Сутерен.мк

Дарко Митревски: Тестостерон изгубен во вселената!

  • Како го толкувате мислењето дека припаѓате на „стрип – генерацијата“?

– Никако. Стрипови читам откако знам за себе, стриповите битно влијаеа на мојата ментална конструкција, многу мои убави мисли и идеи се резултат на читањето стрипови, половина од мојот месечен буџет се троши на купување странски стрип списанија, но не припаѓам на никаква „ стрип – генерација“, затоа што таква генерација кај нас не постои! Познавам два – тројца луѓе во градов кои пасионирано читаат стрипови, но тие не ми се генерација. Мислам дека терминот „македонска стрип генерација“ си го измислија некои новинари, од немање друга работа.

  • Официјално, Вашата популарност започна со „Газета Казабланка“. Зошто ја нема рубриката?

– А зошто го нема Хемфри Богарт? Хемфри Богарт се прослави како „tough guy“ со вечно запалена цигара. Ишто се случи на крајот на приказната? Умре од тумор, како последица на пушењето. „Газета Казабланка“ ја нема затоа што повеќе не ја пишуваме. Кога ќе имам 70 или 80 години ќе објавам мемоари под наслов „Како ја попушивме „Газета Казбланка“.

  • Зошто се уште немате дипломска претстава?

– Затоа што сум очајно вљубен во една жена. И во таква состојба на перманентна возбуда, се зголемува лачењето адреналин во неговото тело (знаете, тој прилично агресивно ги прима ваквите интерни дразби), те на тој начин се блокираат сивите ќелии, а сиот организам се грчи и извиткува во фетусни облици. Признавам дека ова не може да биде оправдување и дека и ја должам на македоснката јавност својата дипломска претстава, но апелирам за трошка разбирање: та нели човекот е само мал тестостерон, изгубен во космосот!?

  • Многумина го оспоруваат и покрај нејзината популарност, квалитетот и идејата на „Ѕа, шнајдери!“…

– „Уа, шнајдери!“ е серија радосно прифатена од таксисти, студенти, фурнаџии, универзитетски професори, домаќинки, хаусмајстори, блудни средношколки, лекари, кино – оператори и разно – разни градски шетачи, а не е прифатена од македонскиот критичар Благоја Куновски – Доре. Се обидувам да го примам тоа стоички! Но честопати ноќе се будам од сон, облеан во студена пот, повторувајќи ги механички неговите строги рецензии кои дента сум ги прочитал и додека потсвеста ми се растопува како море од ситни кристали, сфаќам дека ако овој добар човек е во право, тогаш јас не сум ни приближно совршен. Тогаш тоа видно ме возбудува и не спијам со денови, понекогаш и со месеци. Мислам дека Благоја Куновски – Доре, треба сериозно да се замисли за начинот на кој ни го откраднува мирниот сон на нас младите, бидејќи познато е дека младите се нашето најголемо богатство!

  • Дарко Митревски – Поповски и Александар Поповски – Митревски? Кој е кој во тандемот Митревски – Поповски (о обратно) и кој без кого не може?

– Тандемот Митревски – Поповски и Обратно е составен од три клучми антропоморфни членки: Митревски, Поповски и Обратно. Дарко Митревски е еден од помладите потомци на лозата Митревски или Митри, натурализирани Славомакедонци, имаку семитско семејство од родот на паганските Симеријанци, кое во Македонија се населува заедно со Отоманските хорди. Во втората половина од 19 – от век, мојот чукундедо, Корнелиус Митри уснил еден чуден сон и веќе наредниот ден, заедно со своите најблиски преминал во ортодоксното христијанство. Александар Поповски е псевдоним на еден писател кој веќе со години наназад објавува забранети дела. Во моментов престојува во Македонија како апатрид. Во врска со ова поседувам обемна литература, која за жал, е во ракопис, но е полна со скокотливи пикантерии.

  • Асистент сте му на режисерот Столе Попов во неговиот нјнов проект, заедно со Александар Поповски. Значи ли тоа дека останувате двајцата, во трајна симбиоза?

– Според моите сознанија, симбиозата е старогрчки збор кој во биолошка смисла опишува состојба на заедничко живеење, тесна и трајна заедница на два или повеќе разноврсни организми.

  • Ве има на филм, ТВ, театар… Што сакате повеќе?

– Еднаш, претерано славниот Ингмар Бергман на едно вакво прашање одговорил дека „Театарот му е жена, а филмот љубовница“. Јас не го поддржувам овој облик на бисексуална полигамија, иако и самиот неколку пати не сум одолеал на слична перверзија. Сметам дека човекот мора да биде професионално дисциплиниран и верен само на една жена, а да се размножува со повеќе.

Бранка Н. Доневска

„Екран“, 1996 година.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *