Сутерен.мк

Сеќавање на личностите кои се вградуваат во докажувањето на македонската самобитност

Во Институтот за македонска литература при УКИМ се организираше научен собир по повод 60 години од смртта на македонскиот раскажувач, романсиер, историограф, публицист и сценарист Ѓорги Абаџиев.

„Сеќавањето на личностите кои се вградуваат во напорите за докажување на македонската самобитност и континуитет е наша чест и должност“ – изјави претседателката на Организациониот одбор на собирот проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева.

Абаџиев целокупната своја книжевна деност ја поврзува со испишувањето на историјата и ги одредува појдовните насоки во позиционирањето на македонската уметничка прозна реч спрема официјалните историографии.

Организаторите истакнаа дека идејата на овој собир, како и на сличните кои се случувале и ќе се случуваат во оваа институција, е да се актуализираат оние сеќавања за личностите од македонскиот книжевен, историски, културен и револуционерен живот кои се вградиле во изградбата на македонската држава и со тоа трајно да се впишат во македонската колективна меморија.“

Во речта на проф. д-р Наташа Аврамовска со која се отвори собирот, се истакна: „Како книжевен деец Ѓорѓи Абаџиев им припаѓа на две преломни раздобја: она меѓу двете големи војни и раздобјето на социјалистичко испишување на новиот „почеток“ на националниот и книжевен наратив. Во првите повоени години прозата на Абаџиев го премостува националниот самозаборав на минатото при еуфоријата на испишувањето на новиот почеток и новото време на социјалистичката изградба.

Темите на ајдутството и анархистичките традиции на македонската борба за национално осамостојување, постојано присутни во неговата проза и во сценариото за филмот „Мис Стоун“, се единствени сведоштва во повоениот книжевен наратив за „светлините на минатото“, претходницата на НОБ, со што во дадениот миг сведочи за историскиот континуитет на македонската борба за самобитност…“

Проф. д-р Лорета Георгиевска- Јаковлева, во излагањето насловено како Историската меморија на фикцијата: жанровски и стилски варијации, констатираше дека: „Во одреден момент во историјата на некој народ секогаш постои одреден дискурс, низа од правила и конвенции кои управуваат со делувањето на општеството. Од тој дискурс, кој е збир на политички, книжевни, историски, лингвистички, етнографски итн. текстови, произлегуваат доминантните идеи. Прозата на Абаџиев истовремено е и резултат и го одредува доминантниот дискурс на неговото време, што е особено важно денес, кога го вреднуваме неговото дело.

Тој делува во времето непосредно пред и по конституирањето на македонската национална држава. Тоа пак значи дека македонската официјална историографија е во фаза на создавање, како што е во фаза на создавање и македонскиот стандардизиран литературен јазик.  Одбележана од првичноста и настанувањето, прозата на Абаџиев е втемелена врз практиката на историската фикција која кореспондира со официјалната историографска фактографичност или уште повеќе, со оглед на не сосем до крај востановената историографија, има намера објективно да ги меморира историските состојби, и да биде еден вид надополнување на историјата, инструмент на официјалната историографија, но и нејзина уметничка илустрација.

Расказите, особено Табакерата, како и романот Арамиско гнездо припаѓаат на стилската формација класичен реализам и се нужна етапа во достигнувањето на психолошкиот роман Пустина“.

 

 

 

Проф. д-р Валентина Миронска-Христовска во излагањето Ѓорѓи Абаџиев и Македонскиот литературен кружок истакна дека тој „има особено значење за македонската култура како еден од основачите на Македонскиот литературен кружок (1938-1941) – единствената македонска национална илегална писателска асоцијација меѓу двете светски војни.

Ѓоѓи Абаџиев и другите напредни и национално свесни членови на МЛК, во периодот на бројните национални, социјални, политички и општествени противречности го претставуваат континуитетот односно алката во создавањето на македонската национална литература и на македонската култура воопшто. Притоа голем е влогот на Абаџиев во македонската прозната продукција но и во македонската историографија и публицистика“.

Гоце Смилевски во излагањето Индивидуалното и историското во романот „Пустина„ од Ѓорѓи Абаџиев констатира дека овој роман „е првиот психолошки роман во македонската литература и воедно спаѓа меѓу најзначајните прозни остварувања во нашата книжевност. Преку проникнувањето на историското и индивидуалното, авторот ги поставува во симбиотска врска поединечните егзистенции на ликовите и историскиот сплет настани во кои тие учествуваат.

Станува збор за дело кое преку своите ликови ја доловува суштината на човековото постоење во конкретниот историски миг, а воедно ги претставува и механизмите преку кои општествените промени влијаат врз индивидуата“.

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *