Сутерен.мк

Светови на крајот на светот!

Во време на пандемија од вирусот Ковид 19, секако дека сонувањето за патувања ни е ограничено. Сепак, доколку евентуално стане можно, не е на одмет да знаеме каде (не) смееме да планираме да одиме…

Амазонската прашума

Вакцинирајте се пред заминувањето, тоа е првиот и најважниот совет. Вториот е да најмите обучен водич. Можно е во авантурата да заминете и сам, но така се изложувате на големи опасности.
Кога ќе стигнете во Бразил, ќе пловите по Амазон се додека не дојдете до најдлабоките делови на прашумата. Можете да отидете на куса и безбедна посета или пак, да се впуштите во вистински десетдневен истражувачки поход и да го проучувате растителното и животинското богатство на Амазонија.

Антарктик

Се тргнува од Огнената земја на крајниот југ на Аргентина и тоа со посебен брод кој крши мраз. Големите ледокршачи не застануваат никаде, а оние помалите ќе застанат само ако временските прилики тоа го дозволуваат. Цените се високи: од пет до 12 илјади евра (во зависност од должината на рутата). Друга можност е на островот Реинион да се качите на француска лаѓа која превезува храна и други продукти и тоа во друштво на водичи. Еден месец вакво пловење чини над седум илјади евра.

Островот Монте Кристо

Ненаселениот остров помеѓу Италија и Корзика се прослави како место каде што се случува дел од дејствието на прочуениот роман „Грофот Монте Кристо“. Овој природен резерват годишно прима само една илјада посетители. Дозвола за престој мора да побарате претходно, а просечното време на чекање да ви биде одобрена е три години. Ќе ви ја одобрат побрзо само ако одите заради научни истражувања.

Чернобил

Од 2011 година дозволено е да се посети овој град на духови. Припјат и неговата нуклеарна електрана „Чернобил“, во која во 1986 – та дојде до експлозија. Посетата трае најмногу четири часа и морате да ја закажете еден месец порано. Во една група може да има најмногу 15 луѓе, а цената е околу 160 евра. Посетителите мора да бидат здрави, не смеат ништо да допираат и мора постојано да го проверуваат нивото на зрачење. Доколку тоа е премногу силно, посетата веднаш завршува.

Вратата на пеколот

Во пустината Каракум во Туркменистан се наоѓа една огромна дупка (широка 70 и длабока 20 метри) која од 1971 година постојано гори. Во прашање не е вулкански кратер, туку наоѓалиште на природен гас кое се запалило веднаш по откривањето! Вратата на пеколот не е непристапна сама по себе, но за патување во Туркменистан е потребна виза, која не се добива, ама ич лесно!

Северна Кореја

Доколку се обратите во туристичка агенција, веројатно и ќе успеете да отпатувате во далечната азиска земја во која се влегува исклучиво преку Кина. Ограничувањата се бројни: ќе можете да ги посетите само оние места каде што ќе ве одведе водичот, не смеете да му се обратите на ниеден жител на Северна Кореја, ниту пак, да ја критикувате владата и нејзината политика. Дозволено е да фотографирате, но на излегување од земјата полицијата се ќе ви прегледа и ќе ги избрише сликите за кои што ќе смета дека и штетат на угледот на земјата.

Сахара

Од сите непристапни места на светот огромната африканска пустина веројатно е најдостижна. Најдобро е да тргнете од Мароко, но патувањето можете да го почнете и од Тунис или Египет. Ако се впуштите во авантура на долга патека, нема да се покаете: велат дека хоризонтот на Сахара е како од бајките. Внимавајте на температурата: денски достигнува и до 50 степени целзуисови, а ноќе се спушта и до нулата.

Хималаи

Да зе резервира патување на „покривот на светот“ и не е некоја тешкотија, па и да се искачиш на Монт Еверест не е веќе некој потег од епски размери! За патот што води од Пекинг, преку Ласа (главниот град на Тибет) до Катманду (главниот град на Непал) потребно ви е да одвоите од одморот барем две недели. Кога ќе ги обиколите највисоките врвови, можете и да се спуштите низ Хималаите, но за таков подвиг неопходно е да бидете одличен планинар.

Овде, не можете!

Маријанскиот ров е најдлабокиот дел од светските океани (најголемата длабочина е околу 11 илјади метри) и се наоѓа во близина на островот Гвам. Не е забрането нуркањето, но не е ни препорачливо.

Островот Северен Сентинел во Бенгалскиот залив никогаш не бил во допир со современата цивилизација. Неговите жители (околу четиристотини) сите посетители ги напаѓаат со стрели!

Областа 51 во Невада, САД е воена база што се простира на 26 000 километри квадратни. Некои сметаат дека тука се чуваат и остатоци од вонземјани.

Островот на змиите е другото име за Кеимаду Иља, во близина на Сао Паоло. Таму има толку многу змии отровници што на луѓето им е забранет пристапот.

Гробницата на Чин Ши Хуанг, првиот кинески цар, во која е пронајдено осум илјади глинени војници, толку е скапоцена и чувствителна што е затворена за туристи!

Гангхар Пуенсум е највисоката планина во Бутан (7 540 метри). Само јапонски планинари успеале да го освојат нејзиниот врв во 1998 година, но тешко дека ваков подвиг ќе се повтори бидејќи владата на Бутан во 2003 – та сосема го забрани планинарењето.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *