Сутерен.мк

Александар Поповски: Многу ми е гајле!

  • Како го толкувате мислењето дека припаѓате на „стрип – генерацијата“?

– Еднаш двајца атентатори биваат погодени со рафал од куршуми. Тие не паѓаат, напротив, продолжуваат понатаму. Малку подоцна еден од нив забележува дека има дупки на облеката и фрла клетва по фирмата од која го има купено палтото. На што другиот заклучува дека ги има истите дупки и дека најверојатно не се од молци, туку од куршуми. На тоа двајцата мошне се вчудоневидуваат и сфаќаат дека, ако е така, тогаш би морале веќе да се мртви. Што и се случува во наредниот кадар.Од секогаш ме фасцинирал просторот на условност во стриповите. Ако под „стрип генерација“ го подразбирате истото ова, тогаш тоа ме прави многу среќен. Ако не, тогаш најверојатно станува збор за етикетата „стрип“, која почнува да се доделува на сите оние кои се малку помлади, а притоа прават нешто чудно. Се разбира, јас знам дека тие не читале стрипови. Ниту тие, ниту оние кои за нив тоа го велат.

  • Официјално, Вашата популарност започна со „Газета Казабланка“ во неделникот „Пулс“. Зошто ја нема рубриката?

– Од време на време ќе се случи нешто интересно, ќе бараат атентатори по „Кисела вода“, во руската „Дума“ ќе победат комунистите, Ештреф ќе отиде на прослава на „тетовскиот универзитет“, пајаците ќе збеснат по скопските улици, а Љубчо ќе го смени она во што се облековме пред четири години… И тогаш си помислувам:„ Ех, што не сум уште во ’Казабланка’!?“  После, кога ќе размислам, гледам дека е подобро што не сум.

  • Неодамна дипломиравте во класата на Слободан Унковски. Што научивте од професорот?

– Кога бев мал, во кино „Кисела Вода“, доаѓаа многу филмови со Брус Ли. Брус Ли беше херој на нашата населба. Покрај него, на почетокот на филмот секогаш имаше еден мудар старец кој му покажуваше како да удри, каде да нападне, што се крие зад студените очи на противникот, зошто одмаздата е еднаква на убиство. Кога ќе ги совладаше сите овие вештини, Брус Ли тргнуваше во решавачката битка во Змаевото гнездо. Ноќ пред да замине, учителот му го даваше последниот совет кој не беше врзан за техниката на карате ударите, туку ја објаснуваше смислата на светот и неговото постоење и не само неговото, туку и на другите светови.

  • Чаршијата зборува дека сте преминале на „комерцијалната“ страна…?

– Ни малку! За да преминам на комерцијалната страна, би требало претходно да бидам на спротивната. Бидејќи, од секогаш сум бил на комерцијаната страна, чаршијата има погрешна информациј – дека сум преминал. Јас сум скап, но затоа добар!

  • Многумина го оспоруваат и покрај нејзината популарност, квалитетот и идејата на „Уа, шнајдери!“…

– Во изминативе седум месеци Гаврош, еден од учедниците во серијата, н. заб.) ми раскажуваше по еден или два филма од кои сфатив дека е бесмислено Хенри Фонда да се вика Фонда, бидејќи тоа звучи како да е женско, така што е многу пологично да биде Хенди Фонд, дека Њу Делхи е на пример, некое село: дека ѕидовите се „зноеле“ во пот, браќата Муаремови направија ри – мејк на некој од најубавите филмски сцени, успеаа да го раскажат „Андалузиски пес“ и го најдоа клучот за тоа дека секој филм може да се гледа како мелодрама – професорот Живко Поповски ми покажа дека не постои нешто во светот што не постоело претходно кај нас. Големиот врач, Илија Пенушлиски, докажа дека ја поседуваме мудроста на Индијанците. Девојките успеаја да ги изнервираат сите кои не сакаат да гледаат девојки, а ги фасцинираа сите кои тоа го сакаат. Стојче Талевски докажа дека си игра мајтап со цела МТВ: Харе ја подига маалската логика на ниво на езотерична мисла и сето тоа ме направи волку добар човек каков што сум сега. Така што мојот коментар би се состоел во сентенцата: “Многу ми е гајле!“

  • Кој е кој во тандемот Митревски – Поповски (о обратно) и кој без кого не може?

– Не познавам никого по име Дарко Митревски! Да, ја познавам Соња Митревска, прекрасна девојка, запишана на факултетот за фармација. Кога ќе дипломира сака да се занимава со козметика. Не дека ја поддржувам во таа намера. Но таа е возрасна личност и сметам дека самат најдобро знае.

  • Асистент сте му на режисерот Столе Попов во неговиот нјнов проект. Значи ли тоа дефинитивно посветување на филмот или…?

– Тоа може да значи дека работам како асистент на Столе Попов. И дека на тоа дефинитивно ќе му се посветам.

  • Ве има на филм, ТВ, театар… Што сакате повеќе?

– Еден човек имал многу паметна жена, ама била бајаги грда. Сепак, со огромно задоволство со неа разговарал со часови. Од друга страна, имал една пријателка која изгледала прекрасно, ама била неискажливо глупaва. Сепак, со огромно задоволство водел љубов со неа. Размислувајќи за тоа , како да ги спои двете добра во едно, решил да изведе компликувана операција и да го пресади мозокот од жената во телото на пријателката. Да не должам: операцијата успеала и тој го добил она што го сакал. Набргу потоа побегнал со еден постар господин во непознат правец. Јас пак, повеќе ја сакам пријателката, затоа што сум нарцис и разговарам само со себе.

Бранка Н. Доневска

„Екран“, 1996 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *