Сутерен.мк

Хедонизмот како убиец на бракот

Големиот број разводи и вонбрачни заедници укажуваат дека клучната општествена институција е во криза. Жените станаа самосвесни и економски независни, помалку спремни на компромиси. Се’ поголемиот број разводи и семејства со по еден родител, порастот на семејното насилство, падот на моралните вредности се дел од искушенијата на денешното семејство. Глобално, но и локално, најважната институција во општеството, најблаго речено, е деградирана

Нештата како кариера, материјализам и лични задоволства се на врвот на животните вредности на многумина, на штета на традиционалното општество. Жените станаа самосвесни, економски понезависни и со тоа се’ помалку подготвени на компромиси. Егзистенцијалната неизвесност е само зацврстување на алибито зошто кај нас бракот е во криза. Додека целибатот во црквата, ќе речат циниците пред се’, значи зачувување на црковниот имот, безженството кај плебсот значи – немање имот.

“Времињата очигледно се менуваат, но сепак, нашата средина се’ уште е многу конзервативна кога се во прашање семејните односи “,вели Весна Аврамовска-Лазеска, раководител на Одделот за брак и семејство во Меѓуопштинскиот центар за социјални грижи на Скопје. “Транзицијата се рефлектира и врз оваа ситуација. Работата секој ден ни се зголемува што значи, се’ повеќе има дисфункционални семејства. Разводите се се’ почести, а стапувањето во брак е последно на листата на животните планови на луѓето”.

Соговорничката на “Глобус” нагласува дека брачната заедница е сложена институција и кога општеството од темел се менува, таа не може со исто темпо да реагира и да се приспособи. “Станува збор за комплексна состојба, поврзана и со моралот и сексуалноста и со слободата и одговорноста и со човековите права и децата, воспитувањето, кариерата, правото итн”, вели таа.

Стандарди

Кај нас, поради економската беда, младите живеат еден вид “продолжено детство” или “продолжена зависност”, т.е. врските меѓу двојките траат со години, но секој си живее кај своите родители, неподготвен да се соочи со должностите што ги носи брачната заедница. Старосната граница за формирање семејство видно е поместена, па така, се’ побројни се оние што свиваат “гнездо” по триесеттата година. Невработеноста (или работењето за мала плата и без здравствено и пензиско осигурување), немањето простор за живеење, високите кирии на становите, притоа без никакви олеснувања од државата, ја отежнуваат и одолжуваат одлуката да се пуштат корени.

“Квалитетот, воопшто, на животот е многу низок. Младите се без работа, без стан, па мора да живеат на товар на родителите, а генерациските јазови се големи. Бракот во такви ситуации најчесто за младите претставува само обврска плус, а не иднина. Така, стратегијата им е одложување на сите важни животни случувања, па и создавањето сопствено семејство. Општата неизвесност си го прави своето. Браковите по првите години (кои се и најранливи) се разведуваат, но се растураат и бракови кои траеле и неколку децении, кои се ‘соочуваат’ со стечај, технолошки вишоци, немаштија… Во секој случај, врз разводот влијае отсуството на информација дека на брачните односи постојано треба да се работи и дека кога тие ќе се нарушат, можат да се поправат. Кај нас, во Центарот, има стручен тим, кој нуди бесплатна помош при вакви проблеми и многупати сме помогнале да се спаси бракот.

Меѓутоа, некогаш и разводот е решение. Знаете, брачната криза често се случува по раѓањето на првото дете, бидејќи брачните партнери немаат доволно време да се посветат еден на друг. (Притоа, се заборава дека за доброто на детето заедницата треба да е складна, но не да се ‘глуми’ хармонија бидејќи, децата особено малите, чувствуваат се’.) Така, сопружниците почнуваат да се развиваат секој во свој правец и полека го губат интересот еден за друг. Лично, верувам во моќта на комуникацијата. Најлесно е да се крене раце од се’. За бракот вреди да се бори, но има и ситуации кога не може ништо да се направи”, вели социологот Арсовска-Лазеска. Таа додава дека, сепак, кај нас ситуацијата не е алармантна и дека бројот на озаконувањето на љубовните врски се’ уште нуди надеж за стабилност на бракот како институција.

Причини

Професорот од Филозофскиот факултет во Скопје, Ивица Џепаровски, е на слично мислење: “Откако постои институцијата брак тој е во криза. Има дополнителни елементи што можат да ја продлабочат неа, како егзистенцијални проблеми, но кризите во семејството се јавуваат и при идеални услови. Денешната ‘криза’ на бракот се должи на се’ поголемата економска независност на жената. Партнерските односи се најкомплицираните односи на светот. Тоа што се’ подоцна се стапува во брак не е бегање од обврски, туку многуте бројни проблеми што треба да се решат претходно. Меѓутоа, оваа институција постои и ќе постои и понатаму, зашто таа е дел од христијанското верување, од културата и убедувањето, но како што се’ се доведува во прашање, така и бракот има свои ‘моменти’ на преиспитување. Во секој случај, нема место за паника”, вели Џепаровски.

Развиениот Запад, пак, токму кризата на христијанството ја наведува како причина за паѓањето на вредноста на бракот. Исламот нема такви проблеми, бидејќи се’ уште се држи до старите норми и од нив ја црпи општествената и морална сила и не сака да ја прифати својата деградација, како што тоа го стори христијанството молчејќи. Причина плус за релативната нестабилност на оваа институција е и тоа што пристигнуваа(т) генерации на практично неподготвени луѓе ниту за работа, ниту за семејство, со драматични појави на агресија. Семејството, училиштето и системот се’ помалку посветуваат време на воспитување на младите да преземаат одговорност за себе и другите. Себичноста, како доминантна особина на западната цивилизација, има свои последици.

Кај нас, од една страна патријархалните модели на живеење ги попуштаат своите рамки, а, од друга страна, модерното семејство се урива затоа што, всушност, со живеењето во заедница со родителите се создава типично традиционално, повеќегенерациско семејство што не кореспондира со денешната “информатичка ера”. (Колку за илустрација: три од четири Данци стануваат независни во својата 20-та година во животот, а 86 отсто од Хрватите на 29 години живеат со родителите, додека пак, дури 66 отсто не можат да си купат стан, а со тоа ни да формираат свое семејство. Две третини од Македонците, пак, добиваат финансиска помош од родителите.)

Кога на оваа транзициска “семејна” недефинираност ќе се додаде се’ поголемото потенцирање на индивидуалноста, амбициозноста, материјалната себичност, добивате немотивирани и незаинтересирани луѓе за живеење во брачна заедница, кои предност му даваат на личното задоволство без обврски. Зашто, во дефиницијата на бракот, пред се’, спаѓаат одговорноста и обѕирот спрема другиот. Кога ќе помине вљубеноста, на сцена стапува животот, кој бара многу разбирање и трпение, а кога ќе се родат децата почнува вистинската борба за опстанок. Средина со толкав број невработени, во која е сизифовски потфат да се дојде до каков било покрив над главата, во која младите се препуштени сами на себе, на современото потрошувачко општество и суровите меѓучовечки односи, создава неизбежно осамени поединци и егоисти.

Кохабитациони заедници

Зборот кохабитација што произлезе од ситуацијата позиционен премиер и опозиционен претседател си најде свое место и во најважната клетка на општеството. Во мода се таканаречените кохабитациони бракови т.е. неозаконети заедници меѓу маж и жена – без обврски, без рок на траење и најчесто без деца. Кохабитациониот соживот е најмасовен во САД и во Западна Европа, од каде што произлезе и тоа дека најдобрата контрацепција се луксузот и кариерата. Кај нас оваа појава зема замав, но, како што вели Весна Арсовска-Лазеска, сепак, тие врски не траат предолго и, што е најважно, најчесто завршуваат со законски брак.

Уште една “мода” во македонските семејства, покрај предбрачните договори, се и засебните банкарски сметки. Се’ помалку во младите брачни заедници е присутен зборот наше, а се’ повеќе се нагласува индивидуалната сопственост и паричен придонес во заедницата. Заедничките трошоци се прифаќаат само во врска со одгледувањето на децата, кои пак, како “последица” на ова, почнуваат да ги носат презимињата и од двајцата родители.

Репродукција на квалитет

Министерството за труд и социјала на Бугарија донесе низа мерки за подобрување на здравствената заштита на децата и трудниците, финансиски стимуланси за младите брачни двојки, поволни станбени кредити, воспостави мрежа за згрижување на децата, поволности за родилките… Целта е репродукција на квалитет – намалување на морталитетот кај новороденчињата, зголемување на стапката на раѓање односно, фаворизирање на бракот како институција и намалување на бројката на оние што ја напуштаат земјата.

ВМРО-ДПМНЕ неодамна најави до коалиционите партнери во Владата дека ќе излезе со концепт за популациона политика, што ќе треба да ги стимулира жените во Македонија повеќе да раѓаат затоа што, според нив, земјава галопирачки влегла во депопулација и стагнирање на брачните двојки на по само едно дете. “Ќе се оди на стимулирање на семејните вредности, на раѓање најмалку три деца. Ќе има предлог породилното боледување од третото дете, натаму, да се зголеми, а жените кои никогаш не работеле, а родиле најмалку три деца, да добијат пензија. Брачните двојки кои веќе имаат три или повеќе деца, ќе имаат привилегии при купување станови и куќи, со тоа што државата ќе им овозможи поволни кредити”, најавуваат од раководството на ВМРО-ДПМНЕ.

По третпат најчесто се женат во Гостивар

Податоците од Државниот завод за статистика велат дека во 2006 година во Македонија се склучени 14.908 брака, што претставува зголемување за 2,8 проценти во споредба со претходната година. Стапувањето во прв брак е најчесто и тоа со учество на жените од 92,3 отсто, а на мажите 89,8 отсто. Во втор брак почесто стапуваат мажите (9,3 отсто) отколку жените (7,4 отсто), а најчестата возраст за мажење е од 20-тата до 24-тата година додека, пак, за женење од 25-тата до 29-тата година од животот. Лани се разведени 1.475 брака и тоа најчесто во старосната група од 25 до 29 години за жените, а за мажите од 40 до 49 години.

Најмногу венчавки (во последните пет децении) имало во 1987 година (16.799), а најмногу разводи во 2004 (1.645). Според статистиката, во минатата година најмногу свадби имало во Гостивар (796), Тетово (791), Куманово (698), Струга (627), Битола (601), а од Скопје во Чаир (571). Интересно е и тоа што Македонците, во принцип, ретко влегуваат во брак по третпат (а кога е вториот брак во прашање, почесто тоа го прават мажите од жените), но најмногу “веруваат во трета среќа” во Скопје и во Гостивар каде што во 2006 осумнаесет мажи се женеле по третпат. Најмлади склучуваат брак во Струга, Тетово и Куманово, а по триесеттата најчесто стапнуваат на лудиот камен во Скопје и тоа во Општина Аеродром, во Прилеп, Куманово и Гостивар.

Чекајќи ја благосостојбата

“Културната глобализација (пред се’, американизација) на нашиве простори се чувствува уште од времето на социјализмот: сетете се на маратонските сапунски серијали “Династија” и “Далас”, кои, ако добро се сеќавам, се прикажуваа додека СФРЈ се’ уште постоеше. Во тоа време (за време на кризата на социјализмот) се чувствував небаре убавиот живот се случува таму некаде, на местата каде што се снимаа таквите серии и сите холивудски филмови, каде што се возеа луксузни автомобили, се живееше во раскошни куќи и се слушаше ‘контрареволуционерна музика’.

Непосредно пред и по распадот на СФРЈ и на источниот блок во воздухот се чувствуваше оптимизам дека таквиот живот сега ќе почне и нам да ни се случува. Така и се случи. Барем донекаде. Младите луѓе кои се најдоа затечени од новонастанатите случувања (т.н. транзициска генерација, во која спаѓам и јас со своите 29 години) влегоа во состојба на постојано исчекување на богатството; некои од нив не го чекаа, туку почнаа да го бараат и да се занимаваат со некои (полу)сомнителни бизниси (работењето и “правењето пари” по 1991 година почна да се означува со тој збор).

Еве го и најчестиот след на нивните/нашите мисли: прво заработка на многу пари, автомобили, јахти, куќи, задоволства (со други зборови, она што во социјализмот не поминуваше), а бракот отпосле – по задоволувањето на сите желби. Бракот денес најчесто се сфаќа како една од најголемите пречки на патот кон остварувањето на желбите кои се условени од парите. Затоа, мислам дека проблемот на поместувањето на старосната граница на сопружници кои за првпат стапуваат во брак (разбрав дека таа граница има тенденција загрижувачки често да ја преминува 30-тата година) лежи токму во тоа тежнеење кон пролонгираното збогатување, бидејќи уште од самиот почеток на транзицијата ни се сервира идејата дека благосостојбата само што не дошла. Да почекаме уште малку?”, вели Вангел Ноневски, демонстратор на Филозофскиот факултет во Скопје и се’ уште неоженет.

Саем на разводот

Кон крајот на минатиот месец, во Виена се одржа првиот Саем на разводот, на кој посетителите можеа да се консултираат со адвокати, брачни советници, агенции за недвижности и психолози како најбезболно да се разведат и како, потоа, најдобро да го организираат својот живот. Најчестите прашања биле околу алиментацијата и старателството врз децата. Организаторите планираат во иднина саемот да се одржува двапати годишно, имајќи предвид дека е голем процентот на разводи во Австрија.

Во Меѓуопштинскиот центар за социјални грижи во Скопје велат дека од брачното пристаниште најбрзо може да се излезе со договор меѓу двајцата партнери, околу имотот и одгледувањето на малолетните деца и алиментацијата. Центарот спроведува постапка на помирување на сопружниците, пред се’, имајќи ги предвид интересите на децата, на барање на судот особено, кога разводот се води тужбено (без договор). Разводите со тужба се и најчестиот начин на прекинување на брачната заедница во Македонија.

Бранка Д. Најдовска
“Глобус”, 2007 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *