Сутерен.мк

Поглед отстрана

„Македоника литера“ деновиве ја објави книгата „Поглед отстрана. Рацин (1908 – 1943)“ од Горан Калоѓера, во превод од хрватски на македонски јазик на Славчо Ковилоски, кој е и автор на предговорот.

Како што пишува авторот во воведот на книгата, Рацин е неговиот научен предизвик за кого, уште како млад научник, се обидел детално да го реконструира престојот во Хрватска и неговите дружења со истакнати антифашисти, писатели, уметници и политички другари. Во воведниот дел проф. д-р Горан Калоѓера пишува за Рацин како интелектуалец, поет, романсиер, публицист, критичар, полемичар, собирач на усно народно творештво, односно за неговата биографија, за неговото место и поврзаност со хрватската култура и со Хрватска воопшто.

Главниот дел од книгата е анализа на публицистичкиот опус на Рацин, неговата проза, поезијата (песни на хрватски/српскохрватски јазик), култната книга „Бели мугри“, песните на Рацин надвор од збирки и поетски циклуси, како и збирката народни песни што ја подготвил Рацин пред неговата смрт во 1943 година. На крајот од книгата авторот дава заклучен осврт. Ова е втора книга на Калоѓера за Коста Солев Рацин, првата е напишана на почетокот на неговата научничка дејност.

„Ретко кој македонски поет привлекол толку внимание кај теоретичарите, книжевните историчари и филолозите како Рацин. Рацин беше карпа, брана, првоборец во уметничкиот израз на мајчиниот јазик, потпора и надеж за многумина, пример за идеален револуционер и на крајот жртва. Беше човек визија, предвидел многу историски настани, кои за жал се обвистинија. Тој беше најчесното и најчеститото нешто што го имаа Македонците во периодот меѓу двете војни“ – пишува Калоѓера за Рацин.

 

Во предговорот Славчо Ковилоски пишува:
„Делото ’Поглед отстрана. Рацин (1908 – 1943)‘ од Горан Калоѓера е силно, експресивно, набиено со емоции, но и остварување коешто дава одлична слика за времето во кое живеел Рацин, како и за неговата личност. Изнесените анализи и синтези се и тоа како добредојдени за поширо¬ка¬та македонска читателска јавност, а со сигурност ова важи и за хрватските читатели. Всушност, авторот гради уште еден мост на поврзување помеѓу Македонците и Хрватите, во негов препознатлив стил. Тој е директен при соопшту¬вањето на своите согледби и ставови и тоа му дава посебна тежина, убавина и читливост на книгата. На крајот, Кало¬ѓера завршува со констатацијата дека без разлика на временската дистанца и релативно скромниот опус на Рацин, тој и понатаму останува најпознатиот македонски писател во Хрватска. Така ќе завршиме и ние, со констата¬цијата дека Калоѓера е еден од најпознатите современи македонисти, не само во Хрватска, туку и во европски рамки.“

Горан Калоѓера (Дубровник, 1951) е надворешен член на Македонската академија на науките и уметностите, надворешен член на Друштвото на писателите на Македонија и почесен доктор (доцтор хонорис цауса) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. На Универзитетот во Риека ги извршувал функциите декан на Педагошкиот и на Филозофскиот факултет и проректор за настава и меѓународна соработка. Во периодот од 1980 до 1990 година бил прв предавач на курсевите по Македонска книжевност и Македонски јазик на Педагошкиот факултет во Риека. Основач е и раководител на Лекторатот по македонски јазик на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Риека. По професија е дипломиран кроатист (јужнославист) и компаративист. Докторирал на тема македонско-хрватски и хрватско-македонски книжевни врски и допири на Педагошкиот факултет во Риека.

Впечатлива е стручната и академската биографија на професорот Калоѓера, кој првенствено се занимава со книжевното наследство, историјата на книжевноста, риечката литература и секако македонската литература. Тој е меѓу најистакнатите македонисти во Хрватска и на Балканот. Објавил триесет и две книги на книжевно-историски теми, како и стотина научни и стручни трудови од областа на јужнословенската компаратистика.

Од неговите македонистички трудови значајни се: „Јужнословенски книжевни проткајувања“ (1991), „Хрватско-македонски книжевни врски“ (1988), „Рацин во Хрватска“ (2000), „Компаративни македонско-хрватски студии“ (2000), „Препознавања“ (2004), „Браќата Миладиновци – легенда и стварност“ (2001), „Компаративни македонско-хрватски студии“ (2000), „Препознавања“ (2007), „Прилози за истражувањето на македонската книжевна историја“ (2009), „Македонскиот 19 век“ (2011), „Македонско-хрватски врски“ (2006), „Македонски теми без дилеми“ (2014), „Македонците во Приморско-горската жупанија“ (2016), „Македонски пријателства“ (2019).

За неговиот придонес во афирмацијата на македонската литература, култура и јазик добил повеќе македонски награди, меѓу кои: Орден за заслуги за Македонија, Почесно Рациново признание за 2005 година, Медал Св. Климент, почесен докторат на Универзитетот Св. Кирил и Методиј. Горан Калоѓера извесен период ја извршуваше функцијата почесен конзул на Република Македонија во Република Хрватска. По пензионирањето, е прогласен за професор емеритус на Универзитетот во Риека.
Калоѓера е докажан пријател на Македонија и голем поборник на научната вистина за Македонија, а како научник, славист и македонист ужива висок углед како во Хрватска, така и во Македонија.

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *