На падините на Водно, во близина на официјалната резиденција, во непретенциозна двокатна куќа, се наоѓаат приватните простории на претседателот на Република Македонија. Веќе седум месеци, тоа е новиот дом на Ѓорѓе, Маја и Иван Иванови, актуелното македонско претседателско семејство!
Откако ги поминуваме неизбежните протоколарни проверки, влегуваме во ненаметливо декорираниот објект, но новогодишната атмосфера зрачи од секој агол. Домаќините срдечно не пречекуваат во дневната соба, каде што доминира големата елка, во боите што и прилегаат на функцијата – пурпурна и златна.
Иванови велат дека сами ги бирале украсите, а внимавале и на личната традиција – првиот лампион да го стави нивниот син, деветнаесетгодишниот Иван, оваа година матурант во “Арсениј Јовков”.
Претседателот Иванов пак, како и другите години,ги наместил сијаличките. (“Се што дома е поврзано со струја е моја задача”, вели, тој.) Всушност, како што раскажува првиот брачен пар во државава, тие многу малку предмети пренеле тука од својот “оригинален” дом.
“Се работи само за неколку фотографии, сувенири, ситници. Кога се сместувавме овде немавме некои посебни барања. Важно ни беше само да се вароса и да ни се обезбедат полици за книгите. Се е речиси исто, како и кога живеел тука претходниот претседател” – раскажува Маја Иванова, која додава дека во домашните работи и помагаат две жени, Снеже и Јуле, кои практично, станале дел од нивното семејство. (Дознаваме дека едната од нив е постојан член на резидентскиот персонал, а другата е дојдена заедно со нив.)
Меѓутоа, нагласува дека за време на викендите, таа ги подготвува оброците за најблиските. “Мојата секојдневна рутина безмалку остана иста. Одам и понатаму на работа (во Агенцијата за цивилна воздушна пловидба ,нов. заб.) Мора да кажам дека сум растеретена од повеќето обврски, што ги имав претходно и тоа секако, годи, но знае и да ми се јави желба на пример, да отидам на пазар и – одам” вели, Иванова, но признава дека сепак, преголема “слобода” во движењето и нема, затоа што тука е протоколот, со своите строги правила.
“Мислам дека повеќе другите го променија односот отколку ние. Се појавивме на врата кај еден наш близок човек, кој нешто славеше и тој, буквално се расплака, целиот зачуден: ‘Па, мене претседателот ми дошол дома!?’” – раскажува Иванов, потенцирајќи дека тие, како семејство се свесни дека ова е само привремен дом, за кој не треба премногу емотивно да се врзат.
Ниту нивниот син драматично не ја доживеал новонастанатата ситуација, веројатно, затоа што и пред тоа семејството неколкупати го сменило местото на живеење, но и тој ни потврдува дека, сакал – нејќел, службените лица се блиску до него.
“Единствено” вели, “ не доаѓаат во подрумот, кога со другарите имаме гаражни свирки.” Музиката патем, има значајна улога кај Иванови: Маја свири на клавир, Иван на гитара, а главата на куќата, кога не ги слуша нив, ужива во својот нов хај – тек систем. Таткото и синот сепак, најмногу жалат по “старите” времиња, кога без многу размислувања заминувале на концерти на домашни и странски музички имиња па дури и кога се работело за повеќе стотици километри.
“Ми недостасуваат тие рокерски дружби со татко ми” – вели Иван.
“Се обидуваме, колку што е можно повеќе да продолжиме да функционираме како обично семејство. Ѓорѓе се труди да ја остави политиката пред влезната врата иако, таа останува да лебди, но не доминира барем, во овие приватни простории”, објаснува Иванова, додавајќи дека се задоволни од адаптацијата во изминатите месеци.
На нејзиниот сопруг во официјалните контакти многу му помогнала академската кариера бидејќи, повеќето од политичката елита се негови колеги. Се сретнале со завиден број државници и дипломати, во земјава и во странство, меѓу нив стекнале и пријатели, а на нашата домаќинка особен впечаток и оставила посетата на Турција.
“Е, да ја видите тамошната претседателска резиденција!? Тоа е буквално, цел еден град!” Меѓутоа, не е сигурна дека би била посреќна, кога би битисувала во толкав раскош и удобност. “Немам” вели, “преголеми барања во животот. Поточно речено, не би сакала да се претворам во нешто, што не сум. Фризурата и понатаму ми е иста, се шминкам сама, се облекувам на истите места. Знам дека сум под будното око на јавноста и прифаќам сугестии и помош во својот надворешен изглед, кога се приликите особено специјални, но не сакам драстични промени кај себе зашто, на крајот на краиштата, тоа нема да бидам јас, нели!?” Споменува дека околу мејкапот и помага стилистот Мартин, гардеробата ја набавува во бутиците на “Бела”, “Грација” и “Астибо”, а нејзина грижа, главно е и аутфитот на претседателот. (Она пак, во што никогаш не се меша е политиката. Иако, синот и сопругата се првата публика на претседателот и понекогаш знаат да искоментираат некој негов став или појавување во јавноста, тие не си дозволуваат да му наметнат свое мислење за државничките работи.)
Македонската прва дама има уште една “специјална” задача, а тоа се оброците на членот на семејството, кој го добија по “службена должност”: десетмесечниот шарпланинец Алек. “Иван го прошетува, Ѓорѓе го гали, а мене ме гледа само како сервис за храна.” се смее таа и појаснува дека секој претседател, кога се вселува во резиденцијата добива по еден претставник од оваа раса, кој живее тука се до завршувањето на мандатот, а потоа, доколку првиот човек на државата во заминување нема услови каде да го чува, го враќа во одгледувачницата.
Времето брзо изминува во опуштен разговор, а пред споменатиот протокол да не предупреди дека букираниот термин го потрошивме, успеваме уште да ги прашаме домаќините, какви им се плановите за претстојните празници. Одговараат дека новата година ќе ја дочекаат во резиденцијата, можеби во присуство на неколкумина блиски пријатели. На трпезата ќе ги имаат традиционалните јадења, како сарма, подварок додека пак, за Бадник, храната обврзно им е посна.
Меѓусебно, како и во изминатите години, пред славењето ќе си разменат подароци (кои се уште се држат во “тајност”), а претседателот ја “предупредува” сопругата да не биде разочарана зашто, новата година треба да се дочека во “духот на глобалната криза и климатските промени”.
На крајот, велат, на македонските граѓани им посакуваат пред се, здравје и им го порачуваат она, на што секојдневно го учат и својот син: “Важно е да се биде чесен, искрен и вреден, а се друго, само ќе си дојде!”
Политиката е полна со ритуали
Македонскиот државнички пар вели дека политиката односно, политичкиот живот е преполн со ритуали, односи, личен контакт и дека секој гест, секој миг е важен. Кога се сретнуваат со личности од официјалните кругови тие и двајцата претходно темелно се подготвуваат, читаат биографии за претставницит, собираат информации нивните земји.
“Функцијата е премногу сериозна и не дозволува импровизации. Тоа дава резултати, Македонија има пробив надвор. Морам да признаам дека и Маја одлично се снаоѓа”, коментира Ѓорѓе Иванов, а неговата сопруга појаснува дека има особено убави релации со жените на дипломатите во земјава, со кои барем, еднаш во месецот се сретнува, при што најмногу разговараат за можните иницијативи во хуманитарни цели.
Бранка Д. Најдовска
„Теа модерна“, 2009 година