Сутерен.мк

Што не чека во 2022-ра?

Овен

Како и до сега, ќе се брука не пропуштајќи прилика, на најлош можен начин, внимавајќи на сите детали што се параметри за социјално бламирање! Ќе се вљубува и одљубува на секоја кривина, но тој има една златна тајна: животот е краток и не вреди да се плаче за било што, предолго. Не дека Овенот не страда, ама малку му треба за да „зацели“. Што и да биде на крајот секако, ќе заврши со најкретенот што ќе го сретне. Накусо, тупаво створење.

Бик

Бикот ќе продолжи да бара се брзо и се многу и нормално, ќе остане пак, на кратки гаќи! Нема да престанеме да се чудиме како овие мрзеливи и паразитски скроени персони и понатаму ќе имаат коментар за се што се случува, како се убедени дека се нешто битни и дека некој им го есапи мислењето?! Ах, да: оваа година особено ќе фантазираат за слава, пари и почит. Никако да сфатат дека на тротоарски алапачи ништо од ова не им се случува.

Близнаци

Овие па?!
Прелепотаниве и прелепотициве и следната година ќе копнеат по својата сродна душа иако, веќе имаат начукано по седум децении, ако не и повеќе! Секако дека нема ништо лошо во тоа, лошо е што им се додворуваат на вашите деца – кои имаат по пет децении! Ама, што знаат деца што се педесет години?! Не знаат ни Близнациве, па најдобро е да ги изолирате следната година. Море, за цел живот! И така ве дружат само кога ним им е досадно.

Рак

Ако не е разведен, ќе се разведе и ќе плаче. Ако не е во врска, ќе плаче, а ќе плаче и ако е во врска. Значи, ќе плаче. Плач, плач, плач… Тоа е. Толку е. (Фалат уште три реченици? Ок.) Ќе цмиздри, ама страшно ќе му успее за својот пораз да обвини некој друг и преполн шарманција, да заглави нова личност во сопствената несигурност. А, да: и нема да пропушти да има мислење за сечие однесување за коe тој мисли дека мора да има мислење. И мислам, доста е…

Лав

И во 2022 – ра овие мачки ќе бараат нивното влегување во било која просторија да биде проследено со фанфари зашто се убедени дека присутна е барем една личност која ги обожува. Да има, самиот Лав. Остануваат и понатаму напорни, со огромна потреба да бидат глорифицирани без разлика на се, не дозволувајќи никому да ја почне реченицата со „јас“ и нормално, без никаква најава дека ќе се откажат од барањето на „влакното во јајцето“.

Девица


Знаете дека најсвирепите убијци се во знакот на Девица? Епа, сега знаете. Годинава шо следи, овој знак збудален од пандемијата, ќе го помине во смислување начин како да ве ликвидира без казниви последици. Затоа што се кукавици и искомплексирани психопати опседнати само со себе и своите маани (кои така фино тоа го нарекуваат „склоност кон совршенство“), кога ќе ги прочитате дека не се никаков андроид, туку банален манијак – крк!

Вага

Додека светот пропаѓа, тие и понатаму ќе се обидуваат да наплатат за секој потег што го направиле. Особено, сексуален. И ќе го! Нема да прават ништо, само ќе дрдорат. Оваа година и повеќе од обично, затоа што дефинитивно се решени да уловат моќна личност, која ќе одлучува наместо нив, а тие ќе манипулираат со неа од сенка. Не, нема да ве убие коронавирусот. Ќе умрете од сифилис доколку се сплеткате со некоја Вага.

Шкорпија


Шкорпиите, како што веќе ви е кажано, се незрели, невоспитани, подли, одмаздољубиви, бесни, гневни, суетни, кои ќе касаат уште повеќе во следните 12 месеци. Делуваат интелигентно и лукаво, а во суштина на емотивно ниво се деца на петгодишна возраст. Сепак, не го заборавајте злопамтењето на тоа дете. Дури и по цена на сопствено уништување, ќе ви наплати и тоа токму во оној момент кога ќе ја заборавите и причината за тоа! Епа, среќно…

Стрелец


Просто жал чоек да го фати кога ќе ги види годинава. Стрелците уште поупорно ќе мижат пред фактот дека нивнот систем на вредности е тотално утнат. А сепак, се движат напред?! Хм, дали и оваа година ќе биде исто? Очекувањата се дека нивните филозофски шлапатарења, кои немаат врска со животот конечно, ќе им преседнат на сите и ова суштество, тотално неспособно за опстанок да не му е тој вроден шарм и заводливост, ќе биде шутнато каде што треба.

Јарец

Можеме да им честитаме во борбата за ништо! Се џилитаат, работат, лично напредуваат и пак, ни во 2022-ра ништо од нив! Тотално разочарување се. Секако, за оние кои им веруваа, но и за самите себе, ама не признаваат. Впрочем, какви снаодливи се, лесно ќе не убедат дека е всушност 2028-ма! Одете бе легнете си, што сте се запнале да читате хороскоп ден по Нова година?! Нетокму сте, жими се.
(А и оваа што го пишува ова.)

Водолија


Уште сте тука?! Добро. Водолијата како докажан саможивник, откако ќе дојде до некаква сума на пари, ќе се истакне во ставот „ме заболе за тебе“! Бидејќи Водолиите без грам сомнеж се сметаат себеси за несфатени гении, особени, екстравагантни, аристократи и тоа како овојпат ќе ви нагласат дека со вас се заради нивната пожртвуваност, а не дека вредите нешто. Плус, ако не сте во добра финансиска кондиција… (Објавете со време сметка за донации. За погреб. Ваш.)

Риби


Како специјални невротичари, Рибите и оваа година нема да се откажат од комплицирањето на се и сешто, па и на тоа, зошто врапчињата повеќе не им доаѓаат под пенџер! Како натурални параноици, ќе бидат убедени дека коваат заговор против нив. Врапците, да. Тие немаат слушнато за рисајкл бин и на овој термин годинава ќе оглуват тотално. Што да се каже? Не можете да победите, не можете да продолжите, не можете да се откажете… Не можете ништо.

Среќна уште една иста, стара Нова година!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *