Сутерен.мк

Се чини се’ уште постои љубов

Во сабота во 19 часот, во „Аудиокултура“, ќе се одржи промоција на новиот роман на Тина Иванова под наслов „Се чини сѐ уште постои љубов или: Љубов во време на корона“.

Како што појаснува авторката Иванова, романот „Се чини сè уште постои љубов или: Љубов во време на Корона“ е приказна за љубовта помеѓу еден маж и една жена. Од една страна, зборува за љубовта помеѓу Ана и Дениал, љубов помеѓу христијанка и муслиман, за онаа чиста, искрена, невина љубов, речиси нереална – опишувана во некој класичен роман. Од друга страна, пак, приказната третира уште една верзија на љубов или ,,нељубов”, како контрапункт на среќната, полетната, безграничната, безусловната, полна со радост, а тоа е онаа грдата, измамничката, полна со сомнежи, непочитување, тага.
Дел од времето на дејствието, како што укажува и самиот наслов, се случува во периодот кога бевме заробени под плаштот на Ковид 19. Локацијата е Скопје, градот кој дише во наративот како едно соединение со ликовите.

-Но, во суштина, книгата зборува за предрасудите, пред сè, за религиските, а со тоа и за социјалните судови, за неразумните однесувања и за искривеностите во верувањата, наметнати од религиските авторитети помеѓу луѓето, кои се провлекуваат низ одредени дијалози и размислувања на главниот лик Ана. Низ размислите, во дел од случувањата на Ана, на нејзиниот емотивен живот како жена, се јавува аспект на одредена потиштеност и резигнираност на една разведена жена и сите стравови кои се наметнуваат од статусот, како и за соочувањето со тоа во едно труло општество. Таа го наоѓа својот пат кон Бога, пат, којшто го наоѓа со помош на најголемиот композитор на сите времиња Јохан Себастијан Бах, појаснува Иванова.

Таа порачува до читателската публика дека приказната се чита во еден здив, а во неа се вметнати и неколку песни, кои се врзивно ткиво на навидум одделните сегменти и коишто ја сликаат женската емотивна состојба од неколку различни перспективи.

Промоцијата ќе биде збогатена со настап на двајцата пијанисти Дино Имери и Дуња Иванова.

Тина Иванова е музиколог и продуцент, со долгогодишно искуство во новинарството, а зад себе има и шест пишани изданија.

Иванова е авторка е на книгата „Документ 103“ која претставува публицистички труд за музичкото радио Канал 103, за која ја доби престижната државна награда „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ во 2012 година. Добитничка е и на наградата „Урбан“ за промовирање на урбаната култура, награда на Институтот „Урбан“. Авторка е и на монографскиот труд „Михајло Николовски-нашиот Папа Франк“ по повод 80 години од раѓањето на истакнатиот македонски композитор и педагог, за која ја доби престижната награда „Панче Пешев“ од Сојузот на композиторите на Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *