Сутерен.мк

Поради климатските промени ќе јадеме инсекти!?

Според извештајот на светската организација за храна (како што пишува сајтот Klima 101), моментно две милијарди луѓе на светот се погодени од некој облик на несигурност во исхраната, од кои 700 милиони страдаат од глад. Оваа бројка во наредните години се очекува дека ќе се зголемува и зголемува…

Кога се зборува за влијанието на исхраната на климатските промени најмногу се мисли на производството на месо, кое е одговорно за речиси 60 проценти од сите емисии на прехранбената индустрија. Особено обработката на говедското и јагнешкото месо имаат огромно влијание во „загревањето“ на планетава во споредба со другите намирници.

Најмногу црвено месо се конзумира во Северна Америка и Европа – дури за шест пати повеќе од оптималното за да се сочува здравјето на луѓето и планетата. Ваквите трендови не се одржливи и на светско ниво веќе почнува да се развива пазар за производство на инсекти кои би биле одлична замена за протеините што ги добиваме од месото.

За таа цел, веќе се класифицираат јадливите видови инсекти и се пресметува нивната нутритивна вредност. Па така на пример, во сто грама скакулци има приближно исто протеини како и во пилешкото, свинското и говедското месо, а присуството на железо е значително поголемо. Всушност, одредени инсекти уште сега се мелат во прав со намера да се додаваат (а можеби и веќе се!?) во протеинските чоколадца или брашно! Нивната примена може да се прошири и во додавање на безмесните хамбургери, кобасици, но и како храна за живината, стоката или рибите.

Иако денес на повеќето од нас ни е одбојна идејата на чинијата да имаме јадење од инсекти, тие биле постојан дел од исхраната на нашите предци. Добар дел од светот впрочем, не ни престанал да ги јаде т.е. околу две милијарди луѓе се уште користи две илјади разни инсекти во својата прехрана, најмногу во Азија и Јужна Америка.

Меѓутоа, работите брзо се менуваат. Европската агенција за безбедност на храната веќе ја одобри употребата на еден вид на ларви за човекова исхрана, а се очекува на нашето мени да се најдат и други видови што се дел од храната на другите континенти. (Веројатно на масата нема да ги имаме во нивниот интегрален облик, туку како разни преработки.)  Компаниите пак, што (ќе) се занимаваат со одгледување на инсекти, секојдневно стануваат се побројни.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *