Граѓаните кои биле приведени, лишени од слобода или задржани во полициска станица, многу малку го користеле своето право на заштита од адвокат и правни служби.
Народниот правобранител Насер Зибери вели дека на местата каде што лицата се приведуваат има недостиг на ажурирани списоци на адвокати кои даваат правни услуги, а има полициски станици каде воопшто нема такви списоци.
“Лишените лица, само пет отсто од нив користат право на одбрана од адвокат, додека притворените до 15 проценти. Присуството на адвокатите во првата фаза од лишувањето од слобода и притвор е многу важно како начин да се заштитат правата на овие лица и да се создаде рамнотежа помеѓу лицето против кое се преземаат овие мерки и институциите со посебни овластувања“, рече Зибери.
Претседателот на Адвокатската комора, Љубомир Михајловски вели Адвокатите се нудат, но пари нема:
„Ниту денар државата не им исплатила, а ниту ги ангажирала иако, законот предвидува 24 часа можност за адвокат по службена должност. Да се подготвува одбрана со притворени лица е тешко, а често судовите определуваат мерка пртивор наместо други алтернативни мерки. Наместо да работиме про – боно потребно е да изградиме систем заедно со државата во кој уште во најрана фаза од постпаката ќе се вклучиме во заштита на правата.“
Поради тоа што системот со полн со недостатоци, Адвокатската комора и Народниот правобранител со поддршка на Европската комисија потпишаа меморандум за соработка за зголемување на свеста на граѓаните и институциите за правото на граѓаните на заштита од адвокат.