Сутерен.мк

Ф.М. Достоевски: Големиот инквизитор

– Ете, ни тука не може без предговор – имено без литературен предговор, пфф! – се насмеа Иван. – А каков писател сум ти јас! Види, кај мене дејствието се случува во шеснаесеттиот век, а тогаш – впрочем, ти би требало да го знаеш тоа уште од училиште – тогаш било обичај во поетските дела да се доведуваат на земја небеските сили. За Данте и да не зборуваме. Во Франција судските чиновници, а исто така и калуѓерите во манастирите давале цели претстави во кои ја изведувале на сцената Мадона, ангели, светци, Христос и самиот бог. Тогаш сето тоа било многу наивно.

Во “Notre Dame de Paris” („Богородичната црква во Париз“, заб. прев.), кај Виктор Иго, во чест на раѓањето на францускиот престолонаследник, во времето на Луј XI, во салата на градското собрание на Париз се давала за народот бесплатна и поучна претстава со наслов: „Le bon jugement de la tres sainte et gracieuse Vierge Marie“ („Праведниот суд на пресветата и милостива Дева Марија“, заб. прев.) во којашто таа се појавува лично и го изговара својот bon jugement (праведен суд, заб. прев.). Кај нас, во Москва, во старо време, пред Петар Велики исто така повремено се изведувале речиси исто такви театарски претстави, особено од Стариот завет; но, покрај тие театарски претстави, низ целиот свет кружеле голем број повести и „песни“ во кои, според потребите, учествувале светци, ангели и сите небески сили. Кај нас во манастирите се занимавале со преведување, со препишување, дури и со создавање на такви песни и тоа кога – за време на робувањето под Татарите.

Постои на пример, има една мала манастирска мала поема (се разбира, преведена од грчки): „Одењето на Богородица по маките“, со слики и со смелост што не е помала од Дантевската. Богородица го посетила пеколот и „по маките“ ја води архангел Михаил. Таа ги гледа грешниците и нивните мачења. Таму, меѓу другото, има еден многу интересен вид грешници во едно огнено езеро: оние од нив што потонале во езерото толку многу што веќе не можат да испливаат, „нив и Бог ги заборава“ – израз со необична длабочина и сила.

И, ете, запрепастената и расплакана Богородица паѓа пред Божјиот престол и моли милост за сите што се во пеколот, за сите што ги видела таму, без разлика. Нејзиниот разговор со Бога е неверојатно интересен. Таа моли, таа не се оддалечува, а кога Господ и ги покажува продупчените раце и нозе на нејзиниот син и ја прашува: како да им простам на неговите мачители – Богородица им наредува на сите светци, на сите маченици, на сите ангели и архангели да паднат на колена заедно со неа и да молат прошка за сите, без разлика. Завршува така што таа измолува од Бога да престанат маките секоја година од Велики петок до Духовден, а грешниците од пеколот уште таму му се заблагодаруваат на Бога и викаат кон него: „Во право си Господе што пресуди вака“.

– Ете, и мојата мала поема ќе беше главно таква да се појавеше во тоа време. Кај мене на сцената се појавува Тој; вистина, ништо не зборува во поемата, само се појавува и поминува. Петнаесет векови поминаа од времето кога тој даде ветување дека ќе дојде во својата слава, петнаесет векови откако неговиот пророк напиша: „Набргу ќе дојдам“. „А тој ден и час никој не го знае, ниту синот, туку само таткото мој небески“ како што рекол тој самиот уште на земјата. Но човештвото го чека со поранешната вера и со некогашното восхитување. О, дури и со поголема вера, зашто веќе поминале петнаесет векови од времето откако на човекот му прекинаа пораките од небото:

Верувај му на она што ти го вели срцето

                нема пораки од небесата.

 Остана единствено верата во она што го кажува срцето! Вистина, тогаш имало и многу чуда. Постоеле светци што на чудесен начин исцелувале болни луѓе; кај некои праведници, како што велат нивните животописи, слегувала самата небеска царица. Но ѓаволот не дреме и кај човештвото веќе се појавило сомневање во вистинитоста на тие чуда. Токму во тоа време на север, во Германија, се појавила страшната нова ерес. Огромната ѕвезда „слична на кандило“ (т.е. на црква), „падна врз изворите на вода и тие станаа горчливи“. Тие ереси почнале богохулно да ги негираат чудата. Но дотолку поогнено веруваат оние што останале верни. Солзите на човештвото се издигаат кон него како порано, го чекаат, го сакаат, се надеваат на него, копнеат да страдаат и да умрат за него, како и порано… И ете, толку векови човештвото се молело со вера и жар: „Господе ајде, јави ни се“, толку векови се извикувало кон него, така што тој, во своето неизмерно сожалување посакал да слезе кај молителите. Тој слегувал и пред тоа посетувал некои праведници, маченици и светци – испосници на земјата, како што е запишано во нивните „житија“. Кај нас Тјучев, кој длабоко верувал во вистинитоста на своите зборови, објавил дека

Подведен од тежината на крстот

                Сета тебе родна земјо,

                Те обиколи во ропски облик царот небески

                Благословувајќи те.

 Што и навистина така било, тоа јас ти го кажувам. И ете, тој посакал да се појави кај народот макар за еден миг кај народот којшто се мачел, страдал, смрдливо грешен, но кој детински го сакал.

Кај мене дејствието се случува во Шпанија, во Севилја, во најстрашното време на инквизицијата, кога за божја слава во таа земја секојдневно гореле клади и кога

на свечените судења

                ги гореа злите еретици.

О, се разбира, тоа не беше она слегување со коешто тој ќе се јави, според своето ветување, на судниот ден, во сета небеска слава и коешто ќе биде ненадејно, „како молња што ќе блесне од истокот кон западот“. Не, тој посака за момент да си ги посети своите деца, и тоа токму онаму каде што тогаш пламтеле кладите. Под своето неизмерно милосрдие, тој уште еднаш доаѓа меѓу луѓето во истиот човечки лик во кој одел меѓу луѓето триесет и три години пред петнаесет векови. Слегува на „жешките улици“, од јужниот град, во којшто спроти тој ден, на „свеченото судење“, во присуство на кралот, дворот, витезите, кардиналите и прекрасните дворски дами, пред многубројното население на цела Севилја – кардиналот, големиот инквизитор изгорел речиси сто еретици ad maiorem gloriam Dei  (во големата божја слава, заб. прев.). Тој се појавил тивко, незабележан и види – чудна работа – сите го препознале.

Тоа би можело да биде едно од најубавите места на мојата поема имено, затоа што го препознале. Народот со несовладлива сила трча накај него, го опкружува, се собира околу него во толпи, го следи. Тој молкум минува меѓу нив со тивка насмевка на бескрајно сочувство. Сонцето на љубовта гори во неговото срце, зраците на Светлината, Просветеноста и Силата му бликаат од очите и, паѓајќи врз луѓето им ги растреперуваат срцата со љубов што му ја возвраќаат. Тој ги подава рацете кон нив, ги благословува и од допирот со него, дури и само со неговата облека, излегува лековита сила. Во еден момент од толпата извикува еден старец, слеп уште од детството: „Господи, излекувај ме за да те видам и јас!“ И ете, како да паднала некаква лушпа од неговите очи, и слепиот прогледува. Народот плаче и ја бакнува земјата по која оди тој. Децата фрлаат цвеќиња пред него, пеат и му викаат: „Осана!“ „Ова е тој, ова е лично тој!“ повторуваат сите, „тоа мора да биде тој, тоа не е никој друг освен тој. “

Тој застанува во предворието на Севилската катедрала, токму во моментот кога во храмот со плачење внесуваат отворен детски мртовечки сандак; во него лежу седумгодишно девојќе, единствената ќерка на еден угледен граѓанин. Мртвото девојче лежи целосно покриено со цвеќиња. „Тој ќе го воскресне твоето дете“, и викаат од толпата на расплаканата мајка. Патерот на катедралата, што излегува пред детскиот сандак, гледа во недоумица и ги мршти веѓите. Но, ете, се разнесува молежливиот вик на мајката на мртвото дете. Таа паѓа пред неговите нозе: „Ако си ти тоа, воскресни го моето дете!“ – викнува подавајќи ги рацете кон него. Процесијата застанува, сандачето го спуштаат во предворието, до неговите нозе. Тој гледа сочувствено, а неговата уста уште еднаш изговара: „Талифа куми“ – „и стана девојката“. Девојчето станува во сандакот, седнува, гледа околу себе смешкајќи се со своите широко отворени очиња. Во рацете држу букет бели рози со коишто лежеше во ковчегот.

Масата е збркана, извици, лелекање и види, во тој момент одненадеж минува преку плоштадот покрај катедралата лично кардиналот, големиот инквизитор. Тоа е речиси деведесетогодишен старец, висок и прав, со испиено лице, со воспалени очи, но од кои се уште избива сјај како искра. О, не е тој во своите раскошни кардиналски одежди со коишто блескаше вчера пред народот кога ги гореа непријателите на римската вера, не, во овој миг тој е само во својата стара, груба, калуѓерска мантија. По него, на извесно растојание одат неговите мрачни помошници и слуги и „светата“ стража. Тој застанува пред толпата и гледа оддалеку. Виде се, виде како го спуштија мртовечкиот сандак пред неговите нозе, виде како воскресна девојчето, и лицето му се сневесели. Ги мршти побелените густи веѓи, а од погледот му молска злокобен оган. Го подава прстот и им заповеда на стражарите да го уапсат него. И еве, неговата сила е толкава и народот е веќе толку навикнат, покорен и плашливо послушен, што толпата веднаш отстапува пред стражарите, а тие во гробната тишина што настапи одеднаш, стражарите го фаќаат и одведуваат. Толпата за миг, како да е еден човек се клања до земја пред стариот инквизитор, а тој молчешкум го благословува народот и заминува понатаму.

Стражата го одведува заробеникот во тесниот и мрачен сводест затвор, во едно древно здание на светиот суд и го затвора во него. Поминува денот, настапува темна, жешка севилска ноќ „без здив“. Воздухот „мириса на лавор и лимон“. Во длабоката темнина неочекувано се отвора железната затворска врата и лично старецот, големиот инквизитор, со свеќник в рака, полека влегува во затворот. Тој е сам, вратата зад него веднаш се заклучува, застанува до влезот и една или две минути гледа во неговото лице. Најпосле полека пристапува, го остава свеќникот на маса и му вели: „Дали си тоа ти? Ти?“ Но, кога не добива одговор, брзо додава: „Не одговарај, молчи.

А и што би можел да речеш? Премногу добро знам што ќе речеш. Па ти и немаш ни право да додадеш нешто на она што си го кажал порано. И зошто дојде да ни пречиш? Бидејќи ти дојде да ни пречиш, тоа и самиот го знаеш. Но знаеш ли што ќе биде утре? Јас не знам кој си ти, ниту сакам да знам: дали си тоа ти или само неговата слика, но утре ќе те осудам и ќе те изгорам на клада, како најлош еретик и истиот народ што денес ти ги бакнуваше нозете утре, кога ќе дадам знак со раката, ќе се стрча да го прибира жарот кон твојата клада, го знаеш ли тоа? Да, можеби ти го знаеш тоа“, додава тој длабоко замислен, ни за момент не одвојувајќи го погледот од својот заробеник.

– Јас не разбирам баш сосем што е тоа, Иване? – се насмевна Аљоша, кој цело време слушаше молчешкум – Дали е тоа некаква безгранична фантазија или некаква грешка на старецот, некое невозможно qui pro quo (едно наместо друго; недоразбирање, заб. прев.)?

– Сфати го ако сакаш како последното – се насмеа Иван – ако веќе толку те разгалил современиот реализам и не можеш да поднесеш ништо фантастично, ако сакаш qui pro quo, тогаш нека биде така. Едно е вистина – пак се насмеа Иван – старецот има деведесет години и одамна можел да полуди поради својата фикс-идеја. Заробеникот можел да го вчудоневиди со својата надворешност. Најпосле, тоа можело да биде просто еден занес, привидение на деведесетгодишниот старец пред умирање, се уште возбуден од вчерашата свеченост на палењето стотина еретици. Но зарем мене и тебе не ни е сеедно дали е qui pro quo или бескрајна фантазија? Суштината е во тоа дека старецот има потреба да ги искаже своите мисли, дека најпосле може да се назбори за сите свои деведесет години и зборува гласно за она за што молчел деведесет години.

– А заробеникот исто така молчи? Го гледа и не кажува ниту збор?

– Да, така и треба да биде во секој случакј – пак се насмеа Иван. – Самиот старец го предупредува дека нема ни право да додава ништо кон она што е кажано порано. Ако сакаш, токму тоа е основната црта на римското католиштво, барем според моето мислење: „Се си му предал на папата, велат, значи, сега се е во раете на папата, а ти можеш воопшто да не доаѓаш, барем не пречи извесно време“. Во таа смисла не само што зборуваат туку дури и пишуваат, барем језуитите. Тоа го читав кај нивните теолози. „Имаш ли ти право да ни објавиш барем една од тајните на тој свет од каде што си дошол?“ го прашува него мојот старец и самиот одговара наместо него: „Не, немаш, за да не додаваш на она што си го кажал порано и да не им ја одземаш слободата на луѓето за којашто толку си се залагал кога си живеел на земјата. Се ново што ќе кажеш, ќе ја загрози слободата на верата на луѓето, затоа што ќе биде чудо, а слободата на нивната вера тебе ти беше помила се уште тогаш, пред илјада и петстотини години. Зарем ти тогаш не си зборувал често: ‘Сакам да ве направам слободни’. И ете, сега ги виде тие ‘слободни луѓе’“, додава неочекувано старецот, замислен и со потсмев. „Да, тој потфат скапо не чинеше“, продолжува тој гледајќи го строго уапсениот, „но, најпосле, ние го довршивме тој потфат во твое име. Петнаесет векови се мачевме со слободата, но сега тоа е завршено и завршено е со сигурност. Ти не веруваш дека е завршено целосно? Ме гледаш кротко и не ме удостојуваш дури ни со лутење? Сепак, знај дека сега, и токму сега, тие луѓе се поуверени дека се сосем слободни, а всушност, самите тие ни ја донесоа својата слобода и покорно ја положија пред нашите нозе. Тоа го направивме ние, а зарем ти тоа го сакаше, зарем сакаше таква слобода?“

– Јас пак, не разбирам – го прекина Аљоша – дали тој иронизира, дали се потсмева?

– Никако. Тој навистина си припишува дека е негова заслуга и заслуга на неговите тоа што најпосле ја победија слободата и што така постапиле за да ги направат луѓето среќни. „Затоа што дури сега (т.е., тој се разбира, зборува за инквизицијата) стана можно за прв пат да се помисли за човековата среќа. Човекот бил создаден како бунтовник; а зарем бунтовниците можат да бидат среќни? Тебе те предупредуваа“ му вели тој нему, „не ти недостасуваа предупредувања и укажувања, но ти не ги послуша предупредувањата, ти го отфрли единствениот начин на којшто можеа да се направат луѓето среќни, но за среќа, заминувајќи си, ти ни ја предаде целата работа нам. Тти вети, ти потврди со својот збор, ти ни даде право да сврзуваме и да разврзуваме и сега се разбира, веќе не можеш ни да помислиш да ни го одземеш тоа право. Зошто дојде да ни пречиш?“

– А што значи: не му недостигале предупредувања и укажувања? – праша Аљоша.

– Во тоа и е она главното што сакал да го каже старецот. „Страшниот и мудар дух, духот на самоуништувањето и небитието“, продолжува старецот, „големиот дух зборувал со тебе во пустината, а нам ни е речено во книгите дека тој наводно те ‘искушувал’. А зарем е така? И зарем можеше да се каже нешто повистинито од она што ти го кажал тој во три прашања и што ти си ги отфрлил, а што во книгите е наречено ‘искушенија’? Меѓутоа, ако некогаш на земјава се случило потресно чудо, тогаш тоа било на тој ден, на денот на тие три искушенија. И токму во појавата на тие три прашања се состоело чудото. Кога би било можно да се замиси, само за проба и пример, дека тие три прашања на страшниот дух исчезнаа без трага од книгите и дека треба да бидат обновени, повторно смислени и сормулирани, за пак да бидат внесени во книгите, па поради тоа да бидат собрани сите земски мудреци – државници, поглавари на црквите, научници, филозофи, поети, и да им биде дадена задачата: смислете и формулирајте три прашања, но такви коишто не само ќе одговорат на големината на настанот туку освен тоа, само со три збора, со три човечки реченици, ќе ја изразуваат целата идна историја на светот и човештвото – мислиш ли дека целата земна премудрост, соединета, би можела да смисли нешто слично по силата и длабочината на оние три прашања што ти ги поставил тогаш моќниот и мудар дух во пустината?

Само по тие три прашања, по чудесноста на нивната појава може да се разбере дека немаш работа со обичен човечки ум туку со вечен и апсолутен. Затоа што во тие три прашања како да е собрано во една целост и претскажана целата подоцнежна историја на човештвото и како да се дадени трите лика во кои ќе се соединат сите нерешливи историски противречности на човековата природа на целата земја. Тогаш тоа се уште не можело да биде видено така, затоа што иднината била непозната, но сега откако поминале петнаесет векови, ние гледаме дека во тие три прашања се е толку наслутено и претскажано и толку потврдено, што ним нема ништо повеќе да им се додаде ни одземе.“

Одлучи сам кој бил во право: ти или оној којшто ти поставувал прашања тогаш? Спомни си за првото прашање; иако не буквално, но неговата смисла е оваа: „Ти сакаш да отидеш во светот и заминуваш со празни раце, со некаков завет за слобода, што тие во својата неукост и својата вродена анархичност, не можат да го сфатат и од кое стравуваат и се плашат, затоа што за човекот и за човековото општество ништо и никогаш не било понеподносливо од слободата! А ти ги гледаш ли овие камења во оваа гола и жешка пустина!… Претвори ги во лебови и човештвото ќе потрча по тебе како стадо, благодарно и послушно, иако вечно плашејќи се дека ќе ја кренеш својата рака и дека твоите лебови ќе исчезнат.“ Но ти не си сакал да го лишиш човекот од слободата и си го одбил предлогот, затоа што си заклучил: каква ќе биде таа слобода, ако послушноста е купена со лебови? Ти си одговорил дека човекот не живее само од леб; а знаеш ли дека во името на истиот тој земски леб ќе се крене против тебе земниот дух и ќе се судри со тебе и ќе те победи и сите ќе тргнат по него викајќи: „Тој што е сличен на овој ѕвер ни го дал огнот од небото!“

Знаеш ли дека ќе поминат векови и дека човештвото ќе прогласи со устата на својата премудрост и на својата наука дека нема злосторство, а тоа значи дека нема ниту грев, туку само гладни. „Нахрани ги, па тогаш ќе можеш да бараш од нив благородност!“ – ете што ќе биде напишано на знамето што ќе го кренат против тебе и со коешто ќе го разурнат твојот храм. На местото на твојот храм ќе изградат нова зграда, пак ќе ја изградат страшната Вавилонска кула и иако ниту таа нема да биде завршена како некогашната, ти сепак, би можел да ја избегнеш таа нова кула и да ги скратиш човековите страдања за илјада години, затоа што тие и така ќе дојдат кај нас, откако илјада години ќе се мачат со својата кула! Тогаш тие пак ќе не најдат под земја, во катакомбите, каде што ќе се криеме (бидејќи пак ќе бидеме прогонувани и мачени), ќе не најдат и ќе почнат да викаат: „Нахранете не, затоа што оние коишто ни ветија оган од небото, не ни го дадоа“. И тогаш ние ќе ја доградиме нивната кула затоа што ќе ја догради оној којшто ќе ги нахрани, а ќе ги нахраниме само ние во твое име, и ќе ги излажеме дека е во твое име. О, тие никогаш, никогаш нема да се нахранат сами без нас!

Никаква наука нема да им даде леб се додека се слободни, туку ќе се заврши така што ќе ја принесат својата слобода пред нашите нозе и ќе ни речат: „Подобро е да не поробите, само нахранете не!“ Најпосле и сами ќе сфатат дека незамисливо е на земјава да има доволно слобода и леб за сите во исто време, затоа што тие никогаш, никогаш нема да бидат способни да го поделат меѓу себе она што го имаат! Исто така ќе се уверат и во тоа дека никогаш не може да бидат слободни затоа што се слаби, порочни, ништожни и бунтовници.

Ти им вети небески леб, но повторувам, дали може тој во очите на слабото, вечно порочното и вечно неблагородно човечко племе, да се спореди со земскиот? И ако по тебе во името на небескиот леб, тргнат десетици илјади, што ќе биде со милионите и со десетиците милиони суштества кои нема да бидат способни да го потценат земниот леб заради небескиот? Зарем тебе ти се мили само десетиците илјади големи и силни, а другите милиони, многубројни како морсиот песок, слабите, но кои те сакаат тебе, треба да послужат само како материјал за големите и силните? А не, нам ни се мили и слабите. Тие се порочни и бунтовници, но на крајот ќе станат послушни. Тие ќе ни се восхитуваат нам и ќе не сметаат за богови. Затоа што сме им застанале на чело и што сме се согласиле да ја поднесуваме слободата, од којашто тие се исплашиле па да ги владееме – толку страшно ќе им биде на крајот да бидат слободни! Но ние ќе речеме дека сме ти послушни тебе и дека владееме во твое име.

Ние пак ќе ги излажеме затоа што тебе веќе нема да те пуштиме кај нас. Во таа измама и ќе се состои нашето страдање, затоа што ќе мораме да лажеме, ете што значело првото прашање во пустината и ете што си отфрлил ти од името на слободата којашто си ја ставил над се. Меѓутоа, во тоа прашање е содржана големата тајна на овој свет. Да си ги прифател „лебовите“, ти ќе си ја задоволел општата и вечна човекова грижа, како на оделното суштество така и на целото човештво – а таа е: „Пред кого да се поклонат“. Нема потрајна и помачна грижа за човекот отколку кога ќе остане слободен, што побрзо да го најде оној пред кого ќе се поклони. Но човекот бара да се поклони пред оној којшто е веќе неспорен, толку неспорен што со него сите луѓе неочекувано би се согласиле на сеопшто клањање. Затоа што грижата на тие јадни суштества не се состои само во тоа да се најде она на коешто ќе му се поклонам јас или некој друг, туку да се најде такво нешто на коешто ќе му поверуваат и ќе му се поклонат обврзно сите заедно. Ете таа потреба од колективно клањање е најглавното мачење на секој човек лично, како и на целото човештво.

Поради сеопштото клањање, луѓето се уништувале еден со друг со меч. Создавале богови и си довикувале меѓусебно: „Оставете ги вашите богови и дојдете да им се поклоните на нашите, инаку смрт и за вас и за вашите богови!“ И така ќе биде до крајот на светот, дури и кога ќе исчезнат боговите од светот: сепак ќе клекнат пред идолите. Ти си ја знаел, не си можел да не ја знаеш таа основна тајна на човековата природа, но си отфрлил едно апсолутно знаме што ти го нуделе за да ги натераш сите да ти се потчинат без поговор – знамето на земскиот леб, а си го отфрлил во името на слободата и небесниот леб. Погледни што си направил понатаму. И пак се во името на слободата! Ти велам, човекот нема потешка грижа од грижата да го најде оној на којшто ќе може што побрзо да му го предаде дарот на слободата со кој се раѓа тоа несреќно суштество. Но слободата на луѓето ја завладува само оној којшто ќе ја смири нивната совест. Со лебот ти се давало неспорно знаме, ќе дадеш леб – и човекот ќе ти се поклони затоа што нема ништо понеспорно од лебот; но ако истовремено ја завладее неговата совест независно од тебе – е, тогаш тој ќе го фрли дури и твојот леб и ќе тргне по оној којшто ја придобил неговата совест. За тоа ти беше во право. Бидејќи тајната на постоењето човековото суштество не е во тоа само да живее туку и во тоа заради што живее.

Без уверливо сознание за тоа зошто да живее, човекот нема да се согласи да живее и попрво ќе се уништи себеси отколку што ќе остане на земјава, па дури и кога би имало околу него само лебови. Така е тоа, ама што се случило: место да ја завладее слободата на луѓето ти уште си им ја зголемил! Зарем заборави дека спокојството, дури и смртта на човекот му е помила отколку слободниот избор во запознавањето на доброто и злото? За човекот нема ништо попримамливо од слободата на неговата совест, но нема и ништо потешко од тоа. И ете, наместо цврсти основи за смирување на човековата свест еднаш за секогаш, ти си избрал се што е необично, неизвесно и неопределено, си избрал се што ја надминува човековата сила и според тоа, си постапил како воопшто да не ги сакаш и тоа кој: оној којшто дошол да го даде својот живот за нив!

Наместо да завладееш со човековата слобода ти си ја зголемувал и со нејзините маки засекогаш си го оптоварил душевно човековото царство. Ти си ја посакал слободната љубов на човекот за да може тој слободно да тргне по тебе, занесен и привлечен од тебе. Наместо по цврстиот древен закон, човекот сега морал со слободно срце сам да определува што е добро и што е зло, имајќи го како пример само твојот лик пред себе, но зарем не помисли дека тој најпосле ќе ги отфрли и ќе ги оспори дури и твојот лик и твојата вистина, ако го оптеретат со толку страшно бреме како што е слободата на избор? Тие најпосле ќе викнат дека вистината не е во тебе, затоа што би било невозможно да бидат оставени во поголема забуна и маки од она во којашто си ги оставил ти оставајќи им толку грижи и нерешливи задачи. Според тоа, ти самиот си го започнал разурнувањето на твоето царство и не обвинувај никој друг повеќе. А меѓутоа, тоа ли ти се нудеше? Постојат три сили, единствените три сили на земјава што можат засекогаш да ја соберат и да ја пленат совеста на тие немоќни бунтовници, за нивна среќа, тие сили се: чудото, тајната и авторитетот. Ти ги отфрли и едното и другото и третото и самиот си дал пример за тоа.

Кога страшниот и премудар дух те изнесе на врвот на храмот и ти рече: „Ако сакаш да дознаеш дали си син божји, фрли се долу, затоа што за него е речено дека ќе го прифатат ангелите и ќе го понесат и нема да падне, ниту да се повреди, па тогаш ќе дознаеш дали си син божји и ќе докажеш каква е твојата вера во татко ти“, но ти си го ислушал, си го отфрлил предлогот и не си подлегнал, ниту си се фрлил долу. О, се разбира си постапил гордо и прекрасно, како бог, но луѓето, но слабото бунтовно племе – зарем се тие богови? О, ти тогаш си сфатил: кога би направил само еден чекор, само едно движење за да се фрлиш долу, веднаш би го искушувал господ и би ја изгубил сета вера во него и би се здробил на земјата за чиешто спасување си дошол и би се израдувал мудриот дух што те искушувал. Но повторувам, колкумина има такви како тебе? И зарем ти навистина можеше да си помислиш барем во еден момент, дека и луѓето ќе бидат способни да издржат слично искушение? Зарем човековата природа е создадена така што ќе го отфрли чудото и во толку страшните животни моменти и во моментите на решавањето на најстрашните, фундаменталните и мачни прашања на духот, ќе остане само со слободниот избор на срцето?

О, ти си знаел дека твојот подвиг ќе биде зачуван во книгите, дека ќе стигне во длабочините на времето и до последните краишта на земјата и си се надевал дека, одејќи по тебе и човекот ќе остане со бога без да има потреба од чудо. Но не си знаел дека човекот штом ќе го отфрли чудото, веднаш ќе го отфрли и бога, затоа што човекот не го бара толку бога туку чудото. И бидејќи човекот не е способен да остане без чудото, ќе си создаде нови чуда, сопствени чуда и ќе му се поклони на гатачкото чудо, на бапските баења, макар и стопати да биде бунтовник, еретик и безбожник. Ти не си се симнал од крстот кога ти викале, подбивајќи ти се и предизвикувајќи те: „Слези од крстот и ќе поверуваме дека си тоа ти“. Ти не си слегол затоа што не си сакал да го поробиш човекот со чудо, си копнеел за слободна вера, а не за предизвикано чудо. Си посакувал слободна љубов, а не ропско воодушевување на безволните пред моќите што еднаш за секогаш ги запрепастиле. Но ти и тогаш за луѓето си судел премногу возвишено, бидејќи тие, се разбира, се безволници, иако се создадени како бунтовници.

Обѕрни се и оцени, еве, поминаа петнаесет векови, ајде погледни ги: кого си издигнал до себеси? Ти се колнам, човекот е создаден послаб, подолен отколку што си мислел ти за него! Дали тој може да го изврши она што можеш ти? Почитувајчи го до толкав степен, ти како да си престанал да сочуствуваш со него, затоа што премногу си барал од него и тоа кој, оној, што човекот го сакал повеќе од себеси! Да си го почитувал помалку, помалку и ќе си барал од него, а тоа ќе било поблиску и до љубовта, затоа што неговиот товар ќе бил полесен. Тој е слаб и подмолен. Што вреди тоа кога тој сега се бунтува насекаде против нашата власт и се гордее со тоа дек се бунтува? Тоа е гордост на дете и на ученик. Тоа се мали деца што се разбунтувале во одделение и го истерале учителот. Но ќе му дојде крајот и на детското воодушевување и нив тоа скапо ќе ги чини. Тие ќе ги урнат храмовите и ќе ја облеат земјата со крв. Но најпосле ќе се сетат дека иако се бунтовници се немоќни бунтовници што не можат да го издржат ниту сопствениот бунт. Леејќи глупави солзи, тие најпосле ќе признаат дека оној што ги создал како бунтовници, несомнено сакал да им се потсмевне. Тоа ќе го речат во очај, и тоа што ќе го речат ќе биде богохулење од коешто тие ќе станат уште понесреќни, бидејќи човековата природа не поднесува богохулење и на крајот на краишата, самите себеси ќе си се одмаздат за него.

Според тоа, немир, збрка и несреќа – тоа е денешната судбина на луѓето, после се што ти толку изнапати за нивната слобода! Твојот голем пророк во визии и алегории вели дека ги видел сите учесници во првото воскреснување и дека ги имало по дванаесет илјади од секое поколение. Но ако ги имало толку, тие како да не се луѓе, туку богови. Тие го истрпеле твојот крст, истрпеле десеттици години глад и гола пустина, хранејќи се со скакулци и корења, и ти се разбира, со гордост можеш да ги посочиш тие деца на слободата, на слободната љубов, тие слободни и величествени нивни жртви во твоето име. Но сети се, дека нив ги имало само неколку илјади, и тоа богови, а останатите? Што се виновни другите слаби луѓе затоа што не можеле да издржат како силните? Што е виновна слабата душа затоа што не е способна да прими толку страшни подароци? И ако е така, тука е тајната што ние не можеме да ја разбереме. А ако е тајна, тогаш и ние сме имале право да ја проповдаме тајната и да ги учиме дека не е важно слободното одлучување на нивните срца, ниту љубовта, туку тајната на која тие мораат слепо да и се потчинуваат, дури и против својата совест. Така и направивме.

Го поправивме твојот подвиг и го засновавме врз чудото, тајната и авторитетот.  И луѓето се израдуваа бидејќи повторно ги поведоа како стадо и затоа што најпосле од нивните срца беше симнат страшниот дар којшто им донесе толку маки. Кажи, дали сме имале право учејќи и постапувајќи така? Зарем ние не сме го сакале човештвото кога толку смирено сме ја признале неговата немоќ, кога со љубов сме го олесниле неговото бреме и кога сме и дозволиле на неговата немоќна природа макар и да греши, но со наша дозвола? И зошто дојде сега да ни пречиш? И зошто така молкум и сочувствено ме гледаш со своите кротки очи? Налути се, јас не ја сакам твојата љубов, затоа што не те сакам ни тебе! И што да кријам од тебе? Зарем не знам со кого зборувам? Она што имам да ти го кажам, се ти е веќе познато? Тоа го читам во твоите очи. И зарем јас ќе ја скријам од тебе нашата тајна? Можеби ти и сакаш да ја чуеш од мојата уста; тогаш слушај: Ние не сме со тебе, туку со него, тоа е нашата тајна!

Ние уште оддамна не сме со тебе, туку сме со него, веќе осум векови. Токму пред осум векови сме го зеле ние од него она што ти си го отфрлил со негодување, последниот дар што ти го понудил покажувајќи ти ги сите земски царства: ние сме го зеле од него Рим, и мечот царски и сами сме се прогласиле за земски цареви, за единствени цареви, иако до сега не сме успеале да го доведеме своето дело до целосен завршеток. А кој е виновен?  О, нашиот потфат и сега е на почетокот, но почнато е. Уште долго ќе се чека за неговото завршување и земјата ќе страда уште многу, но ние ќе ја постигнеме својата цел и ќе бидеме цареви и тогаш ќе мислиме на општата човекова среќа. Меѓутоа, ти си можел уште тогаш да го земеш царскиот меч. Зошто го отфрли тој последен дар? Да си го прифатил третиот совет на моќниот дух ќе си исполнел се што барал човекот на земјата, имено: пред кого да се поклони, на кого да му ја предаде својата совест и на кој начин најпосле, сите луѓе да се обединат во неминовен сеопшт и хармоничен мравјалник, бидејќи потребата од светско обединување е третата и последна мака на луѓето.

Човештвото од секогаш целосно се стремело да оствари универзално уредување. Имало многу големи народи со голема историја, но колку повисоко биле тие народи, толку биле понесреќни, бидејќи повеќе од другите ја чувствувале потребата од универзално обединување на луѓето. Големите освојувачи, Тимурите и Џингисканите, пролетале низ земјата како виор стремејќи се да ја освојат вселената, но и тие, иако несвесно ја изразувале потребата на човештвото од универзално и сеопшто обединување. Да си го примил тој совет и царската наметка, ти ќе си создадел вселенско царство и ќе си овозможел светски спокој. Затоа што, кој треба да владее со луѓето ако не ние кои владееме со нивната совест и во чиишто раце се нивните лебови. Ние сме го зеле царскиот меч и штом сме го зеле се разбира, сме те отфрлиле тебе и сме тргнале по него.

О, ќе поминат уште векови на анархија на слободниот ум, на нивната наука и антропофагија, затоа што, штом почнале да ја градат својата Вавилонска кула, веднаш ќе завршат со антропофагија. Но тогаш ќе доползи до нас ѕверот и ќе ни ги лиже нозете и ќе ги искапи со крвавите солзи од своите очи. А ние ќе го  јавнеме ѕверот и ќе ја кренеме чашата, а на неа ќе биде напишано: „Тајна!“ Но тогаш, токму тогаш за луѓето ќе настапи царството на спокојството и среќата. Ти се гордееш со своите избраници, но ти имаш само избраници, а ние ќе ги успокоиме сите. И дали е така: колкумина од нив, од тие твои избраници,  од силните што би можеле да станат избраници, се умориле очекувајќи те тебе, па ги пренеле и уште ќе ги пренесуваат силите на својот дух и жарот на твоето срце на некоја друга нива и ќе заврши така што токму против тебе ќе го кренат своето слободно знаме. Но ти самиот си го кренал тоа знаме. А кај нас сите ќе бидат среќни и веќе нема да креваат бунт, ниту ќе се уништуваат еден со друг насекаде, како во твојата слобода. О, ние ќе ги убедиме дека ќе станат слободни дури кога ќе се откажат од својата слобода заради нас и кога ќе ни се покорат нам. И дали тогаш ќе имаме право или ќе лажеме? Тие сами ќе се уверат дека имаме право, затоа што ќе се сетат до какво ужасно ропство и збрки доведувала твојата слобода.

Слободата, слободниот ум и науката ќе ги одведат во таква прашума и ќе ги стават пред такви чуда и нерешливи тајни што некои од нив, непокорни и сурови, ќе се уништат самите себе, други – непокорни но слаби ќе се уништуваат едни со други, а третите, што ќе останат немоќни и несреќни ќе доползат до нашите нозе и ќе почнат молежливо да ни викаат: „Да вие имавте право, само вие ја знаевте неговата тајна и ние ви се враќаме вам, спасете не од самите нас“. Добивајќи од нас леб, тие се разбира, јасно ќе видат дека ние нивните лебови, заработени со нивните раце, ги земаме од нив, за да им ги разделиме пак ним. Без никакво чудо; ќе сфатат дека ние камењата ги претвораме во лебови, но повеќе отколку поради самиот леб, ќе се радуваат затоа што го добиваат од нашите раце. Затоа што премногу добро ќе паметат дека порано, без нас, лебовите што ги заработувале се претворале во нивните раце во камења; а кога се вратиле кај нас, тогаш камењата во нивните раце се претворале во лебови. И премногу, премногу ќе проценат што значи да се потчиниш еднаш за секогаш! Додека луѓето не го сфатат тоа, ќе бидат несреќни.

А кој го помогнал најмногу тоа недоразбирање, кажи? Кој го раздвоил стадото и го растурил по непознати патишта? Но стадото пак ќе се собере и пак ќе се покори и тоа еднаш за секогаш. Тогаш ќе им дадеме тивка, смирена среќа, среќа на слабичките суштества, какви што се и создадени. О, ние најпосле ќе ги убедиме да не се гордеат, затоа што ти си ги воздигнал и така си ги научил да бидат горди. Ќе им кажеме дека се слаби, дека се само бедни деца, но дека детската среќа е најслатка. Тие ќе станат плашливи и ќе почнат да не гледаат во очи и да се припиваат до нас од страв, како пилиња кон мајката. Ќе се восхитуваат и вџашуваат гледајќи не и ќе се гордеат поради тоа што сме толку силни и толку мудри што сме успеале да го смириме таквото анархично стадо од илјада милиони. Тие немоќно ќе треперат од нашиот гнев, нивните умови ќе се исплашат, очите ќе им се наполнат со солзи како кај децата и жените, но исто толку лесно, кога ќе им дадеме знак ќе преминуваат кон веселба и смеење, кон светла радост и среќна детска песничка. Да, ќе  ги натераме да работат. Но во часовите кога ќе бидат ослободени од работата ќе им уредиме живот како детска игра, со детски песни, со хор, со невини игри. О, ние ќе им дозволиме и да грешат.

Тие се слаби и немоќни и ќе не сакаат како деца, затоа што ќе им дозволиме да грешат. А ние ќе им речеме дека секој грев ќе биде простен, ако биде направен со наша дозвола, а им дозволуваме да грешат, затоа што ги сакаме, а казната за тие гревови најпосле, ќе ја земеме врз себе. И ќе ја преземеме, а тие ќе не почитуваат како добротвори коишто пред бога ги зеле врз себе нивните гревови. И пред нас ќе немаат никакви тајни. Ние ќе им дозволуваме, или ќе им забрануваме, да живеат со своите жени или љубовници, да имаат или да немаат деца – сето тоа ќе зависи од нивната послушност – и тие ќе се потчинуваат на драго срце и со радост, Најмачните тајни на нивната совест – се, се ќе ни кажуваат нам, а ние ќе решаваме за се и тие ќе му поверуваат на нашето решение со радост, бидејќи тоа ќе ги спаси од големата грижа и од страшните сегашни маки на личното и слободно одлучување. И сите ќе бидат среќни, сите милиони суштества, освен стотиците илјади нивни управувачи. Бидејќи само ние, ние што ја чуваме тајната, само ние ќе бидеме несреќни.

Ќе постојат илјадници милиони среќни дечиња и стотици илјади страдалници коишто го зеле врз себе проклетството од запознавањето на доброто и злото. Тие ќе умираат тивко, тивко ќе гаснат во твоето име и зад гробот ќе наоѓаат само смрт. Но ние ќе ја чуваме тајната и заради нивната среќа ќе ги лажеме со небеската и вечна награда. Затоа што и кога би имало нешто на оној свет, тогаш тоа се разбира, не би било за такви какви што се тие. Зборуваат и претстажуваат дека ти ќе дојдеш и повторно ќе не победиш, дека ќе дојдеш со своите избраници, со своите горди и силни, но ние ќе речеме дека тие се спасиле само себеси, а ние сме ги спасиле сите. Велат дека ќе биде посрамотена блудницата којашто следи на ѕверот и ја држи во своите раце тајната, дека слабите повторно ќе се бунтуваат, дека ќе ја раскинат нејзината наметка и ќе го разголат нејзиното „гадно“ тело. Но тогаш ќе станам јас и ќе ти ги покажам илјадниците милиони среќни дечиња коишто не знаеле за грев. И ние сме ги презеле нивните гревови заради нивната среќа, ние ќе застанеме пред тебе и ќе речеме: „Суди ни ако можеш и ако смееш“. Знај дека јас не се плашам од тебе. Знај дека и јас бев во пустината, дека и јас се храев со скакулци и корења, дека и јас ја благословував слободата со која ти ги благословуваше луѓето, и јас се подготвував да се наредам меѓу твоите избраници, меѓу силните и цврстите, со желба „да го поплнам бројот“. Но се освестив и не сакав да му служам на безумието. Се вратив и им се придружив на оние коишто го поправија твојот потфат.

 

Отидов откај гордите и се вратив кај кротките, заради среќата на тие кротките. Ова што ти го кажувам тебе ќе се случи и нашето царство ќе се создаде. Ти повторувам, уште утре ќе го забележиш послучното стадо коешто на првиот мој гест рака ќе се наведне и ќе ја собира жарта околу кладата на којашто ќе те запалам затоа што дојде да ни пречиш. Затоа што, ако постои некој што најмногу од сите ја заслужил нашата клада тоа си ти. Утре ќе те запалам. „Dixi.“ („Кажав“, заб. прев.)

Иван запре. Се возбуди зборувајќи и зборуваше со занес, а кога заврши, одеднаш се насмевна.

Аљоша, кој за сето тоа време го слушаше молчешкум и пред крајот исклучително возбуден повеќе пати се обидуваше да го прекине зборувањето на брат му, но очигледно се воздржуваше, одеднаш почна да зборува како да се освести, давајќи си оддишка себеси.

-Па… тоа е бесмислица! – викна тој поцрвенувајќи. – Твојата поема е пофалба на Исус, а не обвинување… како што и сакаше. И кој ќе ти поверува во она за слободата? Зарем така треба да се разбере таа? Зарем така се сфаќа православието… Така мисли Рим, но не и цел Рим, тоа не е вистина – тоа се најлошите во католиштвото, инквизиторите, језуитите!… И никако не може да постои толку фатастична личност, како што е твојот инквизитор. Какви се тие човекови гревови коишто ги зеле врз себе? Какви се тие носители на тајната, што примиле врз себе некакво проклетство заради човековата среќа? Кога некој ги видел нив? Ние ги знаеме језуитите, за нив се зборува грдо, но дали се тие такви како што си ги опишал? Тие воопшто не се такви, никако не се такви… Тие се едноставно римска армија за идното светско земско царство на чело со цар – со римски папа…тоа е нивниот идеал, но без никакви тајни и возвишена тага… Најобична желба за власт, за земски валкани блага, за поробување… слично на идното чивчиство, каде што тие ќе станат спахии… тоа е се што имаат. Тие можеби н во бога не веруваат. Твојот инквизитор којшто страда е само фантазија…

– Ама чекај, чекај – се смееше Иван – како си се распалил. Фантазија велиш, па нека е! Се разбира дека е фантазија. Но сепак, дозволи: зарем ти навистина мислиш дека целото тоа католичко движење во последните векови е навистина само обична желба за власт, единствено заради нечисти богатства? Да не те учи така отец Пајсиј?

– Не, не, напротив, отец Пајсиј еднаш ти велеше нешто слично тебе… Но се разбира не е  така, никако не е така – се сепна одеднаш Аљоша.

– Тоа е сепак, скапоцена информација и покрај твоето: „никако не е така“. А сега те прашувам, зошто твоите језуити и инквизитори би се здружувале само заради ниски материјални богатства? Зошто меѓу нив не би можело да се најде ниеден страдалник којшто го мачи голема тага и кој го сака човештвото? Слушај: замисли си дека си нашол барем еден меѓу сите оние коишто сакаат само материјални и ниски богатства, барем еден како мојот старец инквизитор, кој и самиот јадел корења во пустината, беснеел победувајќи ја плотта за да се направи себеси слободен и совршен, но кој во текот на целиот свој живот сепак го сакал човештвото, но меѓутоа неоќекувано открил и сфатил дека не претставува никакво големо морално блаженство да постигнеш совршенство на својата волја за да се увериш истовремено дека милиони други божји суштества останале создадени само за потсмев и дека тие никогаш нема да бидат во состојба да излезат на крај со својата слобода дека од жалните бунтовници никогаш нема да станат великани коишто би ја довршиле кулата и дека големиот идеалист не мечтаел за својата хармонија поради такви гуски. Откако го сфати сето тоа, тој се врати и им пријде… на умните луѓе. Зарем тоа не можело да се случи?

– Кому му се придружил, на какви умни луѓе? – речиси страсно викна Аљоша. – Немаат тие таков ум и никакви тајни и мистерии… Освен можеби атеизмот, тоа им е целата нивна тајна. Твојот инквизитор не верува во бога и тоа е целата негова тајна!

– Нека е и така! Најпосле се досети. И навистина е така, навистина само во тоа се состои и целата тајна. Но зарем тоа не е страдање, дури и за човек како него, што го жртвувал целиот свој живот за подвиг во пустината и не се излекувал од љубовта кон човештвото? На залезот на својот живот тој јасно се убедува дека само советите на големиот страшен дух би можеле колку-толку да обезбедат поднослив поредок за слабичките бунтовници, тие „недовршени пробни суштества што се создадени речиси како за потсмев“. И ете, откако се увери во тоа, тој сфаќа дека треба да оди по упатството на мудриот дух на страшниот дух на смртта и рушењето, а за тоа треба да ги прими лагата и измамата и свесно да ги води луѓето кон смртта и пропаста и притоа да ги лаже во текот на целиот пат, за да не забележат никако каде ги водат, за да се чувствуваат тие кутри слепци среќни барем по патот. И имај на ум, измама во името на оној во чијшто идеал толку страсно верувал старецот во текот на целиот свој живот! Зарем не е тоа несреќа? И кога би можело да се најде само еден таков на чело на целата таа армија „којашто копнее по власт само поради ниските богатства“, зарем не е доволен само еден таков за да биде трагедија?

И не само тоа: доволен е еден таков којшто стои на чело за да се најде најпосле вистинската идеја водилка за целото римско движење, со сите негови армии и језуити, врховната идеја на тоа движење. Јас отворено ти велам дека цврсто верувам дека тој исклучителен човек никогаш не им недостасувал на оние што стоеле на чело на движењето. Којзнае, можеби и меѓу римските папи имало такви поединци. Којзнае, можеби тој проклет старец којшто толку упорно и толку на свој начин го сакал човештвото, постои и сега во облик на цел ред од многумина такви старци и тоа никако не случајно, туку како договор, како таен сојуз, што е создаден оддамна да ја чува тајната, за да се зачува од несреќните и немоќните луѓе, со цел да ги направи среќни. Тоа несомнено постои, а и мора да биде така. Ми се чини дека масоните во својата основа имаат нешто слично на таа тајна и дека католиците толку ги мразат масоните затоа што во нив гледаат конкуренти, гледаат распарчување на единството на идејата, иако треба да има едно стадо и еден пастир… Впрочем, бранејќи ја својата мисла, јас личам на писател којшто не ја издржал твојата критика. Доста за ова.

– Можеби и ти си самиот масон! – му се открадна неочекувано на Аљоша. – Ти не веруваш во бога! – додаде тој, но сега веќе необично тажно. Притоа му се причини дека брат му го гледа со потсмев. – Како ќе заврши твојата поема? – праша одеднаш гледајќи во земјата – или е веќе завршена?

– Сакав да ја завршам вака: кога инквизиторот замолчува, тој извесно време чека што ќе му одговори заробеникот. Тешко му паѓа неговото молчење. Тој гледа дека заробеникот цело време го слуша, сочувствено и мирно, гледајќи го во очи и очигледно не сакајќи да му противречи. Старецот сака тој да му рече нешто, па макар и нешто болно и страшно. Но тој неочекувано му се приближува на старецот и нежно го бакнува во неговата бескрвна деведесетогодишна уста. И тоа е целиот одговор. Старецот затреперува. Нешто заигрува во аглите на неговитте усни. Тој оди накај вратата, ја отвора и му вели: „Оди си и не доаѓај веќе… воопшто не доаѓај… никогаш, никогаш!“ И го пушта „во темните градски улички“. Заробеникот си заминува.

– А старецот?

– Бакнежот му жежи во срцето, но старецот си останува на својата поранешна идеја.

– А и ти заедно со него, и ти? – болно викна Аљоша.

Иван почна да се смее.

– Сето ова е лудост Аљоша, тоа е само бесмислена поема на еден глупав студент кој никогаш не напишал ни два стиха. Зошто го сфаќаш тоа толку сериозно? Не мислиш белким,  дека јас сега ќе отидам таму, кај језуитите, за да влезам во редот луѓе коишто го поправаат Христовиот подвиг? О господи, што ме засега тоа мене? Бидејќи ти реков: да можам само да се довлечкам до триесеттата година, а потоа – ќе го треснам пехарот на подот!

– А лепливите ливчиња, а милите гробови, а синото небо, а саканата жена! Како ќе живееш, како ќе ги сакаш? – тажно викна Аљоша.

– Зарем е можно сето тоа со таков пекол во градите и во главата? Да, ти навистина одиш да им се придружиш… а ако не, ќе се убиеш, нема да издржиш!

– Постои една таква сила што ќе издржи се! – проговори Иван, сега веќе со студена насмевка.

– Каква сила?

– Карамазовска… силата на карамазовската нискост.

– Тоа значи да потонеш во разврат, да си ја задавиш душата во неморал, така ли е, така ли е?

– Можеби и тоа… само до триесеттата година можеби и ќе го избегнам тоа, а потоа…

– А како ќе го избегнеш? Со што ќе го избегнеш? Тоа е невозможно со твоите мисли.

– Пак на карамазовскиот начин.

-Значи ли тоа „се е дозволено“? Се е дозволено, нели?

Иван се намршти и одеднаш некако чудно побледе.

– А, ти се фати за вчерашниот збор од кој Миусов се најде толку навреден… и заради што толку наивно се вмеша во разговорот и коментираше братот Димитриј? – се насмевна кисело Иван. – Па добро: „се е дозволено“, штом зборот е веќе изговорен. Не се откажувам. А ни редакцијата на Митјенка не е лоша.

Аљоша го гледаше молкум.

– Брате, заминувајќи мислев дека на целиот свет те имам барем тебе – рече Иван со неочекувана емотивност – а сега гледам дека ни во твоето срце нема место за мене, мил мој испоснику! Јас не се откажувам од формулата „се е дозволено“ и што дали ти ќе се откажеш од мене поради тоа?

Аљоша стана, му се приближи и молчешкум го бакна нежно во устата.

– Литературна кражба! – викна Иван преминувајќи неочекувано во некакво воодушевување – тоа си го украл од мојата поема! Сепак, ти благодарам. Стани, Аљоша, ајде да си одиме, време е и за мене и за тебе.

Тие излегоа, но се задржаа кај влезот на кафеаната.

– Знаеш што, Аљоша – рече Иван со решителен глас – ако навистина успеам да ги сакам лепливите ливчиња, ќе ги сакам само сеќавајќи се на тебе. Доволно ќе ми биде тоа ти да си некаде тука и нема да ја изгубам волјата за живот. Доста ли ти е тоа? Ако сакаш, сфати го ова како признание на љубов. А сега, ти десно, јас лево и доста е, слушаш ли, доста е! То ест, ако утре не отпатувам (но сигурно ќе отпатувам) и ако пак се сретнеме некако, со мене ни збор за тие прашања! Многу те молам. И за братот Димитриј исто така посебно те молам веќе да не почнуваш разговор со мене – одеднаш додаде налутено – се е исцрпено, за се зборувавме доволно, така ли е? А јас од своја страна, исто така ќе ти ветам нешто: во триесеттата година, кога ќе посакам да го „треснам пехарот на подот“, каде и да се наоѓаш ќе дојдам кај тебе за да поразговарам со тебе… дури и од Америка, да го знаеш тоа. Намерно ќе дојдам. Многу интересно ќе биде и тебе да те видам во тоа време: каков ќе бидеш тогаш? Гледаш доста свечено ветување. А всушност, ние сега се збогуваме можеби за седум, за десет години. Ајде, оди сега кај твојот Pater Seraphicus, бидејќи тој умира; ако умре без тебе можеби ќе ми се налутиш зашто те задржав. Догледање, бакни ме уште еднаш, ете така и заминувај…

Иван одеднаш се сврте и тргна по својот пат без да се обѕрне. Тоа личеше на моментот кога вчера брат му Димитриј си отиде откај Аљоша, иако тоа вчера беше сосема поинаку. Тоа чудно забележување помина како стрела низ тажната мисла на Аљоша, тажна и загрижена во овој момент. Тој почека малку гледајќи по брата си. Одненадеш и неочекувано забележа дека брат му Иван оди како да се тетерави и дека десното рамо кога се гледа одзади како да му е пониско од левото. Порано никогаш не го забележал тоа. Но одеднаш и тој се сврте и речиси се затрча накај манастирот. Веќе беше прилично стемнето и нему му беше речиси страв; во него растеше нешто ново за коешто не го знаеше одговорот. Пак дувна ветар како вчера и стогодишните борови зашумеа кобно околу него кога влезе во манастирската шума. Речиси трчаше. „Pater Seraphicus“ – „тоа име го зел од некаде, ама од каде?“ – помисли Аљоша. – „Иван, кутар Иван, кога ли ќе те видам повторно… Еве го и скитот, господи! Да, да, тој Pater Seraphicus, тој ќе ме спаси… од него и за секогаш!“

Подоцна, неколку пати во животот со големо двоумење се сеќаваше за тоа како можеше толку неочекувано, откако се раздели со Иван, сосем да го заборави Димитриј, кога само до пред неколку часа, утрината, одлучи обврзно да го најде и да не си замине додека не го направи тоа, макар и да не се врати во манастирот таа ноќ.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *