Сутерен.мк

Правници бараат Обвинителството да го гони виновникот за хаосот со личните документи

Универзитетски професори, поранешни судии, адвокати денеска побараа Јавното обвинителство да поведе истрага за да утврди кој и зошто е виновен за настанатиот хаос со личните документи откако вечерва на полноќ истекува рокот за нивна промена со уставното име, обврска што Македонија ја презеде со потпишувањето на Преспанскиот договор. Дел од правниците велат дека со ова се прекршени бројни човекови права.

„Според мене, јавниот обвинител уште денеска треба да го повика оној кој што во 2019 година нарачувал стари обрасци кои што беа во употреба до 2021 година. И сега на крај, тогаш кога се велеше дека ќе продолжат да важат, а се знаеше дека нема да важат, бидејќи тоа е меѓународен договор, тој треба да биде повикан од јавниот обвинител и да даде отчет, бидејќи на овој начин се кршат многу права на граѓаните. И тоа уставно загарантирани права“, изјави пензионираниот професор по административно право, Борче Давитковски.

Според него оној што нарачувал обрасци за лични документи во 2019 година со старото уставно име, веднаш треба да биде повикан во обвинителството да даде отчет бидејќи со новостанатата ситуација се прекршени уставно загарантирани права.

На ист став е и долгогодишниот судија сега адвокат, Владимир Туфегџиќ. Тој денеска на својот фејсбук профил напиша дека обвинителството треба да го повика на распит тој што во изминатите 5 години нарачувал и пуштал во промет стари обрасци и овозможил изработка и издавање на лични документи со важност подолго од 12 февруари иако знаел дека важноста на истите е до овој датум.

„Одговорност мора да има од едноставна причина што во изминатите 5 години при издавањето на лични документи со стариот формат надлежниот орган на управата не преземал ниту едно дејствие со цел навремено известување на граѓанинот дека рокот на важност на стариот формат истекува на 12 февруари 2024 година. Тоа бил во обврска да го направи со запишување на рокот на важност во самиот документ или при издавањето на документот истовремено да му достави писмено укажување за крајниот рок на важност. Доколку се постапело на овој начин денеска состојбата на работите ќе беше поинаква, а странката ќе се сметало дека е навремено известена. Во секој случај штетата е направена и одговорноста е на менаџерскиот тим во МВР и затоа на потег е ОЈО за ГОКК во чија надлежност е постапувањето на полициските службеници“, напиша Туфегџиќ на Фејсбук.

Тој очекува МВР да ги повика сите граѓани кои во изминатите 5 години менувале лични документи и не добиле документи согласно законот на кој денеска се повикува, дека имаат право да бараат одговорност токму од истите луѓе и институција како и право на надомест на штета, бидејќи без своја вина се изложени на понижување и малтретирање

Поради неодговорноста и измеќарскиот однос на СДС, граѓаните се доведени во ситуација да бидат во притвор во сопствената држава. Имено, изминатите години, надлежните институции, пред сè МВР предводено од Спасовски, свесно работеле против интересите на државата и граѓаните, за сега да има целосен крах во издавањето на патни исправи поради што граѓаните не можат да ги остварат своите основни слободи и права, изјави денеска Игор Јанушев, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и најави тужба против Спасовски.

„Ова е директно нарушување на човековите и граѓанските права на секој поединец во Македонија, затоа што некој ја злоупотребил својата должност и несовесно работел во службата. Оливер Спасовски е директно одговорен за ова, бидејќи со години наназад набавувал обрасци за лични и патни исправи и истите ги издавал, иако бил свесен дека тие ќе станат неважечки пред истекот на нивниот рок на важност“, изјави Јанушев.
По хаосот што настана со менувањето на личните документи со новото уставно име денеска партиите, министерот за внатрешни работи, претседателот на Собранието и премиерот се „растрчаа“ да го решаваат проблемот.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска соопшти дека до Владата поднел измени на законите што се однесуваат на патните исправи и возачките доволи, а истото тоа го направи и ВМРО-ДПМНЕ со предлог-имените доставени до Собранието. И пратеничката група на СДСМ ќе поднесе предлог-измени за продолжување на важноста на сообраќајните дозволи, осигурителните полиси и сообраќајните книшки, соопшти Дарко Каевски, портпарол и пратеник на СДСМ. Поради ова, претседателот на парламентот Јован Митрески побара координација помеѓу пратеничките групи, а премиерот Талат Џафери најави дека дел од проблемот ќе се решава преку закон, а другиот дел преку одлука на Влада.

Министерот Тошковски објасни дека во законските измени треба промена на редоследот на четири бројки во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и во Законот за патни исправи на државјаните.

Тошковски нагласи дека нема доволен број обрасци за пасоши и возачки дозволи за да се задоволат потребите на граѓаните.

Според координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, се работи на измена на одредбите од двата закони коишто предвидуваат завршување на роковите по однос на патните исправи и по однос на возачките дозволи. Со оваа измена, рече тој, ќе се продолжи одредбата за да можат да важат и во наредниот период.
Пратеникот и портпарол на СДСМ, Дарко Каевски, утрово најави дека пратениците од неговата партијата во Собранието ќе поднесат предллог законски измени за продолжување на важноста на возачките и сообраќајните дозволи, на осигурителните полиси и на сообраќајните книшки.

Во меѓувреме претседателот на Парламентот Јован Митрески од пратеничките групи побара да дејствуваат координирано „за да се дојде до најбрзото и најдоброто решение, кое ќе биде во интерес на граѓаните, а кое во исто време нема да наштети на почитувањето на меѓународните правни акти кон кои како држава сме се обврзале“

Техничкиот премиер Талат Џафери најави дека денеска ќе оди во Собранието за да се разгледаат можностите за надминување на проблемите со употреба на возачките дозволи и пасошите чиј рок истекува вечер на полноќ согласно Преспанскиот договор.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *