Сутерен.мк

Сокол Марковски: Дозволи да летне ко’пиле

-Изложбата насловена „Дозволи да летне ко’пиле“ на Сокол Марковски ( се однесува на невидливоста на одредени категории лица, во конкретниот случај напуштените деца, (п)оставени на маргините на општеството во кое уште од најраната возраст се соочуваат со различни видови дискриминација. Маргинализираните групи деца вообичаено се оние на кои поради неможноста да растат и да се развиваат во сопствено семејство, повеќе или помалку, им е ускратена пристапноста до социјалните, економските, политичките и културните права.

Предрасудите и стереотипите, кои сè уште (изразено) постојат во нашето општество, претставуваат длабоко
социјална проблематика и најчесто овие деца се третираат како речиси невидливи во општеството, односно се избегнувани како безлични ентитети со различен вид омаловажувачко етикетирање.

Според авторот, најсоодветен начин на претставување на општествената позиција и психолошката состојба (духовна болка, страдање, изолација…) на маргинализираните деца се ликовните средства, во контекст на емпатичност, но и избегнување пренагласена патетика. Портретите (портретот како тематска определба го
усовршува подолг период) се средство за најексплицитна и најдиректна форма за соочување со ликот и страдањето на Другиот, со „копилињата“ кои, иронично, општествено треба да се безлични.

Предимензионираноста е тенденциозна заради постигнување нивна поголема видливост, наспроти посочените наметнати невидливи позиции, при што се претставени интимните психолошки состојби. Портретите (изработени во масло на платно или хартија или комбинирана техника и дигитален печат) спаѓаат во доменот на реалистичност дополнета со апстрактна гестуалност, односно елементи на експресивна изразност манифестирана во слоевитоста на импасто ракописот, со видливо нагласени потези со четка и
шпакла.

Од особено значење во случајов е симболичниот избор и употреба на „бојата“, односно таа има функција на „носач на значења“ и се толкува како метафора за празнина, темно, ноќ, сенка, мрак… Ако се смешаат, создаваат сива, како асоцијација на егзистенцијата во неодредена сива зона на постоење безлични деца-духови, наспроти црното опкружување на општеството. Монохроматската црно-бела појавност ја изразува потребата за избегнување на детерминираните системи на маргинализираните групи според симболиката на која било друга боја како припадност или идентитетска определба (симболиката на религиски, партиски бои и др.).

Преку црно/белата палета дополнително се алудира на дуализмите како што се: темнина/светлост, позитивно/негативно, припадност/неприпадност, видливост/невидливост, појавност/внатрешност, полно/ празно… Притоа, се манифестира одреден вид деконструкција на повеќеслојните ликови (поставени врз монохромна позадина) зад наталоженоста, зад маската на појавноста и визуелизација на внатрешната експресија на личностите преку минимална употреба на „не-бојата“. Состојбата на страдање во ликовите е недовршена/ несовршена и е суров сенишен одраз на „светот на идеите“, иако децата се разликуваат според сопствените експресивни психолошки карактеристики.

Истовремено и контрадикторно, во дел од сликите се појавува едно празно око („очите како огледало на душата“) со назначена функција на „црна дупка“ која ги содржи сета безнадежност, безидејност, страв и скриени емоции … и опоменува за траумите кои вечно опстојуваат во психата на напуштените деца, без оглед на понатамошниот животен пат и служи како опомена за изборите на возрасните.

Реалните и имагинарни ликови, преку феноменот на „копилето“, говорат за позиција во општеството обременето со конформистичка колективна селективна меморија. Сокол Марковски преку оваа изложба (и претходната „Рак не е само хороскопски знак“) ја продолжува тенденцијата на социјално ангажирани проекти во чија основа се наоѓа борбата за дестигматизација на луѓето од маргините, нивна понагласена видливост, со поттик за решавање на проблемите и конечно иницирање целосна интеграција.

Изложбата „Дозволи да летне ко’пиле“ поаѓа од интимна приказна со автореференцијална форма, базирана врз сопственото искуство во животот и работата и претставува настојување на авторот преку уметнички исказ (кој навлегува и во сферата на терапевтското) директно да ја посочи потребата за менување одредени општествени позиции преку влијаење врз свеста и моделите на однесување, односно Јунговите архетипови на однесување на колективното несвесно наспроти индивидуалноста на различниот Друг.

Маја Чанкуловска-Михајловска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *