Сутерен.мк

Пушачите на лавовите!

Да знаел Колумбо дека денес ова ќе се случува, сигурно не би ја ни открил Америка.
Како и да е забраните се тука. Создадена е нова раса! Односно таа е создадена уште кога во светот се донесе првиот закон против пушењето. Кога за прв пат некој извикал: „Пушачите на лавовите!“
Е, сега, таа нова раса треба и да се одвои, да се изолира од онаа другата, нормалната. Ловот по нив е започнат. Не треба премногу да се зачудиме доколку наскоро почнат да ги затвораат пушачите во гета, карантини…

Не дека цигарите не се штетни. Познатата новинарка Оријана Фалачи одамна кажа дека цигарите се многу опасни:
„Особено, ако недогорени, ги фрлате наоколу. Штетни се, исто така, за облеката, мебелот. Јас имам еден тон алишта, кои имаат дупки од цигари. Мојата работна маса личи на Арапин кој прележал големи сипаници. Сето тоа е многу штетно… и скапо.“

Што се однесува до оние апокалиптични пророштва дека човек кој пуши ќе умре или во најдобар случај ќе се разболи од ова – она и дека животниот век на човекот со секоја запалена цигара се скратува, дека… Го знаеме сите тоа, ок?

А го знаат и овие…
Вуди Ален: „ Ако престанам да пушам, ќе живеам една недела подолго, а каков баксуз сум, токму тогаш ќе врне секој ден.“
Оскар Вајлд: „Велат дека пушењето е бавно убивање. Јас тоа го знам, па никаде не брзам.“
Стефан Цвајг: „ Верувам дека пушењето, активност која нема објаснување, го чини човекот невнимателен, неконцентриран, ја уништува неговата конституција. Очекувајќи тоа да го видам, пушам секој ден.“
Марк Твен: „ Да се престане со пушењето? Па тоа е барем лесно. Јас сум прекинувал безброј пати.“

И мене, најомилениот на оваа тема, Оскар Вајлд: „ Цигарата е совршен пример за совшено задоволство. Одлична е и ве остава незадоволен. Што повеќе би барале!?“

Бранка Н. Доневска
„Екран“, 1995 година.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *