Вие, од Источна Германија, го имавте најдобриот секс на планетата! Добриот секс е возможен само во сиромаштија!
1.
На насловната страница на Шпигл, неколку години по обединувањето на двете Германии, се појави ударниот текст со наслов „Во ДДР луѓето немаа ништо, но барем имаа добар секс!“ Објаснувањето гласеше дека во ДДР владеела сиромаштија. Немало телевизори, информации, неонски реклами, владеела темница. А што се прави во темница? Па, се води љубов. Луѓето немаат ништо, но се имаат едни со други. Ова воедно беше и критика за отуѓеноста поради преполните самопослуги на Запад. Збудалени пред дилемата да купам Сименс или Ериксон, луѓето забораваат на својата примордијална слобода и телесност. Наместо едни во други, сексуалноста ја инвестираат во предметите. Стануваат, со други зборови, жртви на Марксовиот вишок капиталистичка вредност. Жртви, всушност, на вишокот ИЗБОР.
Еден пријател роден во Источен Берлин, неодамна, ми го потврди стереотипот за „најдобриот социјалистички секс во ДДР“. По паѓањето на Берлинскиот ѕид, неговиот новостекнат пријател од западниот дел на градот му признал:
„Ви завидувам на вашите социјалистички вештини“. „Не знам за какви вештини зборуваш“ – збунето прашал мојот пријател. „Само велам дека вие, од Источна Германија, го имавте најдобриот секс на планетата.“ „Не знаеш што зборуваш“ – возвратил мојот пријател. Обајцата го напуштиле разговорот збунети. Мојот пријател поради доказот дека капиталистичките рафтови не биле магичната формула за уживање. Неговиот пријател поради сознанието дека и „немаштијата“ не значела – подобар секс.
2.
Носталгичниот сон за социјалистичкиот секс за кој пишуваше Шпигл, е во најмала рака, интересен. Ако размислиме подобро, не постоеше ниедна добра причина да се тврди дека во социјализмот цвета добар секс. Прво, затоа што не постоеше доктрината за „слободна љубов“ – таа беше капиталистичка. Второ, социјализамот се продаваше како морална и семејна рехабилитација за раштиманите морални вредности на перверзниот капитализам. Се пледираше за еднаквост на половите, но преку чудното поништување на сексуалните тензии. Социјализмот не беше општество на избор, па ни на сексуален избор. И конечно, ДДР како најтврда верзија на сталинизмот, важеше за милитантна, маскулина, спартанска и аскетска држава, од која е исцедена и последната трага на еротика.
Зошто тогаш луѓето веруваа дека сексот во такви услови е добар?
3.
Одговорот е едноставен. И делумно, расистички.
Луѓето отсекогаш веруваат дека сиромаштијата е секси.
Постои јасна фантазмагорична врска меѓу сиромаштијата и сексот.
Последниот голем европски роман, „Платформа“ на Улбек, е всушност приказна за утописката верба дека добриот секс денес е возможен само со проститутките од Азија. Затоа што тоа е секс на очајно сиромашните жени од Азија. Улбек го преповтори стереотипот дека само тие што се цивилизациски „под нас“, ја уживаат сексуалната слобода.
Ми текнува на еден постар пандан. Во поемата „Цигани“ на Пушкин, Алеко се вљубува во убавата Циганка и заминува да живее со неа во природа. Кога таа го напушта за друг, тој ја убива. Нејзиниот татко го изгонува со зборовите „Не си и’ достоен на слободата, затоа што со себе носиш ропство“. И Пушкин, како и Улбек, заговарал дека „цивилизираните“ се љубовни егоисти. Дека, сексуалната слобода е привилегија на „егзотичните“. И романтизмот ја негувал доктрината за сексуална сиромаштија. Што значи дека фантазмот од Шпигл е многу постар од парадоксите на Студената војна.
4.
Луѓето го сексуализираат туѓото искуство, особено ако тоа е сиромашно. Веруваат дека подобро се ужива во Третиот свет, на Ориентот, кај сиромашните, меѓу луѓето од поразените системи и од корумпираните општества, меѓу потчинетите. Кога, едно време, Бугарија беше посиромашна од нас, мажите од Македонија развија разиграна мрежа на сексуални фантазми за бугарските жени. Денес, оваа утопија полека умира, или е тешко одржлива.
Сепак, треба да се рече. Сонот за сексуалната сиромаштија е утописки. Како што е утописка вербата дека има слобода таму кадешто нема избор. Еден пример е Енгелс. Тој бил автор на комунистичката Библија за семејството. Самиот никогаш не се женел. Живеел истовремено со две девојки, родени сестри. Изјавил дека без жени, животот не би имал смисла. За себе, како носител на номенклатурата, си одобрил можност за избор. Но, не и за другите. Овие двојни стандарди се најмалиот од можните симптоми за болеста на тој систем.
Додека, вистината е дека сексот е добар или не, затоа што не зависи од идеологиите. Односно, станува добар кога ќе успее да не зависи од нив.
(Авторката е македонска писателка, теоретичарка и филозоф. Работи како редовна професорка по книжевност, родови студии и теориска психоанализа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Има објавено 11 книги и преку 200 студии, преведени на 12 јазици.)
*Ставовите изнесени во колумните се лични ставови на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk