Сутерен.мк

Разуздан живот

Не знам дали е судбина или јас сум крив што животот ми се сврте наопаку. Имам жена, едно дете, куќа, семеен стабилен бизнис, пријатели. По долга борба со финансии, животот ми стана убав и мирен и тогаш сретнав една девојка. Не беше планирано, си ја сакам жената, ама се случи, и почнав врска со неа.

Мислам дека се вљубив и и признав на жена ми што се случува. Таа збесна, ми се заканува со развод, дека нема да ми дава да го гледам детето. Другата ме притиска со обратни барања. Да се разведам, да се оженам со неа. Не знам што сакам, не знам што треба?

Несигурен

Несигурен дарлинг, најпрво, спакувајте неколку партали во куферчето и отпатувајте некаде на неколку дена да размислите на раат. Не бегајте, туку кажете им и на двете жени дека ви треба малку одмор. Од нив.

Најголемата грешка е што сте и признале на сопругата за неверството. Прељубата се признава само во ситуација кога немате, ама баш, никаква намера да го продолжите бракот, а не обратно. Зашто, таа можеби и ќе ви прости еден ден, ама дали ќе заборави?!

За вас, важи истото писание како и за претходната читателка. Потребно е длабоко копање по сеќавањата, емоциите, за да го пронајдете одговорот дали можете, дали сакате заедно понатаму? И двајцата. Бесмислен е животот во двојка, ако еден турка, а другиот кочи.

Имам еден пријател кој после шеснаесет години, кога конечно, се средија со сопругата и материјално и социјално (банално е како вие мажите, штом престанете да мислите на заработувачка, почнувате да гледате по туѓи здолништа) почна да ја изневерува редовно, се додека еден ден не налета на една, која не сакаше така лесно да се предаде. Се разведе човекот, се прежени, создаде ново семејство.

Го сретнав по неколку години и се интересирам како му е со новата жена.

Вели, по некое време стана, ама баш исто како и со бившата. Го прашувам зачудено, што мислеше тогаш кога го растураше претходниот дом?! Тој, искрено и онака покајнички, ми одговара: „Мислев дека на вторава и е златна.“ Белким, вие знаете дека такви нема…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *