Сутерен.мк

Синиша Станковиќ: Фалбаџии

„Ко те кара нек ти пише пјесме” (Елвис Џ. Куртовиќ)

Маалскиот Љубовџија, единствениот меѓу другарите кој сè уште има време и нерви (ај добро, и можности&шанси) да и објаснува на некоја помлада колешка дека и вакви, здебелени ем седокоси, не сме за фрлање, многу ретко, ама ете понекогаш, ќе посака и да ни раскаже за некоја од авантурите. Од една страна, малку си е и коркач, а жена му е опасна, ама од друга страна, ако не раскажеш, ако не се пофалиш нели, како ништо и да не си направил… А со оглед на фактот дека сè помалку имаме шанси да се перчиме со нешто во животот (освен, се разбира, со успесите на децата, кои се плукнати на нас, сите се метнале на татковците со големо „Т”, ем убави, ем умни…), било каков успех – особено на „гимнастички” план, е ептен причина за честење. И за кафеанско плакнење на устите со вистинските или измислените швалерски подвизи на камарадите.

И, додека на многубројните „трофеи” на Љубовџијата, вистински или измислени сеедно – оти и кога нè лаже, толку убаво нè лаже – веќе сме свикнале, неодамна нè изненади Разведениот. Меѓу две парчиња скара, ни раскажа дека и него го огреало сонце, а меѓу две кригли пиво и како ја воодушевил партнерката со темпо како „за светско првенство”. Ама, и како потоа, не можел никако да заспие оти му студело на голата половина, а му било срам да си го стави појасот за реума… („А пуштив и еркондишн, идиот низаеден, оти ми беше шубе да не корнам на пот, малку сум излезен од филм и немам кондиција, па затоа измрзнав, само се мислев да не ме фати половината, и да не можам да станам од постела…”, ни се жалеше среќникот, додека ние се засркнувавме од смеење и засипнувавме од врескање). И, тамам кога секој од нас останатите, случајни минувачи, завидувајќи му, сепак, на ишијалгичниот Донжуан, си ги набројуваше оправданијата чуени од поубавите ни половини последните месеци (од веќе изветвените – „изморена сум”, „ме боли главата” и „ај сега да муабетиме”, преку „ми почнува серијата” и „штотуку се туширав”, до очајничкото „остај ме, дебела сум…”), Љубовџијата, за да не остане покус, особено кога се работи за тема од неговата интересна сфера, се вклучи во дискусијата со најнова прикаска.

Фото: Наке Батев – „Љубовџија“

Демек, како една од најмладите соработнички, ачик му дала на знаење дека ја привлекува интелектуалец како него. И, во за него несвојствен самокритичен настап, ни призна дека кога конечно ја нарихтал работата да одат заедно во Радовиш на службен пат, нели, кога работата била – сега му е мајката, младата дама го замолила да ја прочита нејзината збирка поезија, па да даде официјално мислење за да ја отпечатат, па да и биде промотор, па да… А потоа, да поразговараат за взаемната привлечност. Малку, само малку, и така млакичко му се смеевме, оти каков е таков е, маалски ни е, наш си е… И во знак на сочувство и на лојалност, и Дис му го изрецитиравме. И пак, си пиевме, и го тешевме Разведениот дека секому можело да му се случи, кога ете, и Љубовџијата останал со… стихозбирка во рацете.

Ма, чиста поезија… Пред три децении, кога ќе избегавме од часови во гимназијата спроти Паркот, јас, како вистинско машко, одев со другарите во соседната биртија на „пиво за двајца”, а Таа, како вистинско женско од тие времиња, ќе шеташе неколку круга, пред да седнат со другарките на клупите на Јунфер брдо, и да озборуваат за толку очекуваниот Принц. Додека ние, наакани тинејџери, се правевеме магариња, тие, толку поинаквите од нас, го чекаа Оној, на Белиот Коњ. Откако, подоцна, по неколку пати беа исфрлени од седлото, и тие, по часовите, почна да доаѓаат со нас во биртијата. Нормално, откако на големите одмори, како „асистентки” со исклучителен шарм, ќе изгребеа далеку повеќе пари од нас. Колку за – пиво по човек. И за цигари. Што време ќе беше…? Среќен до екстаза, замаен и по само едно испиено пиво, вљубен до уши и отпојќе, ја испраќав до дома, слушајќи ги бескрајните прикаски за розовата иднина и за белиот Принц. Коњ? Нејсе, сè и беше – бело. И розово… Море, и мене. И рецитирав поезија, и ги пишував составите на идиотски теми, дури и стихови за неа почнав да пишувам… Еднаш и и ги прочитав, кога бевме сами на Јунфер Брдо, ама таа не беше нешто посебно воодушевена. Подоцна, кога ми ја скинаа темнината од очите, ми објаснија другарките и, кои во меѓувреме ги најдоа и коњите и принцовите, дека сум имал погрешен пристап, ама романтична душичка…

Фото: Томислав Георгиев – „Без шминка“

Многу подоцна, кога чув дека ќе се мажи, видов – невидов, собрав храброст (нешто што во убавите времиња, нели, си го имав по дифолт), зајакнувајќи си ја решителноста со поплава од ефтини шприцери во маалската меана, и тргнав да и објаснам, навреме да и укажам колку згрешив(ме). Во пристапот. Да ја потсетам и да и укажам дека ништо не е црно-бело, дека и ние, сивите имаме право да се надеваме на нешто розово, ма виолетово ако треба…, џиш-боја, само ако не се залетнуваме по снежно-белото кое бргу исчезнува. Арно ама, во тоа предиграта, во едното од многуте тековни исправања на неправдите и изблици на јунаштво на кафеанска маса, се преиграв. Се издишав… И потоа, додека таа, меѓу две сечени вотки, ми објаснуваше колку е среќна што го дочекала тој Белиот, јас мавтав со рацете за да ги избркам мушичките што како разулавени се лепат на смрдливиот здив од неквалитетното бело… Вино. И храбро одмолчав. За уште потоа, како низ магла да се сеќавам дека на нејзината свадба како “т’п ама упорит” гостин, низ солзи, по сто пати им ја нарачував на музичарите, „Бацила је све низ ријеку”, а тие ми се смееја… И, како по класично балканско мачо-сценарио, сè ми се срчоса, а за фрагментите, срчите де, од незаборавниот настан, со години потоа ми раскажуваа низ смеа, присутните другари-сватови, кои уште тогаш си ги пиеја&плаќаа своите пијачки. Стриктно, со одделни сметки…

Ми се јави откако ја препознала „шифрата”. На тогашното Радио Скопје, на првата целоноќна говорна програма во историјата, мислам деведесеттата, која (како и сè друго необјасниво во државата ни) ја водевме тројца новинари од пишан медиум, имавме договор да читаме и поезија. Кога мене ми дојде редот, исчитав некои стихови од периодот на Јунфер Брдо, посветени на средношколската љубов, сè мислејќи се, дали можеби, ќе ме слушне… Откако со мала моја помош се испразни шишето вотка, ми кажа дека Коњот абдицирал, или никогаш не го ни дочекал престолот, а Принцот пцовисал. Или, обратно. Не се сеќавам баш најдобро… Не сум кројка на козак. Никогаш не сум ја сакал вотката. Пијачката на вработените дринкери кои мора да внимаваат на здивот, секогаш ми била некако лицемерна. А и тоа лицемерите, ептен не ги поднесувам. И оној го мразев, што молчешкум, му ја здувна од нејзиниот стан додека таа имаше алкохолни кошмари и зборуваше в сон. Подоцна – му простив… Оти си го сакам, бе.

Ама, никогаш пред маалското друштво, пред камарадите, немав изблик на искреност како Разведениот и Љубовџијата. Никогаш не се пофалив за девојката од моите први стихови. А, ако не се пофалиш, исто како и ништо да не си направил…

(Авторот, роден во 1964 година е новинар. Пишува за леб – и за пиво & ќебапи – еве, три ипол децении. Жител на неколку скопски маала, автор на неколку книги… Некогаш – верник во поубавото утре зад првиот ќош, денес – носталгичар и по троа циник.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични ставови на авторите и не го претставуваат нужно ставот на сајтот сутерен.мк.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *