Сутерен.мк

Раде Шербеџија: До последната капка!

Филмски, телевизиски, театарски актер, музичар, пејач, често писател и поет, еднаш левичар – секогаш левичар, ама и дисидент, сценарист, а наскоро и режисер, миленик на Љуба Тадиќ, Арсен Дедиќ и на многу генерации женски срца, вљубеник во виното, кафеаните, жените и морето, некогашен талентиран фудбалер, но сега само сопственик на многу таленти, татко на четири ќерки и еден син… е најкусиот опис за Раде Шербеџија! Тој зборува како да рецитира: романтично, разбирливо, носталгично. Разговорот е воден во неговата омилена дебармаалска кафеана, во друштво на „тиквешка жолта“ како неопходно погонско гориво и салата од домати – за него неодминлива кога е овде.

Роден е на 27 јули 1946 година во селото Буниќ, во Лика, Хрватска, во семејство на етнички Срби. Своето детство го поминува во Винковци, а на Академијата за филм и театар во Загреб дипломира во 1969 година. Со првата сопруга, Иванка Церовац, ги има синот Данило, кој е филмски режисер, и ќерката Луција, која е актерка и живее во Белград. Бракот со Церовац трае до 1987 година. Три години подоцна тој се запознава со Ленка Удовички, сестра на српскиот политичар Кори Удовички, со којашто е во брак од 1991 година. Имаат три ќерки: Нина, Вања и Милица.

Надарен со особена актерска способност и техника, рационален и темпераментен, сугестивен и со извонредна дикција, Шербеџија во текот на својата актерска кариера со леснотија ги изведувал и најтешките театарски и филмски сцени. Еднакво уверлив кога се во прашање класичните ликови како Шекспировите „Хамлет“ и „Ричард Трети“, но и модерниот репертоар – Ибзеновиот „Пер Гинт“. Во југословенските филмови, што ги има повеќе од сто, дебитира со филмот „Илузија“ од 1967 година. Оттогаш бил и Никола Тесла и Јосип Броз и Иван Горан Ковачиќ, снима со најталентираните режисери како Павловиќ, Петровиќ, Жилник, Зафрановиќ, Драшковиќ, Грлиќ, Карановиќ, Шијан, Кустурица… Самиот признава дека интернационалната кариера ја почнува по снимањето на култниот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски. Улогата во овој филм му е отскочна штица што води во Холивуд. Следуваат познанства и соработки со имиња како Стенли Кјубрик, Том Круз, Ванеса Редгрејв, Клинт Иствуд, Бред Пит… Шербеџија игра значајни улоги во: „Mission Impossible“, „Mighty Joe Young“, „The Saint“, „Snatch“, „Harry Potter and deathly hallows“, „The fog“, „X man: first class“ и многу други.

  • Како дојдовте на идеја да ја ставите на филмска лента драмата „Ослободување на Скопје“?

– Не случајно. Идејата ми се роди уште додека живеев во САД. На крајот на седумдесеттите години, театарската претстава „Ослободување на Скопје“ на Душан Јовановиќ, кој е роден во Скопје, беше култна. Ја режираше мојот добар пријател Љубиша Ристиќ. Цела моја генерација колеги експлодираше во таа драма. Со неа отидовме во светот. Ја покоривме Европа. Во Австралија ја игравме последователно 45 дена, а луѓето чекаа за билети во редови долги 150 метри. За таа улога го добив и австралискиот „Оскар“ – Same ward – за актер на годината. Потоа сум играл во многу други драми и на многу други престижни места, но таа енергија и тој восхит никогаш не сум ги доживеал повторно.

  • Зошто тогаш дури сега го почнувате целиот проект?

– Бев зафатен и снимав многу последниве години. Но, никогаш не се откажав од оваа приказна. Ја чувствувам толку силно и емотивно во мене, што во главата го имам целиот филм, сите кадри, темпото и динамиката. Едноставно, тоа мора да излезе од мене. Ние воопшто не сме свесни колку е драмата „филмична“ и колку на луѓето од Западот им е интересна приказната за невозможната љубов на една Македонка и еден Германец, животот на тој осакатен несреќник, приказната за малото момче кое созрева низ годините на војната и станува човек, приказната за партизанот кој се враќа од тој пекол и простува…

  • Кој го напиша сценариото за филмот?

– Најпрвин, на мое барање, тоа го направи Жика Павловиќ, мојот пријател со кого сум ги снимил најтиражните и најубави филмови во кариерата. Меѓутоа, подоцна, кога повторно го читав текстот, ми се чинеше дека треба да се смени нешто. Така, Душко Јовановиќ и јас направивме нова верзија на сценариото за којашто сметам дека е одлична.

  • Вие ли ќе застанете зад камерите?

– Да. Јас ќе се потпишам и како режисер, а ќе ја одиграм и улогата на Ѓорѓија. Откако е завршено сценариото, вториот логичен чекор беше да му се јавам на мојот добар пријател Медо (Горјан Тозија, н.з.) и да му ја кажам идејата. Се разбира, без неговото вклучување во целиот проект ништо немаше да биде исто.

  • Каде ќе се реализира и до каде е стигнат проектот?

-Знаете, по искуството што го имав со „Пред дождот“, цела Македонија за мене е филм! Кога сум овде, јас се полнам со некоја чудна и мистична енергија што мора да ја материјализирам.
Имаме веќе почетен буџет, одобрени ни се средства од вашето Министерство за култура, имаме контакти и со министерката Елизабета Канчевска, која многу ни помага во оваа почетна фаза. Успеавме да добиеме и средства од Хрватска, но комуницираме и со други продукции од Германија и Англија. Постојат услови да добиеме пари и од „Евроимаж“. Но, сакам ова, пред сè, да биде македонски филм.

  • Имате ли некои конкретни имиња на актери, направивте ли кастинзи?

– Да, тоа го направивме, кастинзите и пробите беа, на мое огромно задоволство, навистина многу успешни. Можам да ви откријам сега дека, освен мене, во сите други улоги ќе играат македонски актери. Единствената за којашто сум стопроцентно сигурен дека ќе добие улога во „Ослободување на Скопје“ е актерката која неизмерно ја сакам – Силвија Стојановска. Сум играл јас со неа и досега, но сакав да ја видам во една поинаква ролја, со поинаква енергија. И беше фантастична!

  • Каде ќе снимате?

– Веќе гледавме и снимавме неколку кадри на повеќе локации низ Македонија. Нешто ќе биде снимано во Скопје, друго, на пример, на железничката станица во Прилеп, но и на мостот во Велес. Битола со своите можности веќе не треба ни да ја споменувам.

  • Живеевте на многу локации последните две децении: Лос Анџелес, Лондон, Загреб, Белград… Каде ви е куќната адреса сега?

– Во овој момент во еден изнајмен стан во Риека. Таму е сега мојата сопруга Ленка, а со нас е и нашата најмлада ќерка Милица. Значи, каде ти е семејството – таму ти е домот. Милица е трета година во средно училиште, а кога ќе матурира речиси сигурно ќе оди на студии во странство. И другите две ќерки ми се студентки: едната е во САД – на Универзитетот во Филаделфија, а другата во Виена, на Американскиот колеџ.

  • Иако многу работевте низ светот, некако останавте врзан за овој регион, па често Ве „обвинуваат“ дека сте непоправлив југоносталгичар. Ви недостига ли она другото, старото време?

– Знаејќи се себеси, би ми недостигало и кога не би било толку добро. А, беше. Тоа е затоа што сум тука роден и воспитан во согласност со тоа време. Јас воопшто не го споредувам тоа време по коешто чувствувам носталгија со ова денешново. Јас и сега ги наоѓам своите „авнојски“ и „игмански“ патишта во поранешните југословенски републики. Секогаш ми се тука истите стари пријатели, запознавам и нови, истите кафеани, ги гледам истите краишта и хоризонти… Значи, јас сум еден слон, кој чекори по своите патеки, за мене одамна познати и трасирани.

  • Но, не мислат сите како Вас…

– Така е. И така можеби треба да биде. За мене е неприфатливо кога некој од идеолошки причини сака да ти ги затвори тие патишта и да ти кажува дека сето ова некогаш било „црна темнина“. Да се разбереме, јас не сакам да го бранам тоа минато време. Само сакам да си одам по својата патека. Истовремено, сакам да отворам и нови патишта. Јас навистина го мислам тоа. Без горчина, без сарказам.

  • На своја кожа добро го почувствувавте духот на распаѓањето на поранешната држава. Како се справувате со спомените од минатото?

– Со спомените не треба да се пресметувате никогаш. Тоа беше и помина. Готова работа. Ние сите заедно треба да создадеме ново време. На пример, некои брачни двојки кога ќе се разведат се агресивни и нечесни еден кон друг. Го поништуваат како да не бил својот некогашен живот и поранешната заедница. А има и поинакви примери. Некои мажи и жени со тага сфаќаат дека морало така. И тие сè уште ги паметат прегратките што своеволно ги примале и ги давале. Сè уште чувствуваат почит, имаат пиетет кон поранешните партнери и длабоко разбирање за сè што било. Јас припаѓам во вторите.

Никогаш нема да си дозволам да кажам за некого дека не ми е повеќе пријател и брат и дека ништо наше не важи, особено ако причините се од идеолошка природа. Сум сакал многупати во животот, некои жени ме оставале мене, некогаш јас сум ги оставал нив, но верувајте, секогаш ќе имам посебна склоност и почитување кон сите. Ете, јас така го разбирам животот!

  • Во последно време почнавте сериозно да ѝ се посветувате на музиката, Стефановски, Тадиќ, најново – дует со Северина… Ве исполнува ли музиката еднакво колку и глумата?

– Пред сè, јас сум актер и тука нема дилема. Што се однесува до музиката, мојата приказна е следна: јас сум ученик на Арсен Дедиќ. Тој ме водеше на концерти, ме сакаше како млад пријател и актер, а јас уживав во музиката и сакав да учам. Ќе ви раскажам една анегдота што се случи во раните седумдесетти години. Веќе имав дипломирано, кога заедно со Арсен дојдов на Скопскиот фестивал. Во Универзална сала имаше огромен метеж и огромна мешаница, многу славни и познати пејачи од тоа време околу мене. Но, додека течеа настапите, некој влегол во гардеробата преку едно прозорче и ги украл сите капути што му се виделе убави. Се сеќавам дека тогаш настрадаа бундата на Јосипа, скапиот морнарски капут на Арсен и сите други палта, освен мојот стар зелен излитен и скинат капут. И шапката си беше на место.

  • Сметате ли дека сериозно се занимавате со музика?

– Ми велат дека сум сè подобар дури и професионалци како Влатко Стефановски. Првпат почнав посериозно да музицирам со Дамир Дичиќ и Бошко Петровиќ. Тоа беше непосредно пред војната. Снимивме материјал што беше навистина добар, но остана заборавен некаде во фиоките на поранешниот „Југотон“. Не е издаден никогаш. Се викаше „Не будим те тек тако“. Потоа во Лондон направив уште еден албум снимен со музика од синтисајзер, но не ми легна баш добро. Откако Влатко при една наша средба во САД ме запозна со Мирослав Тадиќ, зачекорив некако во професионалните води. Со Тадиќ направивме две плочи. Сега снимам нов материјал што ќе излезе наредниот месец, а ќе се вика „Веч сам ти причао о томе“.

  • Вашето име секогаш се поврзува со боемскиот начин на живот. Се сметате ли себеси за боем?

– Право да ви кажам, не сум сигурен дека можам да се наречам така. Јас сум премногу организиран, професионален и уреден за да бидам боем. Ги сакам шанковите и боемштината како филозофија, но тоа не е мојот стил. Можеби најдобра дефиниција за мене во една пригода даде брат му на Здравко Чолиќ, Габаш, кој ми рече вака: „Господине Шербеџија, Вие не сте алкохоличар, туку еден многу сериозен љубител на алкохолот!“

  • Пеете за љубовта, зборувате за љубовта, сте љубеле многупати, не сте престанале да љубите… што е за Вас љубовта?

– Што би правел јас без неа… Љубовта е многу важна за сè што е живо, затоа што е различна секогаш и за секого. Тоа е благородно чувство, да допреш некого, да бакнеш некого, да се восхитуваш некому. Љубовта може да биде страсна или моќна како оружје, тажна или несреќна како античка трагедија. Највредното и највозвишеното нешто во човечката хемија.

  • Вашата автобиографија се вика „До последен здив“. Дали баш сè правите до последен здив?

– Не сомневајте се. До последен здив, до последна паричка, до последна реплика, до последна капка…

Ноне Абрашева Ноциќ
„Теа модерна“, 2014 година 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *