Сутерен.мк

Ѕвездан Георгиевски: Во светот на бајките

Еден мој пријател летоска, додека ставаше темели и почна да гради куќарка, што уште по навика ја нарекуваме викендичка, повика еден надри мајстор за фенг шуи да му даде совети за поставеноста на собите, а подоцна и за уредување на ентериерот. Фенг шуи е древна кинеска уметност за уредување на просторот во кој човекот (треба да) живее. Наводно станува збор за односот меѓу земјата и водата, од кого пак зависи дали куќните духови ќе се чувствуваат добро или лошо. Од нивното расположение, пак, зависи и вашето чувство. Со други зборови, во однос на рационалното мислење на кое денес сме навикнати да размислуваме, а особено ако се знае дека куќните духови во кинеската митологија се змејови, јасно е дека станува збор за – будалаштина. „Ако на змејот му е лошо, тогаш ќе ставите црвен аквариум во овој агол“.

Денес архитектурата е егзактна наука. Таа се расправа со формули за агли, влез на светлина, просторна ефикасност и со уште милион работи за кои обичниот лаик не е ни свесен, а не со доброто расположение на змејовите. Од друга страна, сведоци сме низ целата историја, а богами и во последните години, дека се појавија еден куп архитекти, кои применуваат високо-научни критериуми, а сепак зградите, куќите, становите… и не се премногу пријатни за живеење.
Не знам, еве на глас размислувам: можеби понекогаш би требало да се прашаме „Како змејот би живеел тука?“. Односно, „Можеби, ако змејот не стаса на време до клозетот, ќе се налути, па ќе мавне со опашката и ќе ја скрши вазната?“. Или, „Во оваа врата би се заглавил змејот, па не е лошо да направам подобар пристап“. Со други зборови, ете, ако размислуваме дали ако змејот би бил среќен тука, ќе се случи чудо и ние самите ќе бидеме среќни на тоа место.

Да, добро. Факт е дека змејовите не постојат, па според тоа не може да им биде ниту добро ниту лошо, односно не можат да бидат ни среќни ни тажни. Факт е дека никој од нас не видел змеј. Сепак, факт е и тоа дека сите ние знаеме како изгледа змејот. И сите имаме некаква претстава кога нему би му било добро, а кога лошо. Само што можеби ретко или никогаш не ни текнува на него.
Според тоа, тезата е дека, додека стануваме се’ пописмени во некаква научна смисла, додека го рационализираме умот до крајни граници, можеби треба понекогаш да се сетиме дека бајките што порано го окупираа овој свет веројатно имаат некаква функција и некаква смисла. Некогаш е добро да се обидеме да ги сфатиме, сочуваме и примениме нивните основни поенти. Можеби на рационалниот ум и не му е јасно, односно му е неприфатливо постоењето на бајките во овој денеше 21-вековен свет и веројатно не знае зошто тие воопшто се тука, сепак треба да се земе предвид дека можеби за тоа постојат некакви сосема практични причини.

Бајките тука, се разбира, се само метафора на еден цел комплекс таканаречено органско мислење, нешто што се наоѓа веднаш под површината на нашата свест. Најчесто тоа го нарекуваме „инстинкт“, а не знаеме ниту да си го објасниме, ниту дали да му веруваме. Но, тоа не го побива фактот дека постои цел дијапазон работи што знаеме КАКО да ги направиме, при што не знаеме ШТО правиме. Даглас Адамс во својот есеј „Има ли вештачки бог?“ преку овој пример го објаснува овој тип мислење: замислете дека некој ви дофрла топче за крикет. Вие можете да седите, да гледате и да кажете: „Оди на 17 степени“, да почнете да чкрткате нешто на хартија, малку да пресметувате итн. И на околу една недела откога топчето пролетало крај вас, можеби и ќе пресметате каде тоа ќе се најде и како да го фатите. Од друга страна, едноставно можете да ја испружите раката и да го фатите топчето.

Тоа што овој пример делува просто е само потврда на важноста на „оностраното“ мислење. Едноставно, станува збор за вештина што во себе содржи обработка на повеќе сложени интеграции на повеќе сложени феномени, што, на крајот, ни овозможува да кажеме: „Види, топчето доаѓа кон мене. Ајде да го фатам“.

Destination Decoration Outdoor Seascape Concept

Во таа смисла, искуственото мислење, значи она што се наоѓа под површината на свеста, односно „во светот на бајките“, не толку благодарејќи и’ на науката (иако и таа не е незаслужна), туку на нешто што можеме да го наречеме „искуствена стекнатост“ или подобро „стекнато искуство“, содржи купишта вакви вештини, кои, со индустриската ера, а денес уште повеќе со дигиталната ера, стануваат, не одвишни, туку, едноставно, заборавени.

Ајде, уште еден пример. Овојпат од Џон Ридер и неговата книга „Човек на земјата“. Бали е островска земја и пренаселена. Живее речиси исклучиво од одгледување на ориз. И тоа нејзините жители добро го прават. Меѓутоа, сите датуми околу одгледувањето на оризот им се запишани во нивните храмови – онака како Бог заповеда. Некаде во 70-тите години кај нив стасуваат стручњаци од Запад, кои, изненадени од нивниот начин на работа, ги уверуваат дека приносите на оризот можат да им бидат двојно поголеми, само ако ги применат научните методи на неговото одгледување. И, навистина, приносите рапидно растат. Неколку години. Потоа драстично опаѓаат. Едноставно, се пореметила рамнотежата меѓу предаторите, жртвите и штетниците. Набргу земјоделците се враќаат на својот „религиозен“ календар и повторно ја доведуваат работата во нормала.

Луѓето од Бали се чудат на нашата врзаност кон материјалните добра и ни порачуваат дека треба да се ослободиме од нашата идеја за рационалноста, односно да почнеме да им веруваме на инстинктите и искуствата. Ние, ете, едноставно знаеме дека тоа кај нас нема да успее.
Ги заборавивме бајките!

(Авторот е новинар. Фото: Владимир Плавевски)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *