Сутерен.мк

Тегобни дилеми

Имам 55 години, сопруг и три деца. Добро сме ситуирани, но не бевме такви отсекогаш. Се боревме за подобар живот и дојдовме до него, но кога релативно се стабилизиравме финансиски открив една многу неубава работа. Сопругот ме изневерува со помлада од мене 1о години.

Ми призна дека тоа го прави во последнава година, но дека таа врска и завршила неодамна и дека сака да го продолжи бракот. Ми вети и дека тоа никогаш нема да го повтори.
Драга Дарлинг многу сум гневна на него. Како можеше да ми направи вакво нешто? Не знам што да правам? Не можам да му простам. Сакам да се разведам, но се плашам како понатаму?

Разочарана домаќинка

Разочарана домаќинка дарлинг, премногу е рано да донесувате било какви драстични одлуки за иднината на вашиот брак. Оставете малку времето да поработи за вас и да ви се подоладат главите и на двајцата. Вам од преголемата лутина, нему од неодамна завршената швалерација.

Секако дека се јадосувате, зашто вашиот сопруг пред една година заборавил на вас, вашите деца, сиот минат труд заеднички, убавите и помалку убавите моменти во домот. Меѓутоа и вие изгледа сте заборавиле многу нешта, затоа и дошло до оваа ситуација. Време е значи за едно големо потсетување.

Кога велам разговарајте отворено, не мислам на обвинувања и исправање „криви дрини“, туку на искрена, долга, исцрпувачка конверзација.

Одете некаде двајцата (откако ќе се потсмири меѓусебната жолчност) сами на ден – два и изнесете се до детали на масата.

Почнете од моментот кога сте дознале за неверството, како вие сте се чувствувале, како тој се „решил“ на ваков чекор, па одете наназад во вашиот заеднички живот. Кога ќе дојдете до оној момент кога сте се запознале, се надевам ќе се потсетите зошто сте се препознале, засакале, создале три деца, семејство, иднина…

Се надевам и ќе откриете уште желба и намери во себе за подобро издание на вас, како двојка. Доколку не се најде ни трошка заедничка волја за продолжување понатаму, тогаш веќе може да се размислува за развод и живеење по засебен пат.

Разводот е прекомплициран и кога се нема деца во бракот, а не пак, со три во него. Дајте се од себе, не да простите, туку да заборавите. Дајте си шанса…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *