите скапоцености, во вистински раце и со убави намери, можат да станат големи богатства! – истакнува Деан Шкартов, вљубеник во светлината на кристалите.

Добротворот Примо Ровис

Почесниот професор на Ломоносов универзитетот, човекот што ги запознал Мусолини и Тито, а на Владимир Путин му подарил два ахати, големиот трговец со кафе, спонзорот на Гиро д’Италија, Италијанецот Примо Ровис е роден во 1922 година, во сиромашниот дел на Истра – Змињ. На осумгодишна возраст му умираат родителите и го посвојува постарата сестра во чие семејство е постојано малтретиран од нејзиниот сопруг. Со доделувањето на Истра на Југославија, пребегува во Трст со само еден пар панталони и една маица. Меѓу првите воспоставува контакти со кафе производителите во Бразил и го започнува својот бизнис, што и денес е еден од најголемите во Италија. Последните две децении е страсно посветен на необработените кристали, кои немаат значајна јувелирска вредност, но се своевидно чудо на природата. Во фото книгата „Арте ди Дио“, издадена во 2000-та, посветена на неверојатните камења, меѓу неговите најблиски соработници, стои и името на Деан Шкартов.

Бранка Д. Најдовска
Фото: Никола Јакимов
„Глобус“, 2009 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *