Сутерен.мк

Јасна Котеска: Како да (не) потпишеш брачен договор?

Драмата на вереникот гласи: толку не знам што ќе бидам утре, затоа што и ова денес е само привид, што не сакам да го потпишам брачниот договор
Не постои територија што ми припаѓа. Секој успех е митологија на украденото

Во строго филозофска смисла, секое одбивање да се биде врзан со договорот, па и со брачниот договор, е оправдано. Кога свечено изјавува „во добро и зло“, човек најчесто навистина сака да ја зборува вистината. Но, иако сака да ја зборува вистината, човекот нема начин да остане доследен на својот договор, затоа што светот во којшто живее е противречен. Исто така, и човекот по себе е противречен. Таа противречност не’ тера никогаш докрај да не можеме да ги испочитуваме правилата и секогаш да бараме збор што нема да не’ обврзе на ништо. Но, таков збор нема.

Од богатата литература на оваа тема, еве денес една приказна, расказот „Пресуда“ од Франц Кафка. Главниот јунак, Георг Бендемен, е успешен по сите стандарди на светот. Го наследува семејниот бизнис од татко си, воведува новини и станува уште побогат. Се свршува со една супер богата наследничка, ала Парис Хилтон, и секој момент треба да стапат во брак. И тука започнува драмата. Тој би се женел, нема проблем, но не знае како да му го соопшти тоа на својот најдобар пријател. Овој пријател е се’, што Георг не е. Кога му пропаднал бизнисот, пријателот се преселил во Петроград, кадешто ги изгубил сите стари пријатели и не стекнал нови. Нема пари, никој не го сака и како капак на се’, се разболува. Вереницата на Георг, Фрида, е гневна. Го замразува пријателот што неочекувано и’ застанува на патот на среќата. Му се заканува на Георг: „Ако имаш такви пријатели, Георг, не требало воопшто да се вериш!“

И додека како читатели сме веќе сигурни дека Георг е геј во едно несреќно време, следни најдраматичниот момент. Таткото на Георг, лут поради колебањето на синот, во драмскиот пресврт, ни ја соопштува шокантната вистина: „Ти немаш никаков пријател во Петроград. Секогаш си бил шегаџија, па не отстапи ниту во овој случај!“ Веридбата пропаѓа, Георг ја напушта Фрида и признава дека лажно смислил пријател за да одолговлечува со стапувањето во брак.

Приказната на Кафка е тотално опскурна и во тоа е нејзиниот шарм. Георг не си оди од вереничкиот договор со вообичаените извинувања: Не те сакам повеќе, Си најдов друга, Не сум подготвен за брак…Тој крие друга тајна од сложените лавиринти на љубовта и очекувањата. Тој се решава на неочекувана лага. Измислува пријател што наводно живее во Петроград, додека „пријателот“живее во самиот Георг. Како што рековме порано, Георг е успешен. И колку повеќе е успешен, толку е посилна неговата потреба да создаде лажно Јас, кое ќе биде се’ што тој не е. Георг е богат, лажното Јас е сиромашно. Георг е привлечен, лажното Јас е одбивно. Георг е заводник, неговото алтер Его е чист лузер, итн. Во Георг всушност живее свеста дека не постои такво нешто како инхерентна сопственост на субјектот. Неговиот „двојник“ кажува дека не постои територија што ми припаѓа. Секој успех е митологија на украденото.

Неговиот метод точно ја објаснува драмата на вереникот. Таа драма гласи: толку не знам што ќе бидам утре, затоа што и ова што сум денес е привид, што не сакам да се врзам за никаков брачен договор. Оваа радикална приказна ја кажува филозофската вистина. Наспроти неа, ние луѓето одлучуваме да останеме покрај оние за кои знаеме дека ќе останат докрај, без оглед на се’. Тоа е делот во кој човекот, и по цена на ризик и пораз, решава да се обиде. Што е, без никаков цинизам, едно од можните лица на љубовното витештво.

(Авторката е македонска писателка, теоретичарка и филозоф. Работи како редовна професорка по книжевност, родови студии и теориска психоанализа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Има објавено 11 книги и преку 200 студии, преведени на 12 јазици.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични ставови на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *